Skip to main content

СИНДРОМ „ИГНОРИРАЊЕ НА КВАЛИТЕТОТ“: КОГА ПОСЛУШНОСТА ЌЕ ГО ПРОГОНИ КВАЛИТЕТОТ НА МАРГИНИТЕ

Многу често, врвните и независни научни кадри во државата се соочуваат со затворени врати. Нивната „вина“ е едноставна: немаат партиска позадина, а нивните идеи бараат сериозна работа, а не евтин популизам. Критериумите за вработување овде одамна се мета на потсмев – деградирани од партиски влијанија и фаворизирање на кандидати со партиска книшка, наместо со реален интегритет и капацитет.

Човек кој стекнал знаење со чесен труд тешко се вклопува во „пазарниот“ систем на македонското општество, каде партиската книшка тежи повеќе од секоја универзитетска диплома. Тоа што системот не го користи неговиот потенцијал е загуба за државата, а не за поединецот. Кога независните интелектуалци се трудат да го зачуваат својот образ чист, системот гради недоверба кон нив и токму затоа таквите луѓе се оставени на маргините. Кога една држава со години гради систем во кој партискиот послушник вреди повеќе од образованиот интелектуалец, таа свесно ја потпишува сопствената капитулација.

Тоа што младите и исклучително образовани луѓе често се принудени да размислуваат за заминување е директна последица на воспоставениот систем кој не знае да го препознае и да го задржи сопствениот квалитет. Заминувањето веќе не е само прашање на пари, туку бегство кон системи кои ја вреднуваат меритократијата, кои нудат буџети за истражување наместо бирократски кочници и кои го штитат менталното здравје на професионалецот. Тоа е чин на зачувување на човечкото достоинство по години поминати во исцрпувачка „борба со ветерници“.

Оваа негативна селекција раѓа долгорочна системска гнилеж. Кога клучните позиции во образованието, здравството и науката ќе се наполнат со послушни наместо со способни, институциите ја губат својата примарна функција. Тие стануваат празни лушпи, неспособни да генерираат развој, туку само да го одржуваат статус-квото во корист на владејачките елити. Трагедијата е што оние кои остануваат, а одбиваат да се корумпираат, стануваат „тивки странци“ во сопствената татковина – невидливи за очите на јавноста и нечуени од оние кои одлучуваат.

Ако сепак тие млади луѓе одлучат да останат, единствената надеж е дека еден ден критериумите ќе мора да се сменат под притисок на меѓународните стандарди, па стручноста и компетентноста ќе дојдат на прво место. Но, се чини илузорно дека спасот ќе дојде од надвор. Впечатокот дека и меѓународната заедница веќе има „кренато раце“ е сосема оправдан кога ќе се погледнат резултатите на терен во Македонија. Со децении, странските амбасади и ЕУ „истураат“ милиони евра во проекти за реформи. Локалните политички елити со задоволство ги земаат парите, ги потпишуваат стратегиите, а во пракса продолжуваат по старо. Истовремено, странските донатори влегуваат во безбедна зона – соработуваат со етаблирани бирократски мрежи каде парите се трошат на скапи ручеци, рутински конференции и површни извештаи, целосно игнорирајќи ги младите научни капацитети. За меѓународниот фактор, геополитичката стабилност е секогаш поважна од внатрешната правда. Полесно им е да пазарат со корумпирани моќници, отколку да ги штитат чесните поединци.

Кога реторичките критики од амбасадите ќе станат само протокол без последици, тоа е јасен знак дека интелектуалците се оставени сами на себе. Во земја каде ниту домашниот систем има срам, ниту странскиот притисок има моќ, егзодусот на квалитетот не е избор – туку тажна, но логична неопходност. Ова е реалноста за Македонија, но таа е целосно логична за луѓето кои премногу вложиле во своето образование за да дозволат да бидат маргинализирани од просечноста.


Пишува: д-р Илија Јованов


Comments

Popular posts from this blog

Златно доба на корупцијата

Кога во 165 година на новата ера, пандемијата на чума потрајала цели 25 години, косејќи дури и по 2000 животи дневно, Марко Аврелиј бил командант на данубијанската област и во тоа својство задолжен да се справува со болеста. Тој бил еден од ретките што во тоа време водел дневник (под наслов „Разговори со самиот себе“). И тој и неговиот дневник останале запаметени во историјата делумно и заради реченицата: „Најстрашната зараза е корупцијата, полошо од која било инфекција, зашто доживотно ги загадува луѓето“. Марко Аврелиј важел за интелектуалец помеѓу римските императори, а до нашиве времиња стигнал и како една од најоспоруваните историски личности во Америка, за време на владеењето на Роналд Реган и неолиберализмот. Неговата сентенца дека „даноците се цена на цивилизацијата“ била оспорувана како да ја кажал некој од тогашните влијателни сенатори, а не државник од пред речиси две илјади години. Разумот боде очи зашто не застарува. А дека Аврелиј не претерувал се потрудил да докаже латин...

МЕРИТОКРАТСКА ЕРОЗИЈА

Во секое општество постои момент кога компетентноста престанува да биде предност, а незнаењето станува привилегија. Кај нас, тој момент одамна е надминат. Денес, функционално некомпетентните не се случаен пропуст, туку последица на подлабок процес: системско разградување на стручноста, каде лојалноста значи повеќе од знаењето, а просечноста има поголема шанса да биде наградена од извонредноста. Оваа појава - меритократска ерозија - не започнува драматично. Таа тивко се вгнездува во институциите преку „привремени“ решенија, импровизирани кадровски избори и нормализирање на нестручноста како „флексибилност“. Но, кога еднаш ќе се утврди, постанува правило. А кога просечноста ќе стане норма, тогаш проблем не се поединечните грешки - проблем е системот кој ги произведува. Посебно е забележлива таму каде што треба да биде најмалку видлива: во јавниот сектор и правосудството. Кога на позиции од јавен интерес се поставуваат луѓе без основни знаења, без аналитичка дисциплина, без професионални ...