Skip to main content

Илија Јованов: Македонија – од заробена држава до хибриден режим

Од оаза на мирот до конфликтно подрачје

Република Македонија во 1990-те години на минатиот век беше нарекувана со епитетот „оаза на мирот“, алудирајќи на фактот дека беше единствена република која отцепувањето од поранешна СФРЈ не го означи со крв на нејзина територија, туку со демократски референдум, како највисок стадиум на демократија. Во наредната деценија од осамостојувањето, на наша територија примивме повеќе од двесте илјади бегалци за време на војната на Косово, а во 2001 година се соочивме со вооружен конфликт на сопствена територија. Злосторствата сторени за време на овој конфликт политичарите решија да ги амнестираат, иако меѓународното право пропишува дека воени злосторства не застаруваат.

Анализирајќи ги состојбите од историски аспект, ми се чини дека македонските граѓани никогаш не се навикнаа да живеат во состојба на мир и благосостојба, туку во состојба на незавршен мир и константни скриени закани од нови конфликти и немири. Меѓуетничките тензии внатре во Македонија, долгогодишниот нелогичен спор за уставното име на државата, проблематизирањето на добрососедските односи, крајната исполитизираност во сите општествени сфери, меѓусебната партиска омраза градена со децении, организираниот криминал и корупција, недовербата на граѓаните во институциите на системот – според мене, се главните фактори кои генерираат нестабилност и нефункционалност на македонската држава.

Од заробена држава до хибриден режим

Македонија со години наназад доживува слободен пад на сите релевантни ранг листи на меѓународните институции и организации. Повредата на човековите права, системската корупција, даночната евазија, партизираноста на државната и јавната администрација, непотизмот во правосудниот систем – се само дел од факторите кои ја поткопуваат демократијата и принципот на владеење на правото, но и го уништуваат квалитетот на живот на секој македонски граѓанин. Функционерите од власта, пак, секогаш оправдувањата ги наоѓаат во нефункционалноста на системот, неговите слабости или ја убедуваат пошироката јавност дека тоа е всушност само перцепција.

Звучи иронично кога политичари од власта своите неуспеси ги препишуваат на нефункционален систем и системски слабости, зар не? Истите оние кои се платени со народни пари да го подобрат системот, да донесат и да спроведат законски решенија, да воспостават систем на одговорност, да изнајдат решенија за елиминирање на т.н. „системски слабости“ – во даден момент се повикуваат на нефункционален систем! Па, ако системот е нефункционален тоа е само затоа што сте го направиле таков!

Во извештајот за напредокот на Македонија од 2016 година, Европската комисија излезе со јасна констатација дека постои заробена држава и заробени институции, со што само ги потврди наодите на експертската група предводена од Рајнхард Прибе кои беа во посета на нашата држава и ги увидоа состојбите. За државата да биде окарактеризирана како заробена држава потребно е институциите на системот да бидат заробени од одредена група. Со други зборови, терминот заробена државата се употребува во ситуација кога моќни поединци, институции, приватни компании или групи внатре или надвор од одредена држава користат коруптивни дејанија за да ги обликуваат националните политики, правното опкружување и економијата на одредена држава, а сѐ со цел да остварат лична, односно приватна корист и бенефит. Заробените држави се карактеризираат со видливи општествно-социјални поделби, слаби и корумпирани институции на системот, дисфункционална демократија, константна дестабилизација и постојани или повремени етнички тензии придружени со екстремистички барања. Сето ова неминовно води до тотален крах на државниот систем.

И кога мислевме дека веќе не сме заробена држава дојде најновиот извештај на угледниот магазин „Економист“ за индексот на демократија во светот за 2020 година, во кој Македонија е рангирана на 78-мото место и припаѓа во групата на т.н. хибридни режими. Во групата со хибриден режим спаѓаат уште и: Украина, Ерменија, Боливија, Сенегал, Црна Гора, Танзанија, Молдавија, Уганда, Бутан, Либан, Нигерија. Според магазинот, од 2016 година до 2020 година нашата држава бележи пад на оценката според индексот на демократија во однос на претходните години кога бодувањето било над 6. Во овој извештај оценката за Македонија е 5,89.

За нештата да бидат појасни, потребно е да објасниме дека индексот на демократија се заснова на следниве пет категории: изборен процес и плурализам, граѓански слободи, функционирање на владата, политичко учество и политичка култура. Во рамките на овие 5 категории содржани се 60 индикатори. Државите во светот се класифицираат во еден од четирите типови на владеење, односно во целосна демократија, демократија со недостатоци, хибриден режим и авторитарен режим.

Преговорите за влез во ЕУ се далечни

Со оглед на сето ова, не може да постои оправдание од типот дека се работи само за нечија перцепција. Значи после толку „реформи“ успеавме од заробена држава да се трансформираме во хибриден режим. Се чини дека граѓаните на Македонија треба да бидат среќни што не спаѓаме во групата на држави со авторитарен режим. Класифицирани како хибриден режим, далеку сме од отпочнување на било какви преговори за полноправно членство во ЕУ. Сепак, долг е патот кој сите ние треба да го изодиме во насока на изградба на целосна демократска држава.

Го поставувам прашањето дали на (властите во) Македонија и во иднина ќе ѝ бидат туѓи термините владеење на правото и правна држава? Можеби за политичарите овие два термини се само празни флоскули кои немаат никакво подлабоко значење и се користат само во предизборната реторика, но на македонските граѓани им е од суштествено значење дали ќе живеат во вистинска правна држава или истата ќе претставува и понатаму само илузија и недостижен сон!

Автор: м-р Илија Јованов


Сите права се заштитени. Ниту еден дел од овој текст не смее да биде умножуван, препечатен во механичка, електронска или некоја друга форма, фотокопиран, снимен звучно или на некој друг начин, без претходно писмено одобрување од авторот.

(c) Copyright by Ilija Jovanov. All rights reserved.

Comments

Popular posts from this blog

Мојата генерација

Мојата генерација е генерацијата која се роди во годината во која се „роди“ и  самостојна, независна и суверена Република Македонија. Мојата генерација е генерацијата која детството го помина во периодот на транзицијата. Ова е генерацијата која се роди за време на воспоставувањето и градењето на еден комплетно нов систем. Ова е и генерацијата која живее во време на експанзија на информатичката технологијата. „Не седи на земја, ладно е!“. Колку и да Ви звучи смешно, ова беше опомената што нашите мајки и баби секојдневно нѝ ја кажува, додека по цел ден бевме на улица, игравме безгрижно и се дружевме меѓусебно. Денес ова остана само како добар спомен и сеќавање од нашето детство. И на човек му доаѓа да заплаче кога знае дека тие моменти нема никогаш повеќе да се повторат. Мојата генерација беше генерацијата која имаше безгрижно детство. Мојата генерација беше генерацијата која после наставата на училиште се враќаше дома а потоа продолжуваше со топка на улица. Мојата генерација б...

Златно доба на корупцијата

Кога во 165 година на новата ера, пандемијата на чума потрајала цели 25 години, косејќи дури и по 2000 животи дневно, Марко Аврелиј бил командант на данубијанската област и во тоа својство задолжен да се справува со болеста. Тој бил еден од ретките што во тоа време водел дневник (под наслов „Разговори со самиот себе“). И тој и неговиот дневник останале запаметени во историјата делумно и заради реченицата: „Најстрашната зараза е корупцијата, полошо од која било инфекција, зашто доживотно ги загадува луѓето“. Марко Аврелиј важел за интелектуалец помеѓу римските императори, а до нашиве времиња стигнал и како една од најоспоруваните историски личности во Америка, за време на владеењето на Роналд Реган и неолиберализмот. Неговата сентенца дека „даноците се цена на цивилизацијата“ била оспорувана како да ја кажал некој од тогашните влијателни сенатори, а не државник од пред речиси две илјади години. Разумот боде очи зашто не застарува. А дека Аврелиј не претерувал се потрудил да докаже латин...