Skip to main content

(Бес)перспективноста на македонското образование

И само јас си знам колку ме боли пишувањето на оваа тема. Долго размислував дали да го пишувам овој текст или не, но на крај дојдов до заклучок дека молчењето не ги решава проблемите. 

Зошто младиот човек не ја гледа својата иднина во Република Македонија?! Како се чувствувате кога ќе прочитате дека секој втор средношколец размислува по една деценија да си замине од државава?! Дали на некој му е воопшто грижа ако младината се гледа себе си во странство?! Води ли сметка некој за овие работи? Според мене – не. Барем не во пракса. Ама доста нѝ е и од анализи! Ајде да промениме нешто! 

Ги знаеме славните зборови на Кенеди: „не прашувај што може државата да направи за тебе, туку што ти можеш да направиш за државата“ и милуваме да ги цитираме (понекогаш), но само толку. Не е ли во најмала рака жално кога средношколци или студенти ќе Ви речат дека тие нема што да бараат во Македонија и дека нивната иднина е што подалеку од оваа држава? Зошто? Затоа што овде никој не се грижел за нив. Затоа што овде работите не биле добри. Па, Боже мој, од кој да очекуваме да ни ги донесе тие промени? До кога само ќе се жалиме колку ни е тешко? И уште ли ќе кукаме за нашите проблеми? Ставањето на проблемите „под тепих“ не значи дека тие се решени! Ако постојано ставаме нови и нови проблеми под тепихот, еден ден ќе се сопнеме од нив и ќе удриме толку силно со главата во земја што никогаш подоцна нема да ги заборавиме! Ама зар треба тоа да се случи?! 

Од повозрасните постојано слушаме дека иднината им припаѓа на младите. Младите луѓе се столбот на секоја држава. Но, ако младите луѓе во државава ни се невработени и незадоволни од сѐ, па и од самите себе, тогаш каква иднина има оваа држава? А како да бидат задоволни кога партиската книшка вреди многу повеќе отколку универзитетската диплома? Како да бидат задоволни кога стапката на невработеност кај младите од 25 години достигнува и до 30%? Како да бидат задоволни кога дури 54% од младите до 24 години се без работа? Невработеноста е стар проблем кој се должи на слабата економија што е проблем на сите досегашни влади. Едноставно македонските компании немаат веќе потреба од голема работна сила, заради намалениот обем на работа. Домашниот пазар е многу мал, а кога се работи за странски пазар тој треба најпрво да се освои. 

Сите директни и индиректни мерки што би ги презеле властите за подобрување на горе споменатите проблеми се добредојдени, бидејќи со над 30% на невработени лица ние сме во (несаканото) друштво на државите со најмногу невработени во светот. Така барем велат податоците и анализите. 

И каде лежи проблемот? За да го видеме тоа, пак ќе мораме да се вратиме на образовниот систем кај нас. И не е проблемот само во високото образование, но ајде да направиме краток осврт на него.

По дипломирањето следува тешкиот и макотрпен период на барање на работа. Истражувањата покажуваат дека по одреден период на интензивно барање на работа, младите се откажуваат и кај нив се јавуваат чувства на незадоволство, гнев и апатија, додека иницијативноста кај овие лица се намалува. 

Подгрени надежите кај младите луѓе дека со завршено високо образование веднаш се доаѓа до посакуваната работа, резултираат со запишување на голем дел од тие лица на високо образовните институции (а ги има многу) со што се засилуваат стравувањата дека ни се множат високообразовани кадри во нашата држава кои по дипломирањето нема да можат да најдат (соодветна) работа. 

Значи вината лежи и кај студентите и кај институциите. За танго, нели се потребни двајца? 

Што треба да се направи за подобра иднина на сите нас? Според мене, треба да се даде јасен и прецизен одговор на најмалку три прашања. И тоа, прво – „што бара македонскиот пазар на труд?“, второ – „што им недостасува на македонските студенти?“ и трето – „постои ли стратегија за создавање на квалификувани кадри според потребата на пазарот?“. Сметам дека ако нештата ги поставиме на овој начин, проблемите полека ќе почнуваме да ги решаваме. Бидејќи, сè додека сериозно не поработиме на ова - образованието (основно, средно и високо) уште долго време ќе ни претставува горчлив проблем, па дури и рак рана на нашето општество.


Автор: Илија Јованов




Сите права се заштитени. Ниту еден дел од овој текст не смее да биде умножуван, препечатен во механичка, електронска или некоја друга форма, фотокопиран, снимен звучно или на некој друг начин, без претходно писмено одобрување од авторот.
(c) Copyright by Ilija Jovanov
All rights reserved

Popular posts from this blog

Мојата генерација

Мојата генерација е генерацијата која се роди во годината во која се „роди“ и  самостојна, независна и суверена Република Македонија. Мојата генерација е генерацијата која детството го помина во периодот на транзицијата. Ова е генерацијата која се роди за време на воспоставувањето и градењето на еден комплетно нов систем. Ова е и генерацијата која живее во време на експанзија на информатичката технологијата. „Не седи на земја, ладно е!“. Колку и да Ви звучи смешно, ова беше опомената што нашите мајки и баби секојдневно нѝ ја кажува, додека по цел ден бевме на улица, игравме безгрижно и се дружевме меѓусебно. Денес ова остана само како добар спомен и сеќавање од нашето детство. И на човек му доаѓа да заплаче кога знае дека тие моменти нема никогаш повеќе да се повторат. Мојата генерација беше генерацијата која имаше безгрижно детство. Мојата генерација беше генерацијата која после наставата на училиште се враќаше дома а потоа продолжуваше со топка на улица. Мојата генерација б...

Илија Јованов: Македонија – од заробена држава до хибриден режим

Од оаза на мирот до конфликтно подрачје Република Македонија во 1990-те години на минатиот век беше нарекувана со епитетот „оаза на мирот“, алудирајќи на фактот дека беше единствена република која отцепувањето од поранешна СФРЈ не го означи со крв на нејзина територија, туку со демократски референдум, како највисок стадиум на демократија. Во наредната деценија од осамостојувањето, на наша територија примивме повеќе од двесте илјади бегалци за време на војната на Косово, а во 2001 година се соочивме со вооружен конфликт на сопствена територија. Злосторствата сторени за време на овој конфликт политичарите решија да ги амнестираат, иако меѓународното право пропишува дека воени злосторства не застаруваат. Анализирајќи ги состојбите од историски аспект, ми се чини дека македонските граѓани никогаш не се навикнаа да живеат во состојба на мир и благосостојба, туку во состојба на незавршен мир и константни скриени закани од нови конфликти и немири. Меѓуетничките тензии внатре во Македонија, до...

Златно доба на корупцијата

Кога во 165 година на новата ера, пандемијата на чума потрајала цели 25 години, косејќи дури и по 2000 животи дневно, Марко Аврелиј бил командант на данубијанската област и во тоа својство задолжен да се справува со болеста. Тој бил еден од ретките што во тоа време водел дневник (под наслов „Разговори со самиот себе“). И тој и неговиот дневник останале запаметени во историјата делумно и заради реченицата: „Најстрашната зараза е корупцијата, полошо од која било инфекција, зашто доживотно ги загадува луѓето“. Марко Аврелиј важел за интелектуалец помеѓу римските императори, а до нашиве времиња стигнал и како една од најоспоруваните историски личности во Америка, за време на владеењето на Роналд Реган и неолиберализмот. Неговата сентенца дека „даноците се цена на цивилизацијата“ била оспорувана како да ја кажал некој од тогашните влијателни сенатори, а не државник од пред речиси две илјади години. Разумот боде очи зашто не застарува. А дека Аврелиј не претерувал се потрудил да докаже латин...