Skip to main content

Младите помеѓу стравот и самопочитта

Јас им велам на младите луѓе: Не мислете на себе, мислете на другите. Размислувајте за иднината што ве очекува, мислете за она што можете да го направите и не плашете се од ништо.


Оваа мисла (во мој слободен превод) кажана од неврологот Rita Levi-Montalcini, добитничка на Нобеловата награда за физиологија или медицина во 1986 година, ми беше поттик да пишувањето на овој текст. 

Веднаш си го поставив прашањето за тоа каде сме ние младите луѓе во ова наше општество? Дали ние се изгубивме на патот по кој одевме за да постигнеме некоја цел и да станеме некој и нешто? Велат дека денес ние младите луѓе сме биле како пешачки премин – се газиме меѓусебно само за да ја преминеме улицата! Улицата би требало да ја симболизира целта што сакаме да ја постигнеме(?). Лесно и без размислување ја прифативме Макијавеловата дека „целта ги оправдува средствата“? Погазувањето на единственото што нас не разликува од животните е оправдано доколку ги постигнеме своите егоистични цели? 

Нема да се согласам со тоа, затоа што во основа на човековата еволуција се наоѓа тенденција кон развивање на позитивни и виши емоции, како што се: добрината, љубовта, правдољубивоста, хуманоста, искреноста и, се разбира, чесноста. Но, во основата на сите нив се наоѓа храброста. Токму затоа храброста е и многу ретка доблест. Писателот Албер Ками запишал дека „човек кој не е храбар не може да биде ни чесен човек, зошто за чесност се потребни жртви какви што кукавицата не умее да ги понесе, а потребна е и широкоградост што тој не умее да ја разбере“. 


Потребна е и зрелост за да се биде храбар во одредени ситуации. Многу пати досега сме се запрашале дали сме зрели за одредени постапки и за одредени чекори што секојдневно ги правиме? Но, храброста е доблест која е многу полесно да се посака отколку да се постигне! Карлос Руиз Зафон, или како што уште го нарекуваат - генијалниот сликар на мислата, зрелоста ја дефинира како „процес на откривање дека сè она во што сме верувале кога сме биле млади е лажно, а сите оние работи во кои сме одбивале да веруваме на крајот излегуваат вистинити“. Што мислите колку вистина има во ова? 


Истиот автор во едно свое дело ќе запише дека „возраста нè тера да забележуваме некои работи. На пример, сега знам дека животот на човекот е поделен во три периоди. За време на првиот, никогаш не ни помислуваме дека еден ден ќе остариме, не мислиме на тоа дека времето изминува и дека од денот кога сме се родиле ние чекориме кон сигурен крај. После првите неколку години младост, доаѓа вториот период кога една личност станува свесна за кревкоста на животот и она што започнува како зрно сомнеж, расте во нас како поплава од несигурности коишто остануваат до крајот. На крајот, кон завршетокот на животот, започнува периодот на прифаќање и како резултат на тоа, перидот на откажување, тоа е периодот на чекање.“ 

Животот е премногу краток и изминува многу бргу. Од денот кога сме родени ние чекориме кон сигурен крај. Но, младоста е период во кој ние можеме и треба да бидеме најкреативни и најпродуктивни, со мисли, идеи, работа. Јас велам дека животот треба да се живее квалитетно, а дали го живееме квалитетно ќе дознаеме во моментот кога ќе размислиме за работите што сме ги направиле како млади луѓе. Лошо е ако жалиме за работи што сме можеле да ги направиме, но не сме се осмелиле. 

Главна пречка кон тоа да се биде храбар на нас младите луѓе ни претставува стравот. Во одредени ситуации, ние како личности чувствуваме страв, иако знаеме и сме свесни дека самата ситуација или пак предмет не претставуваат вистинска опасност за нас. Ние мораме да разбереме дека победата на стравот води кон почит и самопочит, а потчинувањето на стравот нѐ карактеризира нас, пред себе и пред другите, како кукавици. 

Заради стравот од одреден авторитет, институција или група и можните последици, кај нас младите, забележлива е тенденција за потчинување која се огледува во однесување кое што не е во склад со личните принципи, норми и убедувања. Некои тврдат дека потчинувањето е вродена потреба кај нас луѓето. Но, потреба од што и за што? Сепак, потчинувањето и послушноста се манифестираат како форма на приспособување на условите во кои живееме. Често ни се случува на сите нас да бидеме сведоци на нечие покорно, лицемерно и понизно однесување. Жално е што ние кон истото приоѓаме со осуда или со доза на презир. Но, потребно е да не заборавиме дека и ние самите понекогаш се однесуваме на ист или сличен начин, иако можеби за себе знаеме да најдеме рационализации и олеснувања за таквото свое однесување. 

Во досегашните услови на живот постоела голема присила за покорување и за потчинетост, а премалку поттик за развој на потребите за слобода и независност, како и чувство за лична одговорност. А клучните елементи кои треба да ја карактеризираат секоја млада личност се токму тие – слободата, независноста и чувството за лична одговорност. На крај ќе Ве потсетам повторно - размислувајте за иднината што Ве очекува, мислете за она што можете да го направите и не плашете се од ништо.


Автор: Илија Јованов


Сите права се заштитени. Ниту еден дел од овој текст не смее да биде умножуван, препечатен во механичка, електронска или некоја друга форма, фотокопиран, снимен звучно или на некој друг начин, без претходно писмено одобрување од авторот.

(c) Copyright by Ilija Jovanov 


All rights reserved



Popular posts from this blog

СИНДРОМ „ИГНОРИРАЊЕ НА КВАЛИТЕТОТ“: КОГА ПОСЛУШНОСТА ЌЕ ГО ПРОГОНИ КВАЛИТЕТОТ НА МАРГИНИТЕ

Многу често, врвните и независни научни кадри во државата се соочуваат со затворени врати. Нивната „вина“ е едноставна: немаат партиска позадина, а нивните идеи бараат сериозна работа, а не евтин популизам. Критериумите за вработување овде одамна се мета на потсмев – деградирани од партиски влијанија и фаворизирање на кандидати со партиска книшка, наместо со реален интегритет и капацитет. Човек кој стекнал знаење со чесен труд тешко се вклопува во „пазарниот“ систем на македонското општество, каде партиската книшка тежи повеќе од секоја универзитетска диплома. Тоа што системот не го користи неговиот потенцијал е загуба за државата, а не за поединецот. Кога независните интелектуалци се трудат да го зачуваат својот образ чист, системот гради недоверба кон нив и токму затоа таквите луѓе се оставени на маргините. Кога една држава со години гради систем во кој партискиот послушник вреди повеќе од образованиот интелектуалец, таа свесно ја потпишува сопствената капитулација. Тоа што младите и...

Златно доба на корупцијата

Кога во 165 година на новата ера, пандемијата на чума потрајала цели 25 години, косејќи дури и по 2000 животи дневно, Марко Аврелиј бил командант на данубијанската област и во тоа својство задолжен да се справува со болеста. Тој бил еден од ретките што во тоа време водел дневник (под наслов „Разговори со самиот себе“). И тој и неговиот дневник останале запаметени во историјата делумно и заради реченицата: „Најстрашната зараза е корупцијата, полошо од која било инфекција, зашто доживотно ги загадува луѓето“. Марко Аврелиј важел за интелектуалец помеѓу римските императори, а до нашиве времиња стигнал и како една од најоспоруваните историски личности во Америка, за време на владеењето на Роналд Реган и неолиберализмот. Неговата сентенца дека „даноците се цена на цивилизацијата“ била оспорувана како да ја кажал некој од тогашните влијателни сенатори, а не државник од пред речиси две илјади години. Разумот боде очи зашто не застарува. А дека Аврелиј не претерувал се потрудил да докаже латин...

МЕРИТОКРАТСКА ЕРОЗИЈА

Во секое општество постои момент кога компетентноста престанува да биде предност, а незнаењето станува привилегија. Кај нас, тој момент одамна е надминат. Денес, функционално некомпетентните не се случаен пропуст, туку последица на подлабок процес: системско разградување на стручноста, каде лојалноста значи повеќе од знаењето, а просечноста има поголема шанса да биде наградена од извонредноста. Оваа појава - меритократска ерозија - не започнува драматично. Таа тивко се вгнездува во институциите преку „привремени“ решенија, импровизирани кадровски избори и нормализирање на нестручноста како „флексибилност“. Но, кога еднаш ќе се утврди, постанува правило. А кога просечноста ќе стане норма, тогаш проблем не се поединечните грешки - проблем е системот кој ги произведува. Посебно е забележлива таму каде што треба да биде најмалку видлива: во јавниот сектор и правосудството. Кога на позиции од јавен интерес се поставуваат луѓе без основни знаења, без аналитичка дисциплина, без професионални ...