Skip to main content

Мојата генерација


Мојата генерација е генерацијата која се роди во годината во која се „роди“ и самостојна, независна и суверена Република Македонија. Мојата генерација е генерацијата која детството го помина во периодот на транзицијата. Ова е генерацијата која се роди за време на воспоставувањето и градењето на еден комплетно нов систем. Ова е и генерацијата која живее во време на експанзија на информатичката технологијата.

„Не седи на земја, ладно е!“. Колку и да Ви звучи смешно, ова беше опомената што нашите мајки и баби секојдневно нѝ ја кажува, додека по цел ден бевме на улица, игравме безгрижно и се дружевме меѓусебно. Денес ова остана само како добар спомен и сеќавање од нашето детство. И на човек му доаѓа да заплаче кога знае дека тие моменти нема никогаш повеќе да се повторат. Мојата генерација беше генерацијата која имаше безгрижно детство. Мојата генерација беше генерацијата која после наставата на училиште се враќаше дома а потоа продолжуваше со топка на улица. Мојата генерација беше генерацијата која со парче леб намачкано со ајвар и малку сирење знаеше да го помине целиот ден во трчање, играње и детски лудории. А кога ќе почнеше да се стемнува, ќе излезеа нашите родители или баби и дедовци и ќе почнеа да викаат по нас за да си одиме дома. Знаевме да не ги послушаме и уште неколку часа да останеме по улиците и сокаците. А кога ќе се вратевме дома, вечеравме и си легнувавме. Така минуваа деновите, но времето се смени а се сменивме и ние.

Ние сме генерација на млади луѓе кои не се соочуваме со такви проблеми со кои се соочувале нашите родители во нивно време. Но, нивната генерација е онаа која беше најмногу погодена со преминот од социјалистичко во капиталистичко општествено уредување. За многумина овој премин беше кобен и остави длабоки траги во нивните животи и судбини. Нашите родители нѝ раскажуваат дека во нивно време се живеело подобро, полесно се доаѓало до вработување, животот бил порелаксиран, се патувало безгрижно со тој „црвен пасош“ и што ли уште не. Тие велат дека не барале многу и дека не заслужиле нивната реалност да исчезне преку ноќ. Денес велат дека единствената надеж за која што живеат е дека нивните деца ќе имаат среќна и безгрижна иднина. Таа мисла им ја дава надежта дека не се залудно жртвувана генерација.

Мојата генерација е генерацијата која се роди во годината во која се „роди“ и самостојна, независна и суверена Република Македонија. Ова е генерацијата која детството го помина во периодот на транзицијата. Ова е генерацијата која се роди за време на воспоставувањето и градењето на еден комплетно нов систем. Ова е и генерацијата која живее во време на експанзија на информатичката технологијата. Но и покрај сите негативности кои ги носеше со себе транзицијата, нашите родители не дозволуваа тоа да се одрази и на нашето детство. Ние со игри и радост ги минувавме дните од единствениот безгрижен период од животот – детството. Детството е тој период со право на наивност и грешки.

А што е со денешниве генерации? Тие веќе не растат на улица со нивните врсници, тие сега растат пред компјутер, другаруваат на друштвените мрежи. Разговорот лице в лице е заменет со допишување („чатирање“) на Фејсбук. Денешните мајки веќе не ги викаат децата за ручек од балкон или од улица, туку им се јавуваат на мобилните телефони. Наместо местото за детските игри да е на игралиште, тоа е пред компјутер. Нема веќе џамлии, жмурка, фудбал, баскет, брканици, денешните деца станаа „робови на информатичките технологии“.

Кај оние поголемите, пак, излегувањето на кафе се замени со дремење на Фејсбук и допишување со „пријателите“, наместо разговор со личноста со која излегле. Зошто е тогаш излегувањето? Која е целта? Да бидете видени? Па до кога мислењето на другите ќе нѝ е поважно од сопственото мислење за себеси? До кога критиките на другите ќе претставуваат критериуми за нашата (не)успешност? До кога ќе се споредуваме со другите?

Многу генерации се претопија едни во други. Нив ги карактеризира конформизмот и неможноста за промени. Не е целта да седиме по кафе-барови, да пиеме кафе и да правиме муабет за историја, за патриоти и за предавници, за тоа кој колку украл, за тоа кој каков автомобил сака да купи (на старо, се разбира), а да живееме од денес за утре, без планови и перспектива, заедно со баба, дедо, мама, тато, бато и дада...

А што прават нашите врсници во Европа? Што прави нашата генерација во светот? Не знам, немам доволно за да отидам да видам... Без пари не се оди во Брисел, Рим, Париз, Лондон, Берлин, Лисабон, Мадрид или Њујорк, Вашингтон, Лос Анџелес, Чикаго...

Многу генерации ја напуштија татковината и заминаа насекаде во светот. За подобра иднина за себе и за своето семејство. Таму решија да бараат работа, да градат кариера, да основаат семејства, да градат иднина. И ги разбирам. Ама нели не беше целта да заминеме од ова парче земја за кое нашите предци пролеаја крв и да бараме иднина на друго место?! Целта беше да живееме во држава во која ќе се вреднува нашето образование, нашиот интелект, нашиот труд! Држава во која ќе се почитува она што вистински вреди!

А кој ќе одлучува за нашата иднина ако не ние? И кога ако не сега? Не смееме да си дозволиме да западнеме во поголем конформизам и да препуштиме работите само да нѝ се случуваат, а иднината само да помине покрај нас! Мораме да ја зграбаме шансата и да се потрудиме да изградиме подобра иднина за нас и за генерациите кои ќе дојдат после нас!

На крај можам само да кажам дека каква држава ќе изградиме во таква држава и ќе живееме!



Автор: Илија Јованов


Сите права се заштитени. Ниту еден дел од овој текст не смее да биде умножуван, препечатен во механичка, електронска или некоја друга форма, фотокопиран, снимен звучно или на некој друг начин, без претходно писмено одобрување од авторот.

(c) Copyright by Ilija Jovanov
All rights reserved





Popular posts from this blog

Илија Јованов: Македонија – од заробена држава до хибриден режим

Од оаза на мирот до конфликтно подрачје Република Македонија во 1990-те години на минатиот век беше нарекувана со епитетот „оаза на мирот“, алудирајќи на фактот дека беше единствена република која отцепувањето од поранешна СФРЈ не го означи со крв на нејзина територија, туку со демократски референдум, како највисок стадиум на демократија. Во наредната деценија од осамостојувањето, на наша територија примивме повеќе од двесте илјади бегалци за време на војната на Косово, а во 2001 година се соочивме со вооружен конфликт на сопствена територија. Злосторствата сторени за време на овој конфликт политичарите решија да ги амнестираат, иако меѓународното право пропишува дека воени злосторства не застаруваат. Анализирајќи ги состојбите од историски аспект, ми се чини дека македонските граѓани никогаш не се навикнаа да живеат во состојба на мир и благосостојба, туку во состојба на незавршен мир и константни скриени закани од нови конфликти и немири. Меѓуетничките тензии внатре во Македонија, до...

Златно доба на корупцијата

Кога во 165 година на новата ера, пандемијата на чума потрајала цели 25 години, косејќи дури и по 2000 животи дневно, Марко Аврелиј бил командант на данубијанската област и во тоа својство задолжен да се справува со болеста. Тој бил еден од ретките што во тоа време водел дневник (под наслов „Разговори со самиот себе“). И тој и неговиот дневник останале запаметени во историјата делумно и заради реченицата: „Најстрашната зараза е корупцијата, полошо од која било инфекција, зашто доживотно ги загадува луѓето“. Марко Аврелиј важел за интелектуалец помеѓу римските императори, а до нашиве времиња стигнал и како една од најоспоруваните историски личности во Америка, за време на владеењето на Роналд Реган и неолиберализмот. Неговата сентенца дека „даноците се цена на цивилизацијата“ била оспорувана како да ја кажал некој од тогашните влијателни сенатори, а не државник од пред речиси две илјади години. Разумот боде очи зашто не застарува. А дека Аврелиј не претерувал се потрудил да докаже латин...