Skip to main content

Каде по дипломирањето?

Зошто младиот човек не ја гледа својата иднина во Република Македонија? Како се чувствувате кога ќе прочитате дека секој втор средношколец размислува по една деценија да си замине од државава? Дали на некој му е воопшто грижа ако младината се гледа себе си во странство? Води ли грижа некој за овие работи? Според мене – не!

По дипломирањето следува тешкиот и макотрпен период на барање работа. Истражувањата покажуваат дека по одреден период на интензивно барање на работа, младите се откажуваат и кај нив се јавуваат чувства на незадоволство, гнев и апатија, додека иницијативноста кај овие лица се намалува. Подгрени надежите кај младите луѓе дека со завршено високо образование веднаш се доаѓа до посакуваната работа, резултираат со запишување на голем дел од тие лица на високо образовните институции (а ги има многу) со што се засилуваат стравувањата дека ни се множат високообразовани кадри во нашата држава кои по дипломирањето нема да можат да најдат (соодветна) работа. Значи вината лежи и кај студентите и кај институциите.

Како и секој студент и јас секојдневно ја согледувам општа апатија, како и чувството на разочараност, безнадежност и депресивност кај младата популација во нашата држава. Заминувањето од државата, за жал, стана наше секојдневие. Некои податоци укажуваат на тоа дека најголем дел од младите луѓе кои си заминуваат од државата се на возраст до 30 години. Голем е бројот на млади луѓе кои ја напуштаат Република Македонија веднаш по своето дипломирање, а подоцна во странство се стекнуваат со потребните вештини и знаења и засекогаш остануваат надвор од државата. Секоја година, за жал, полека но сигурно се зголемува бројот на македонски иселеници насекаде во светот. Таму некаде, далеку од својата родна земја, тие се опкружени со едни поинакви културни и општествени вредности и навики, но им се нудат можности за секојдневно напредување и докажување. Образованите и храбри млади луѓе заминуваат онаму каде што ќе можат да ги остваруваат своите соништа.

Многу генерации ја напуштија татковината и заминаа да си ја бараат својата среќа во светот. За подобра иднина за себе и за своето семејство. Таму решија да бараат работа, да градат кариера, да основаат семејства, да градат иднина. И ги разбирам. Ама нели не беше целта да заминеме од ова парче земја за кое нашите предци пролеаја крв и да бараме иднина на друго место? Целта беше да живееме во држава во која ќе се вреднува нашето образование, нашиот интелект, нашиот труд! Држава во која ќе се почитува она што вистински вреди! Искрено се плашам дека ако од една страна младите, а од друга страна одговорните во државата, продолжиме по истиот пат по кој чекоревме како и досега, ќе можеме слободно да се збогуваме од епитетот слободоумни личности кои се моќна и независна сила во општеството, а државата ќе може да се збогува со својата иднина и перспективност. Сметам дека ние, младите луѓе, заедно со државата и нејзините институции на системот, мораме да започнеме заеднички да работиме во планирањето и остварувањето на работите кои ни се од заеднички интерес. За државата вложувањето во младите луѓе е вложување во сопствената иднина. Колку побрзо го сфатиме тоа, толку подобро ќе биде за сите нас.

Што треба да се направи за подобра иднина на сите нас? Според мене, треба да се даде јасен и прецизен одговор на најмалку три прашања. И тоа, прво – „што бара македонскиот пазар на труд?“, второ – „што им недостасува на македонските студенти?“ и трето – „постои ли стратегија за создавање на квалификувани кадри според потребата на пазарот?“. Сметам дека ако нештата ги поставиме на овој начин, проблемите полека ќе почнуваме да ги решаваме. Бидејќи, сѐ додека сериозно не поработиме на ова – образованието (основно, средно и високо) уште долго време ќе ни претставува горчлив проблем, па дури и рак рана на нашето општество.

Сите треба заеднички да се избориме за остварување на сонот за подобра иднина за нас како млади луѓе во оваа држава во која сите би останале и би работеле за нејзиниот просперитет. Заеднички мораме да ги создадеме условите за работа и напредок. Јас верувам во подобра и посветла иднина на сите млади луѓе во Македонија. Јас имам надеж дека подобра иднина ќе дојде за сите нас. Меѓутоа со останување во државата, со многу работа и со вложување и во себе и во заедничката иднина! На крај можам само да кажам дека каква држава ќе изградиме во таква држава и ќе живееме!

Сите права се заштитени. Ниту еден дел од овој текст не смее да биде умножуван, препечатен во механичка, електронска или некоја друга форма, фотокопиран, снимен звучно или на некој друг начин, без претходно писмено одобрување од авторот.
(c) Copyright by Ilija Jovanov
All rights reserved


Popular posts from this blog

Илија Јованов: Македонија – од заробена држава до хибриден режим

Од оаза на мирот до конфликтно подрачје Република Македонија во 1990-те години на минатиот век беше нарекувана со епитетот „оаза на мирот“, алудирајќи на фактот дека беше единствена република која отцепувањето од поранешна СФРЈ не го означи со крв на нејзина територија, туку со демократски референдум, како највисок стадиум на демократија. Во наредната деценија од осамостојувањето, на наша територија примивме повеќе од двесте илјади бегалци за време на војната на Косово, а во 2001 година се соочивме со вооружен конфликт на сопствена територија. Злосторствата сторени за време на овој конфликт политичарите решија да ги амнестираат, иако меѓународното право пропишува дека воени злосторства не застаруваат. Анализирајќи ги состојбите од историски аспект, ми се чини дека македонските граѓани никогаш не се навикнаа да живеат во состојба на мир и благосостојба, туку во состојба на незавршен мир и константни скриени закани од нови конфликти и немири. Меѓуетничките тензии внатре во Македонија, до...

Златно доба на корупцијата

Кога во 165 година на новата ера, пандемијата на чума потрајала цели 25 години, косејќи дури и по 2000 животи дневно, Марко Аврелиј бил командант на данубијанската област и во тоа својство задолжен да се справува со болеста. Тој бил еден од ретките што во тоа време водел дневник (под наслов „Разговори со самиот себе“). И тој и неговиот дневник останале запаметени во историјата делумно и заради реченицата: „Најстрашната зараза е корупцијата, полошо од која било инфекција, зашто доживотно ги загадува луѓето“. Марко Аврелиј важел за интелектуалец помеѓу римските императори, а до нашиве времиња стигнал и како една од најоспоруваните историски личности во Америка, за време на владеењето на Роналд Реган и неолиберализмот. Неговата сентенца дека „даноците се цена на цивилизацијата“ била оспорувана како да ја кажал некој од тогашните влијателни сенатори, а не државник од пред речиси две илјади години. Разумот боде очи зашто не застарува. А дека Аврелиј не претерувал се потрудил да докаже латин...

Харари: Живееме во застрашувачка ера кога цели истории и нации можат да бидат лажирани

Во својата нова книга, „21 лекции за 21 век“, најпродаваниот автор го свртува вниманието кон проблемите со кои се соочуваме денес. Овде, тој тврди дека „лажните вести“ се многу постари од Фејсбук. Деновиве постојано ни се кажува дека живееме во нова и застрашувачка ера на „пост-вистината“, и дека лагите и фикциите се насекаде околу нас. Не е тешко да се најдат примери. Така, кон крајот на февруари 2014 година, руските специјални единици кои немаат обележја на армијата ја нападнаа Украина и окупираа клучни инсталации на Крим. Руската влада и претседателот Владимир Путин лично повеќепати негираа дека станува збор за руски трупи и ги опиша како спонтани „групи за самоодбрана“ кои можеби стекнале опрема од руски изглед од локалните продавници. Бидејќи тие го искажаа ова прилично тврдоглаво тврдење, Путин и неговите помошници добро знаеја дека лажат. Руските националисти можат да ја изразат оваа лага тврдејќи дека тоа служело за поголема вистина. Русија се занимаваше со праведна војна и...