Skip to main content

Држава без младина нема иднина!

Низ процесот на образование, потребно е сите млади луѓе да се едуцираат, но и да се насочат критички да размислуваат во врска со било кое прашање и во било која општествена или научна област. Само на тој начин се создаваат здраворазумни млади луѓе кои за неколку години ќе го преземат приматот на моќна сила во општеството. Генерации кои треба да бидат иднина на оваа држава. Но, доколку институциите на системот се однесуваат игнорантски кон нив се поставува прашањето дали воопшто овие генерации на млади луѓе би останале да живеат во Република Македонија? И ако пред неколку години (од едно спроведено истражување беше констатирано дека) дури 90% од младите луѓе се изјасниле дека својата иднина не ја гледаат во оваа држава, тогаш евидентно е дека имаме тотална ерозија на системот. Сето ова е погубно за младите луѓе и за нашата држава, бидејќи држава без младина нема иднина!

Минатава недела средношколците од неколку средни училишта, незадоволни од состојбите во средното образование, решија своето незадоволство да го изразат преку мирен протест, притоа алудирајќи на потребата од вршење на суштински (а не технички) реформи во образованието. И сето ова е во ред, бидејќи на македонското образование му се неопходни суштински и длабоки реформи, а не само козметички измени на законите, кои години наназад нанесуваат голема штета врз младите луѓе, врз нивното образование, но и врз самиот образовен систем.

Екстерното тестирање донесе само големи стресови и нервози, како кај учениците, така и кај наставниците. Овој концепт создаде делумен механизам на контрола на работата на наставниците. Сепак, наставникот е тој што во текот на целата година, секојдневно, го следи развојот на ученикот, неговиот напредок, неговиот потенцијал и тој со својот потпис стои позади крајната оценка. Наметнувањето на предмети во државната матурата, пак, е крајно насилие врз слободата на учениците да одберат кои предмети сакаат да ги полагаат, согласно нивните планови за избор на факултет. Задолжителното полагање на предметот математика на матура не е никаква реформа во образованието! Воопшто нема потреба математика да полагаат ученици кои своето образование сакаат да го продолжат на општествените факултети.

Во некои средни училишта, учениците реагираа дека им биле одземани мобилните телефони и им биле заклучувани училишните врати со цел да не излезат на протест! Доколку ова е точно (а сметам дека е), битието на делото е спречување на остварувањето на слободата на говор и јавен настап. Ова, пак, претставува еклатантно кршење на уставни човекови права и за истото некој мора да понесе одговорност! Не можеме повеќе да си дозволуваме руинирање на правниот поредок во оваа држава!
Бидејќи сум правник, ме интересираат Уставот, законите, фактите и доказите а не пристрасни начини на толкување на истите. Токму затоа, ќе напоменам дека со член 16 став 1 од Уставот на Република Македонија се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата. Овој член, исто така, ја гарантира слободата на говорот и јавниот настап. Во член 110 од Уставот на Република Македонија таксативно се наведени надлежностите на Уставниот суд на Република Македонија. Во точка 3 од истиот член, се наведува дека Уставниот суд „ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност“.

Почитувајќи го Уставот, единствено Народниот правобранител на Република Македонија соопшти дека: „Мирното изразување на протест е уставно гарантирано право, поради што упатува преку непосреден дијалог да се слушне размислувањето на учениците за реформите во образованието, затоа што тие директно се засегнати од промените во воспитно-образованиот процес, што пак влијае на нивниот развој и изградба на нивната личност“. Само по пат на комуникација и разговор за проблемите, како што се наведува во соопштението на Народниот правобранител, може да се очекуваат конструктивни и издржани промени, со кои ќе се постигне квалитетно образование, а со посветувањето на потребното внимание за ставовите на младите ќе се потврди дека се почитуваат како субјекти и му се дава важност на нивното учество при носењето одлуки кои ги засегаат директно децата и младите.


Автор: м-р Илија Јованов

Сите права се заштитени. Ниту еден дел од овој текст не смее да биде умножуван, препечатен во механичка, електронска или некоја друга форма, фотокопиран, снимен звучно или на некој друг начин, без претходно писмено одобрување од авторот.

(c) Copyright by Ilija Jovanov
All rights reserved

Popular posts from this blog

Мојата генерација

Мојата генерација е генерацијата која се роди во годината во која се „роди“ и  самостојна, независна и суверена Република Македонија. Мојата генерација е генерацијата која детството го помина во периодот на транзицијата. Ова е генерацијата која се роди за време на воспоставувањето и градењето на еден комплетно нов систем. Ова е и генерацијата која живее во време на експанзија на информатичката технологијата. „Не седи на земја, ладно е!“. Колку и да Ви звучи смешно, ова беше опомената што нашите мајки и баби секојдневно нѝ ја кажува, додека по цел ден бевме на улица, игравме безгрижно и се дружевме меѓусебно. Денес ова остана само како добар спомен и сеќавање од нашето детство. И на човек му доаѓа да заплаче кога знае дека тие моменти нема никогаш повеќе да се повторат. Мојата генерација беше генерацијата која имаше безгрижно детство. Мојата генерација беше генерацијата која после наставата на училиште се враќаше дома а потоа продолжуваше со топка на улица. Мојата генерација беше

Како со позитивни мисли да ги зголемите шансите за среќа и напредок во животот?

„Тажните времиња н è  подобруваат и н è  водат кон доброто, додека добрите времиња ни го покажуваат изобилството од можности и ни ги нудат благодетите што треба да ги цениме. Исто така, сфатив дека ништо што е премногу добро или премногу лошо не трае долго.“ ~ Робин Шарма Овој текст го започнав со цитат од еден од денешните најпопуларни автори и мотивациони говорници Робин Шарма. Овој цитат можете да го препрочитате неколку пати и секогаш ќе ја согледувате неговата длабочина.  Според мене, не постои само среќно време, ниту, пак, само тажно време. Работите не се само црни, ниту само бели. Според Сведен Бринкман, професор по психологија на Универзитетот „Аалборг“:  „Одвреме-навреме животот е прекрасен, но исто така е и трагичен. Луѓето умираат во нашите животи, ги губиме, а ако ни е дозволено да имаме само позитивни мисли, тогаш оваа реалност ќе нè погоди уште посилно. Нема ништо лошо во тоа ако некој е природен оптимист или ужива во книгите за самопомош.“ Секој од нас с

Мирослав Крлежа: За човечката глупост

Мирослав Крлежа бил еден од највлијателните југословенски интелектуалци. Тој е хрватски писател кој со својата проникливост и интересен начин на опишување, многу лесно и интересно опишува општествени појави. Во својот есеј „За човечката глупост“ тој дава одлично и остроумно излагање на она што тој го смета за човечка глупост. На моменти длабоко и филозофски, на моменти духовито и шеговито, тој ја анализира човечката глупост која може да се појави во различни форми и текстот е толку добар, што ве уверувам дека ќе добиете чувство дека голем дел од споредбите и описите се напишани вчера. Со оглед на тоа дека се работи за подолг текст, решив да го поделам во два дела и да го објавам во период од два дена. Во продолжение уживајте во овој текст исто онолку колку што и јас уживав додека го преведував. Навечер, во интимен, полугласен разговор со самиот себеси, никако не можам всушност логички да го оправдам тоа што во последно време толку се вознемирувам заради глупостите на луѓето. Кога т