Skip to main content

Кога академските граѓани ќе стивнат!

Каде се наоѓаат студентите во оваа наша држава? Каде се наоѓа младината на нашето општество? Се плашам дека ако речам – на маргините, ќе погрешам. Не (ги) ја гледам ниту таму! 

Во последниов период се случи значаен настан. Студентите го добија новиот претседател на Студентскиот Парламент при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје. Да, го добија е најправилниот термин за овој настан. А колку студенти излегоа на гласање за да го изберат својот лидер – првиот меѓу еднаквите? А оние што излегоа од кои причини го направија тоа? Не сакам да прејудицирам, бидејќи сум студент на друга високо образовна институција, па сметам дека не би било правилно да навлегувам повеќе со коментари за оваа работа. Ова, воедно, нека биде одговор за сите прашања што ги добив минатава недела, во смисла зошто немам коментар за ова случување. 

Ама, како да бидеме сфатени ние студентите кога постојано си молчиме и дозволуваме работите само да нѝ се случуваат, а не превземаме апсолутно ништо? А дека нѝ е добро – не нѝ е! 

Не велам дека само ние студентите сме виновни за состојбата во која што се наоѓаме, но ако сме доволно свесни дека работите не се такви какви што треба да бидат (или какви што сакаме да бидат), тогаш зошто остануваме да бидеме конформисти? Зошто нѐ почнеме да размислуваме со своја глава? Зошто ги прифаќаме општествените ставови на начин на кој политичките авторитети нѝ ги наметнуваат? Каде е нашето размислување? Каде е нашиот став? Речете сѐ како одговор на ова, само ве молам немојте да велите дека немаме избор! Тоа не е одговор, тоа е оправдување! 

Одговорот на горе наведените прашања, нѝ го дава Ерих Фром, во делото “On Disobedience and other essays“ од 1984 година. Имено, тој причината за таквото однесување ја лоцира во потребата да се биде послушен. За човекот вели дека „сѐ додека е послушен кон моќта на државата, црквата или јавното мислење, тој се чувствува сигурен и заштитен. Всушност не е ни важно на која моќ ѝ се покорува. Таа е секогаш некоја институција или луѓе кои применуваат сила на овој или на оној начин и коишто прокламираат сезнаење и семоќ кои всушност се лажни. Послушноста го прави дел од моќта што ја обожава и затоа се чувствува силен. Не може да згреши, бидејќи таа одлучува за него; не може да биде осамен, бидејќи таа бдее над него; не може да направи грев, бидејќи таа не му дозволува, а и да стори грев, казната е само начин за враќање кон семоќната моќ“. 

И сега си го поставуваме прашањето како да се ослободиме од стегите кои нѝ се наметнати? Како да се избориме против послушноста? Како да докажеме дека и ние постоиме? 

Со послушност и со молчење – сигурно не! Но, со храброст – да! А храброста зависи од тоа колку е развиена личноста! Кога ние ќе бидеме доволно способни да размислуваме и да чувствуваме за себе, но и за доброто на сите нас како заедница – ќе можеме да зборуваме за храброст! Храброст да ѝ се каже „НЕ“ на моќта! Јас секогаш велам дека конформистите и кукавиците ги прифаќаат нештата како што им се дадени, а луѓето кои размислуваат со своја глава – прават сѐ што е во нивна можност за да ги подобрат работите! 

Можеби начнавме и многу други проблеми што постојат кај нас младите луѓе во оваа наша држава, но верувајте дека работите се и те како меѓусебно поврзани. Ако го резимираме претходно констатираното, можеме да заклучиме дека ако сме незадоволни од состојбата во која се наоѓаме ние и нашиот образовен систем – решението не треба да го бараме во конформизмот, туку во храброста да им се спротивставиме на проблемите! 

И на крај, повторно, ќе се согласам со Ерих Фром дека - принципите „sapere aude“ и „de omnibus est dubitandum“ – „да се осмелиме на мудрост“ и „во сѐ мора да се сомневаме“ - беа својствени за становништето кое ја поттикнуваше и унапредуваше способноста да се каже "НЕ". 

Автор: Илија Јованов



Сите права се заштитени. Ниту еден дел од овој текст не смее да биде умножуван, препечатен во механичка, електронска или некоја друга форма, фотокопиран, снимен звучно или на некој друг начин, без претходно писмено одобрување од авторот.
(c) Copyright by Ilija Jovanov
All rights reserved

Popular posts from this blog

Мојата генерација

Мојата генерација е генерацијата која се роди во годината во која се „роди“ и  самостојна, независна и суверена Република Македонија. Мојата генерација е генерацијата која детството го помина во периодот на транзицијата. Ова е генерацијата која се роди за време на воспоставувањето и градењето на еден комплетно нов систем. Ова е и генерацијата која живее во време на експанзија на информатичката технологијата. „Не седи на земја, ладно е!“. Колку и да Ви звучи смешно, ова беше опомената што нашите мајки и баби секојдневно нѝ ја кажува, додека по цел ден бевме на улица, игравме безгрижно и се дружевме меѓусебно. Денес ова остана само како добар спомен и сеќавање од нашето детство. И на човек му доаѓа да заплаче кога знае дека тие моменти нема никогаш повеќе да се повторат. Мојата генерација беше генерацијата која имаше безгрижно детство. Мојата генерација беше генерацијата која после наставата на училиште се враќаше дома а потоа продолжуваше со топка на улица. Мојата генерација б...

Илија Јованов: Македонија – од заробена држава до хибриден режим

Од оаза на мирот до конфликтно подрачје Република Македонија во 1990-те години на минатиот век беше нарекувана со епитетот „оаза на мирот“, алудирајќи на фактот дека беше единствена република која отцепувањето од поранешна СФРЈ не го означи со крв на нејзина територија, туку со демократски референдум, како највисок стадиум на демократија. Во наредната деценија од осамостојувањето, на наша територија примивме повеќе од двесте илјади бегалци за време на војната на Косово, а во 2001 година се соочивме со вооружен конфликт на сопствена територија. Злосторствата сторени за време на овој конфликт политичарите решија да ги амнестираат, иако меѓународното право пропишува дека воени злосторства не застаруваат. Анализирајќи ги состојбите од историски аспект, ми се чини дека македонските граѓани никогаш не се навикнаа да живеат во состојба на мир и благосостојба, туку во состојба на незавршен мир и константни скриени закани од нови конфликти и немири. Меѓуетничките тензии внатре во Македонија, до...

Иднината на државата е во младите луѓе!

Се наоѓаме во период на изборна еуфорија во нашата држава. Секојдневните политички пораки кои политичарите си ги упатуваат меѓусебно, но и до народот нема да најдат простор во оваа колумна. Зошто? Затоа што ние младите луѓе се споменуваме само кога е потребна бројка за да се оствари изборна победа! За проблемите со кои секојдневно се соочуваме, нема слух ниту воља за решавање! Во македонското општество постои погрешна перцепција за политиката и за политичките партии. Не постои општество во светот во кое толку многу политиката е навлезена во него, како ова нашево. На телевизија, на радио, во печатените и во електронските медиуми, насекаде околу нас и секојдневно – наголемо и нашироко се пишува и се зборува за политика. Вистински опиум за народот! Кога во општеството владее атмосфера на сеприсутност на политиката во нашите животи и во нашето (потесно или пошироко) опкружување, невозможно е да се остане без коментар за ставовите на политичарите и да не се вклучи широката н...