Skip to main content

Мирослав Крлежа: За човечката глупост

Мирослав Крлежа бил еден од највлијателните југословенски интелектуалци. Тој е хрватски писател кој со својата проникливост и интересен начин на опишување, многу лесно и интересно опишува општествени појави. Во својот есеј „За човечката глупост“ тој дава одлично и остроумно излагање на она што тој го смета за човечка глупост.

На моменти длабоко и филозофски, на моменти духовито и шеговито, тој ја анализира човечката глупост која може да се појави во различни форми и текстот е толку добар, што ве уверувам дека ќе добиете чувство дека голем дел од споредбите и описите се напишани вчера. Со оглед на тоа дека се работи за подолг текст, решив да го поделам во два дела и да го објавам во период од два дена. Во продолжение уживајте во овој текст исто онолку колку што и јас уживав додека го преведував.

Навечер, во интимен, полугласен разговор со самиот себеси, никако не можам всушност логички да го оправдам тоа што во последно време толку се вознемирувам заради глупостите на луѓето. Кога туѓата глупавост би била незгодна како нашата сопствена забоболка, тоа некако и би можело да се објасни: расипаните заби го расипуваат расположението, од забоболка не може да се спие. Но, вака? Како „вака“? Па вака: сѐ во животот е подредено на подлабоки закони на природата што науката во последно време ги нарекува „природни закони“: зошто, на пример, лебот намачкан со путер секогаш паѓа на онаа страна која е намачкана со путерот, а никогаш обратно? Случајно? Не! Закон.

Универзален закон. Или: Зошто чадот од локомотивата е секогаш навален на онаа страна од која човекот го набљудува пејзажот од воз кој јури? Ова се, видете, неодговорени прашања, затоа што овие проблеми се сосема нејасни, дури, би можело да се каже, необјасниви, а човечкиот ум е тажно беспомошен, но ако некој се вознемирува од човечката глупост, тоа значи дека и самиот тој не е баш претерано надарен со разум.

Не треба да се биде дел од суровите, полуписмени „мислители“ кои „мислат“ дека поимот дожд е поматеријален од поимот Бог, па кога многу важно, дури – може да се каже – патетично изјавуваат дека дождот е едноставно дожд, односно дека дождот не е ништо друго освен тоа што е, односно „дожд“, односно дека дождот е „природна појава“ и дека не е никаков божји дожд, а потоа од тоа слободоумно кокодакање не може да се каже ниту еден мудар збор, како со тоа префрлување на дождот во графата „природни појави“ да е решено и последното отворено прашање на човечкото размислување од првиот дожд до денес.

Па повелете вие, на ваков еден „слободен мислител“ да му кажете дека поимот детеологизиран дожд не ви е баш сосема јасен и дека вие лично баш и не верувате дека небесните водоводни направи се од божествено потекло, но дека шетањето по дожд во секој случај ви е помило од залудно надмудрување, тој господин Инквизитор ќе ве заколе во името на „слободната мисла“, исто како што ве колел вчера во име на кој било друг императив: ако сте се сомневале во тоа дека дождот е Божји, тоа било смртоносно исто како што денес е смртоносно да се сомневаш дека поимот „дожд“ не е објаснет со тоа што сме го сместиле во категоријата „природни појави“, итн. – ни самиот не знам што всушност сакав да кажам?

И ова сега што го мудрувам јас, занесен во овој свој солилоквиум, не е богзнае колку интелигентно, но кога веќе дозволив да се понесам од човечката глупост и кога и самиот по природа сум бил толку глупав што не сум успеал тоа да го спречам, сега ми е залудно да се жалам на глупоста на универзумот! Одгатнувањето на човечката глупост не е толку едноставна задача!


Без разлика дали човечката глупост е божјо дело или не, таа не се губи во своето дејствување. Од една до друга човечка глупост, патувањето често трае со векови: како светлината на згасната ѕвезда, глупоста никогаш не пропуштила да допатува до крајот на своето одредиште. Мисијата на глупоста е, веројатно, космичка, во повисока, дождлива, нетеологизирана смисла на зборот: глупоста е небесна сила која делува како тежина или како светлост, како вода и, воопшто, како космички елемент.

Глупоста е заљубена во себеси и нејзиното самољубие е безгранично. Глупоста е обвиткана со  достоинство и струки, титули и чинови, глупоста носи златни лордмајорски ланци и ѕвечка со билки и кандила, глупоста носи цилиндар на својата големоучена глава, а таа цилиндрична глупост е елемент што го проучував прилично внимателно, затоа што помеѓу тие цилиндри ја имав честа и среќата да живеам еден мал, незначителен живот на скромно граѓанско лице, толку скромно што исчезна скоро до невидливост.

Нашиот домашен, автохтон, таканаречен, народен расен „хомо цилиндриакус“, кој по правило секогаш стои на чело на една таканаречена „културна (цилиндрашка) установа“, вака размислува за себе во сјајот на своето граѓанско достоинство:

„Во име на седум илјади доктори на нашите цилиндрашки науки, јас стојам на чело на тие исти наши науки како нејзин најучен претставник, најдостоен за сечија почит! Секој мој збор до ден денешен бил на свое место и во моите големоучени расправи што ги печатеше нашата цилиндрашка академија нема ниту една единствена правописна грешка, а нашиот правопис се знае дека е прилично заплеткан.

Самиот факт што нашите правописи, сезонски се менуваат, самиот тој факт говори за натпросечната надареност на нашата цилиндрашка, калиграфска, правописна раса! Јас сум претседател на дваесет и три друштва и самовилата, која стои над колевката на секое новороденче, мене ми предвидела дека ќе бидам покровител и застапник, почесен претседател и претседател, двигател, идеолог, говорник над гробови и говорник кој открива споменици, а со текот на времето станувам и бронзена појава во еден од нашите паркови.

Во сенката на мојот цилиндар, јас сум, со достоинство на редовен телефонски претплатник, личност за која четири полни реда со насловите и поднасловите на моите граѓански функции се испечатени во книгата на телефонски претплатници, јас сум човек кој од принцип никогаш никому не потпишал меници и кој никогаш на отплата не купил ниту една кутија сардини, затоа што својот уреден и угледен живот го проживеав во рамките на своите куповни можности, без долгови, без морална, граѓанска или каква било дамка, без политичка сенка, без патриотска дамка, отворен како трговска книга, секогаш достапна секому на увид, пропишан, учтив, хармоничен, јасен, срдечен, за себе и за своите ближни примерен патриот, примерен граѓанин и примерен работник, човек сопружник, кој никогаш не спиел со никого освен со сопствената госпоѓа, која веднаш  уште во првата ноќ од нашиот среќен брак ја направив мајка на иден господин доктор и иден претседател и иден цилиндраш, затоа што нам Господ ни заповедал: „Размножувајте се, цилиндрашки господо доктори и раѓајте идни цилиндрашки господа доктори“, затоа Универзумот беше создаден за да се множиме и размножуваме ние, цилиндрашите, говорниците пред споменици и над отворени гробови на великаните, сами во последната низа на великани и идни носители на улици и плоштади во нашиот главен град и престолнина, во нашата метропола, во нашата илјадагодишна цивилизација.“

Дали може да се нарече човек, еден наш таков господин доктор, свесен носител на многубројни ордени, човек кој е секогаш подготвен да умре на „Ѕидот на христијанството“?

Тој испробан и докажан борец за национални идеали, таа тријада на нашата илјадагодишна култура, тоа е сивата маска на нашиот докторски бал, појава која сѐ уште не е целосно разоткриена, а дури и ако некој ја разоткрие, што ќе остане од неа?

Три дипломи, седум научни трудови во кои тој се обидел да докаже како одредени феномени можат да се множат или делат или класифицираат, дваесет и две кариери, како и дваесет и два животни успеси, една катедра, три катедри, една оставинска расправа, една непрекината и постојана количина досада од десет до петнаесет илјади денови, во која особено се издвојува неделната досада (околу две илјади здодевни, дождливи недели), со прошетки во ботаничката градина, со златни риби под фонтаната и со цигара на клупа под некоја липа, неколку патувања во северните големи градови (во трета година, во лоши хотели), без какви било други особени интереси, страсти или возбудувања, односно со еден збор: една маска со чевли број четириесет и два, со два или три златни моста, со копање на носот во темни соби каде што клокоти котелот врз шупливото седиште, сиво, досадно лице меѓу еден куп останати досадни, сиви лица, примерок меѓу масата на слични примероци, човек на кого воопшто не може да му се пристапи на човечки начин, затоа што несомнено припаѓа на времето пред ерата на поплавата на човечка глупост, кога таквите јадни животни се бранеле со оклопни, непробојни плочи од сопствената носорозна супстанција, и покрај секој интелигентен доказ за спротивното. За што друго е човечкиот ум денес, ако не за нервозен немир, односно за невротично дрндање за дилувијалните околности на реалноста?

Ние нервно вознемирените поединци сме опкружени со идиоти, сопственици на имот, сопственици на фабрики за сода-вода, господа граѓани и малограѓани, кои носат кора од диња на главите кога меѓусебно се закопуваат, и што може човек да прави со еден ваков близок сограѓанин, таков примерен патриот и член на централниот комитет на таа и таа партија, кој е градски татко, советник, сопственик на фабрика, филантроп и јавен работник, кој со својот сопствен потпис во својот сопствен партиски весник јавно протестира  против тоа што денес се употребуваат товарни возила, кога тоа како прво, го убива нашиот сопствен коњски превоз, а како второ „го расипува и уништува системот на канализациони цевки и одводни канали, изградени кај нас на старомоден цигларски начин“.

Под „товарни возила“, овој наш учтив граѓанин (иронично) подразбира воени камиони, а бидејќи тој нема граѓанска смелост да протестира и да се буни против воените паради, тој ги објавува своите длабоки мисли во своето партиско тело на еден симболичен начин.

Тој се изразува во алегории. Бидејќи топката се запалила на седумдесет и седум страни, бидејќи неговата еднокатница на улицата именувана по исушениот неспособник и таканаречен поет Аладар Кипријан Балентековиќ изградена врз дваесет милиони скршени, изрешетени и просејани черепи на неговите европски сограѓани, бидејќи останаа уништени не знам колку десетици европски градови во грмотевици и невреме што ја крена Европа како стар згужван лист од весник, бидејќи цела Азија падна во крв, во чума, во оган, во пропаст, во катастрофа како миниран каменолом, господинот Градски советник и сопственик на станови од улицата Кипријан Хиперион Балентековиќ протестира против употребата на „товарни возила“, затоа што ги „руши канализациите“, и врз основа на тоа се загрозува правилниот одлив на тоалетните цевки од неговата скапоцена и важна еднокатна зграда.

Во принудниот бунт против „товарните возила“, прислушувајќи како пукаат  карпите од неговата сопствена куќа, како му се тресе кровот над главата и чашите кои ѕвечкаа во креденецот во трпезаријата, господинот Советник се бунтува против современата реалност од витешка перспектива: тој живее во златната рамка на старомодната олеографија, онаму каде што витезите во оклоп се борат со чудовишта на турнир, тој ги замислува своите кочијашки идеали во пурпур и хермелин, умирајќи за поимот „татковина“, во пурпурен оган и мавтајќи со знамиња, во крстоносна екстаза на еден гест како што се волшебните движења на знаменосецот и бајрактарот кои загинуваат во бара од крв „за Светиот крст и златната слобода“, каде што „Светиот крст“ ја означува негова барокна Света Марија на Божиќ и Велигден, а „Златната слобода“ всушност ја претставува неговата ситнобуржоаска фабрика „Сода-вода“ или неговата машина за грицкалици за нокти, а двајца гологазовци му ги прават во пивницата, а господинот Сенатор продава пакет од овие грицкалици под заштитникот знак со хералдички орел кој носи златен крст во своите канџи како симбол на нашата – илјадагодишна „златна слобода“, „златна“ слобода на правење грицкалици за нокти, полнење шишиња со сода и заштита на одводните канали.

Човекот лебди неколку сантиметри над реалноста. Влезете во еден таков „слободарски“ поглед на светот врамен во златна рамка, кој тука стои пред нас како четворобоен испечатен примерок од која било феудална драма или битка или триумфално крунисување и објаснете му на таквиот ваш господин сограѓанин дека неговата кочијашка логика се движи на пилешки нозе, и што ќе ви одговори? Или дека сте морално болен тип или странски платеник или, во најдобар случај, нешто не е сосема добро со вашата глава.

Со години живеев во овој наш смрдлив калабалак, речиси глувонем, притаен и повлечен во себе како полжав и вистински ползавец и со години размислувам за човечката глупост, нејасно чувствувајќи како од различни човечки постапки произлегува чудна, мрачна, внатрешна сила која им го попречува секое движење на луѓето, која на луѓето никако не им дозволува да живеат целосно и непосредно, една опасна сила, која всушност ги труе и растворува луѓето; Оваа секојдневна појава на човечка глупост ја толкував како природна работа: „Човекот застана на задните нозе, одеше како двоножец, а глупоста се влече зад него како сенка!“

Глупоста е сестра на мракот, глупоста би сакала двоножецот повторно да го врати кај неговите четвороножни роднини во природата, глупоста не му дозволува на човекот да отпатува кон ѕвездите, како што и силата на гравитацијата не му дозволува да лета! Јас всушност ги сакав луѓето. Јас, всушност, им простував на луѓето, се воодушевував на човечките способности, а кога ќе се појавеше човечката глупост и кога некакво прекрасно воздигнување на човечката волја или занес ќе го привлечеше кон себе, во калта и нечистотијата на неизмиени зборови, јас го толкував распаѓањето на таквото благородно и племенито човечко движење сосема природно, добронамерно и помирувачки: „И птиците уморни паѓаат и не летаат вечно, зошто луѓето треба постојано да лебдат над своето достоинство? Или: „Поединецот што сака да се издигне над своите сограѓани е како тркало на матна патека; Тоа се тркала, но и тоа ќе се извалка!“

Човечката глупост е мрачна сила под нас, тоа е хаотична сила на исконски суштества под нас, кои луѓето сè уште не ги совладале, но кои сепак ќе ги надвладеат, без трошка сомневање, и тука лежи смислата и значењето на човековиот напредок: степенот на поединечните цивилизации е обратнопропорционален со степенот на човечка глупост.

До својата педесет и втора година од животот, јас го живеев најдосадниот и наједноличниот живот на просечен кочијашки и цилиндрашки граѓанин: Бев уредна нула меѓу масите уредни сиви нули, се досадував во таканареченото вршење на своите ништожни должности, извршив три и пол илјади попладневни неделни прошетки до цигланата или до павилјонот во паркот на крајот од градот, живеев мирен и неописливо едноличен брачен живот со својата законска жена, со неа направив три девојчиња (три глупави гуски), имав сосема пристоен граѓански приход како правен референт во една индустриска организација, бев правен застапник на Домашни претпријатија и фирми, со еден збор: за мене, за мојот личен, приватен или јавен живот, не би можело да се напише ниту една единствена реченица која ја надминува рамката на најнормалните прописи на сивата и безлична шема според која живеа илјадници и илјадници цилиндрашки нули ширум целата наша родољубива татковина и во сите безбројни родољубиви цивилизации ширум целата земјина топка.

Околу мене, самозаљубените скелети на моите ближни постојано нешто зборуваа и приговараа, јас одвреме-навреме се вознемирував на судските рочишта како правен застапник на мојот работодавец, во праведна одбрана на т.н. колективни интереси на фирмата, во однос на производи за домаќинства, од еден мој далечен роднина наследив многу убаво лозје со дрвен летниковец, живеев во здодевниот семеен круг со мојата госпоѓа, ќерка на ограничен фармацевт од провинција, кој со својот лековит чај за варење ги расипа цревата на една цела генерација и со истиот тој чај изгради три трокатни куќи во нашиот град, живеев во еден убав, сончев, претставителен стан со балкон, во една од овие трокатни куќи од „чаевите за варење“ (што беше во мој посед, затоа што аптекарот ми ја даде таа куќа како знак за неговата посебна наклонетост), се дружев со некои братучеди на мојата сопруга, со високи чиновници од нашиот чиновнички ред, и, живеејќи така целосно како сопственик на куќа и како службеник, се движев во кругот на истиот тип на чиновници и сопственици на домови, не занимавајќи се – секако – со нашата домашна вулгарна политика, немајќи никакви посебни страсти, слушајќи кога другите зборуваа за војни, битки, авантури, големи планови и воопшто за големи работи и случувања, и така воглавно живеев: слушав, пушев цигари и спиев во недела до девет наутро, а во обични денови до седум и пол; минимум девет часа за одмор на нервите и за добро и мирно варење на храната.

За сликарството слушав со години, и тоа многу, затоа што мојата сопруга три години студираше на Академијата за сликарство, не е познато зошто, бидејќи немаше речиси никаков талент за сликање, но сепак ѝ остана наклоноста кон сликарството, посетуваше уметнички изложби, купуваше слики, и затоа господата сликари уметници, самите го украсуваа мојот дом со своите посети, и кај нас дома многу се зборуваше за слики, за сликање, за продажба на слики, а и за сликарството – одвреме-навреме – како такво; се зборуваше многу и за музика, затоа што кај моето постаро девојче Агнеза открија особено убав сопран, а мојата сопруга ја пикна во конзерваториумот, и како што Агнеза се подготвуваше да стане пејачка (за голема кариера како колоратурна пејачка), кај нас дома многу се свиреше, пееше, се зборуваше за опера, за концерти и за уметност, а со оглед на тоа дека мојата госпоѓа генерално беше сестрана и во нашите мали и заостанати околности беше сметана за една културна, многу негувана, во најубава смисла на зборот, убава душа и како што јас повторно се вратив во природниот свет како наивно гостопримлив човек, низ мојата куќа минуваше еден куп народ; Јас ги сакав гостите, уживајќи во нивната дружељубивост, секогаш подготвен за услуга, како личност, како што ми се чинеше мене, претежно почитувана и, повеќе или помалку, драга на сите.

Тука, во нашиот мал град, има многу озборувања и клеветења на сите страни (како во сите мали места кои сакаат да ја играат улогата на метрополитски центри и да извршуваат некои мисии во темни и заостанати провинции многу над сопствената моќ), но за мене, колку што јас можев да проверам сè додека не наполнив педесет и две години, никогаш не се слушна ниту еднен особено негативен или особено злобен збор.

Имено, бев потполно безимен и невидлив, толку дискретен, што никој всушност не ни забележа дека сум жив. За мене никој никогаш не рекол дека јас би украл нешто од некого (сребрена лажица или шкаф), никој за мене не можеше да тврди дека сум изел некому нешто, дека на нечија сметка сум се пикнал на некое подобро или попрофитабилно место, и во тој смешен вртлог на нашата домашна глупост, никој не го валкаше моето име со нешто посебно: тоа дека бев сексуално болен уште во најраната младост, тоа беше претежно непознато, а освен таа дамка, немаше ништо посебно во мојот претходен живот, па дури и да се знаеше тој срам, тоа за нашите околности ќе беше нешто навистина најневино што можеше да се лансира за една драга и, повеќе или помалку, угледна, цилиндрична, граѓанска личност која ја има својата угледна позиција, својата богата сопруга, неколку куќи на главните улици, неговиот летниковец и неговата тековна сметка во солидните банки во центарот.

(Дека јас сум сексуално заразен развратник кој ја заразил сопствената сопруга, дознав дури подоцна, кога ветрето почна да дувка околу мене, кога сè околу мене преку ноќ беше нарушено и кога паднав во центарот на вниманието на нашето јавно мислење: дека носам рогови, дека мојата сопруга седум години имала куќен пријател, дека по сопствено признание јас сум блудник, па дури и дека моите деца не биле мои деца; ова го слушнав само во оној дел од своето животно патување кога се прекина триесетгодишната тишина и кога при општото чистење на предрасудите, излегов како сосема различен човек од оној кој цел живот мислев дека сум, а и моите блиски.)

Бидејќи човек може да дотурка до шестата деценија без воопшто, ниту за еден момент, да го живее својот личен живот. Најпрво тука се разноразните гњаважи на слабоумното и растресено детство, а потоа следат романтиките, војните, авантурите, жените и пијанствата во полуслепите заноси на првата младост, сето тоа беше, како да кажам, во галоп: човек немаше време ни да се сврти назад во таа луда трка на настани и шаблони, а кога конечно застанав за конечно да се средам  и трезвено да сфатам што навистина се случува со мене, се испостави дека од огледалото ме гледа еден срозан старец, со подочњаци и парадентоза, смешно надуена торба со дебел врат и надуен подбрадок, тажна појава на ќелав, досаден идиот и мрзливец, кој во раката држи детски дрвен меч, донекаде параноично убеден дека оваа кревка трска е рапирот на чистата морална убеденост со кој  може да се бори за честа на знамето и чесноста против цела една мала, заостаната и смешна цивилизација.

Од оној краткотраен период на државна служба, кога во рамките на една збунета изборна влада поднесов оставка како шеф на кабинетот на еден слабоумник, и кога се оддадов на правната служба во индустриските струки, фабрики за миризби и  парни пилани, па сè до крајот на мојот брак со госпоѓа Агнеза, мојата сопруга, ќерката единица на аптекарот, која ја земав од чиста младешка љубов, јас го поминав целиот свој живот зафатен со туѓи прашања, кршејќи ја својата не премногу надарена и организирана глава со грижите на другите.

Истрајно и пожртвувано, баш самаритски, ги сакав сите мои ближни околу мене и, осветлувајќи некои од моите одредени приватни неуспеси или непријатни искуства со луѓе со трајно сочувство кон страдалници, се тешев и се смирував со блага, скоро христијанска добронамерност. Ако некој ме измамеше за потпис на меница, јас начелно никогаш не се лутев и никогаш не се случило на такви измамници да не им потпишам меница и по вторпат: Јас секогаш знаев да најдам некаков добар, или барем само пофален потег на тој поединец како доказ дека „тоа со меницата му се случило во момент на слабост.“

„Луѓето се такви“, така зборував, помирувајќи се во себеси со мојата основна дружеубива идеја дека луѓето треба да бидат сакани, затоа што тие се повеќе глупави отколку злобни, верувајќи некаде длабоко, интимно во себе, дека сѐ уште никој, низ долги и долги векови на човечкото искуство, не открил лек за човечката глупост и тоа овака како што е денес, получовечко, а полуглупаво, ќе трае прилично долго за време на збунетоста околу нас и во нас.

Набудувајќи ги луѓето со прилично свежа љубопитност, забележав како луѓето се валкаат едни со други со некаква неразбирлива, длабока потреба која се јавува кај човекот како гравитација: во луѓето постои мрачна сила која влече го надолу, кон земјата, кон калта. Луѓето меѓусебно се прогонуваат и се чувствуваат прогонувани од движење, од погледи, од зборови, луѓето меѓусебно се душкаат како ѕверови, луѓето всушност се двоножни животни, луѓето меѓусебно си крадат мисли и пари (како мајмуни во дождовната шума што меѓусебно си крадат банани), и кога ќе се изнакрадат и кога ситото им пождригнува, тогаш задоволно си тераат валцери, мокрејќи во подземниот писоар на некој нечист ноќен клуб, каде оддалеку, преку превезот од чад и мирисот на катранот, ѕвонливо допира звукот на слаба музика: добро ни оди, се изнајадовме туѓи маки, нè носат на перници, пијани сме, фала му на Бога.

Топло месо завиткано во ткаенина, одвоено од природата, поставено на задните нозе: во црква, во судница, на театарска сцена, во проповедница, на катедра, во писоари, во крчми, во касарни, ова топло месо облечено според таинствените правила на разноразни историски костими, класифицирани во таинствени касти, национализирано човечко месо во облека според ѓаволски строј, тоа јадно  човечко месо целосно се губи пред бесконечно големиот број на отворени прашања, неснаоѓајќи се со збунетоста, одвоено едно од друго, тоа се чувствува исклучиво како свое сопствено месо, ја заборава меснатата сличност со својот месен ближен, и така од страв и глупост меѓусебно си ги гризат грлата, се претвораат во животни поради стравот и ужасот од темнината.

Луѓето се исполнети како слама, со воспитување, суеверие, предрасуди и лаги, луѓето играат улоги како марионети во оркестри, играат онака како што некои други ги навиле, според туѓ такт на музика која за нив, такви какви што се, е потполно несфатлива и неразбирлива. Луѓето се бркаат во слабоумниот круг на таканаречениот социјално условен рингишпил и, како на вистински панаѓурски рингишпил, овие возачи на дрвените коњчиња со општествени предрасуди се вистински убедени дека галопираат со неверојатна брзина во затворениот круг на „успехот“.

А кога одвреме-навреме таквиот панаѓурски рингишпил ќе се распадне, и кога овие обезглавени кутри коњаници неочекувано излегуваат од рутината, избезумените јавачи на своите кариери не се снаоѓаат без дрвените коњи, а јас сѐ уште не сум имал можност да запознаам ниту еден друг т.н. паметен и нормален човек кој би бил толку смел за да го поживее својот живот сам за себе, без своите деловни писма, без своите параграфи, без својата канцеларија со сад за плукање и  печат, со еден збор: без предрасуди и без верба во дрвени богови.

Офицери по изгубени војни, без коњи и без пцовки, пропаднати банкари без кредитна вредност, пејачи без глас, отпуштени чиновници, отфрлени политичари, сите овие панаѓурски кловнови, како морнари во поплави, пливаат во струја од предрасуди во ѓубре, заборавајќи ја суштината на нивната човечка супстанција; овие сламени кукли се убедени дека карневалот навистина заврши трагично само затоа што ветрот ги разнесе нивните кловновски капи. Ако тоа случајно им се случеше на другите маски, ќе им беше смешно.

Луѓето секогаш се радуваат на туѓата несреќа, заборавајќи дека таа туѓа несреќа е лично нивна. За сè што е човечко, јас отсекогаш сум имал слабост на разбирање според стариот класичен рецепт, а тоа е дека сите човечки слабости се всушност елементи на онаа човечка тајна  која од човекот создава бедник достоен за сожалување. Луѓето меѓусебно се мамат,  се лажат едни со други лице во лице, се мамат со ласкање и проѕирно превртливо додворување, и ова честопати  искрено и чесно им се чини дека е неразмерно похрабро отколку едни на други да си ја кажуваат голата вистина.

Луѓето се себични затоа што не се сити, затоа што се плашат од глад,  зловолни се затоа што се понижени и затоа што им е нанесена неправда, тие се неправедни, секако, но нивните блиски не се праведни и кон нив, тие се несреќни, повредени, лути, во партали, хрчат под смрдливи пердуви, завидувајќи си едни на други за ѓезве за кафе, за чиста перница, за нов велосипед, лелекајќи за секоја мала работа како чавки на гранка кога се правдаат (дијалектички, веројатно) пред трупот на некој непознат јунак за тоа кој имал право на првенство да се нагости со човечко око.

Луѓето треба да бидат сакани, треба да им се биде на услуга, при рака, во гостопримливиот став на домаќинот, со гримаса на неговиот образ кој е добронамерно насмеан, со слатка гримаса, како марципан, како новогодишно прасе на излогот на слаткарницата, јас тоа го проповедав како општествен принцип и јас со години се раководев според тоа основно начело!

Луѓето секогаш треба да се дочекуваат со отворена врата и раширени раце, да се примаат луѓе со двете раце, непосредно, да се биде духовит, да ги забавуваш ако се лошо расположени, да ги гостиш, да купуваш риба, мајонез, дивеч, вино, тутун, сирење (многу различни сирења и јужно овошје), човек треба весело да се врати дома со пакети, со шишиња, во топла, загреана, осветлена соба каде што го чекаат богато поставени маси, така мислев дека е добро, но така ја негував дружељубивоста и во мојата куќа бев домаќин на цели гужви од ништожници и глупаци, идиоти и измамници во бескрајни серии.

Треба по цели ноќи да ги слушате туѓите глупости, да трпите туѓо самољубие, да се восхитувате на туѓите шеги, да слушате будалеста, неталентирана свирка на дилетанти – така си зборував сам на себеси и така според своите сопствени автосугестивни упатства потрошив цел еден живот, под влечката на сопственото гостопримство, подготвен за сите услуги, самодоволен, благонаклонет и малку глупав слабоумник, кого неговите сопствени пријатели го сметале за безопасен, прилично досаден гњавеж, во чиј дом не е претерано забавно, но сосема пристојно се готви, а се сервира (скоро секогаш) релативно добро вино .

Во облаците од чад, во бунилото на алкохол, од глупавата наметливост и од лошо воспитаната дрскост, од злобата на туѓите јазици, во мене со години се таложеше еден мачен талог од заситеност, гадење и некој неодреден, но сепак вознемирен немир, кој во присуство на одредени поединци знаеше да добие облик на избезумена раздразливост. Сепак, одвреме – навреме, ми се чинеше премногу глупаво да изгубам цела ноќ со дрдорливци кои слабоумно истрајно секоја вечер дрдореа за едното исто: за некакви партии, за партиски клевети и трикови, за устави, за битки, и тоа беше претворено во бесконечно здодевно брборење, кокодакање и глумење некаква важност.

Не е дека и претходно не сум забележувал очигледни знаци на стареење кај релативно млади луѓе, мрзоволна загриженост за мрачните денови, отсуство на воодушевување за племенити и несебични чувства, срамежливо криење на своите уверувања, невообичаено развиено чувство за самољубие, а особено за сопственост: ова е „мојот покрив“. „моето знаење“, „мојата сопруга“, „моето верување“, „моите книги“, „моите приходи“ (општо: „сѐ мое“), па затоа, кога веќе младите луѓе држат пелтечни монолози преувеличувајќи го значењето на секое, дури и најнезабележителното нарушување на „своето“ варење, што ли ќе биде со овие млади господа, превеаните наши интелектуалци и стрелци за една или две децении, па така се запрашав и јас, малку сомнителен кон тие дрдорливи докторски деца, нивните школски другари, кои веќе ја создале следната сенилна докторска генерација танчери, славни правници и асистенти на марвинските клиники и лудниците.

Забележаував дека луѓето под својата маска се всушност нељубезни, студени, сурово рамнодушни кон сè што во моментот не припаѓа во нивната сфера на непосреден интерес, дека се ограничени, досадни, наметливи, дека се озборуваат заради неверојатна заслепеност, дека не си ги исполнуваат обврските, не ги плаќаат долговите, дека мајмунски слепо, ограничено, празноверно, суетно, лакомо се грабаат за животни пробивања (претежно пробивања на цревата и телесни удобности), и во такви потиштени, всушност видовити, расположенија, јас би се оддалечил од тој човечки шум, затоа што во мојата штала со овие преживари одвреме-навреме станува премногу загушливо. Кога си заедно со луѓето смрди, ама е топло. Во осаменоста е празно. И ние многу добро знаеме што всушност има под нечија опашка, но без тоа душкање не може да се живее.

Извор: buka


Comments

Popular posts from this blog

Мојата генерација

Мојата генерација е генерацијата која се роди во годината во која се „роди“ и  самостојна, независна и суверена Република Македонија. Мојата генерација е генерацијата која детството го помина во периодот на транзицијата. Ова е генерацијата која се роди за време на воспоставувањето и градењето на еден комплетно нов систем. Ова е и генерацијата која живее во време на експанзија на информатичката технологијата. „Не седи на земја, ладно е!“. Колку и да Ви звучи смешно, ова беше опомената што нашите мајки и баби секојдневно нѝ ја кажува, додека по цел ден бевме на улица, игравме безгрижно и се дружевме меѓусебно. Денес ова остана само како добар спомен и сеќавање од нашето детство. И на човек му доаѓа да заплаче кога знае дека тие моменти нема никогаш повеќе да се повторат. Мојата генерација беше генерацијата која имаше безгрижно детство. Мојата генерација беше генерацијата која после наставата на училиште се враќаше дома а потоа продолжуваше со топка на улица. Мојата генерација беше

Како со позитивни мисли да ги зголемите шансите за среќа и напредок во животот?

„Тажните времиња н è  подобруваат и н è  водат кон доброто, додека добрите времиња ни го покажуваат изобилството од можности и ни ги нудат благодетите што треба да ги цениме. Исто така, сфатив дека ништо што е премногу добро или премногу лошо не трае долго.“ ~ Робин Шарма Овој текст го започнав со цитат од еден од денешните најпопуларни автори и мотивациони говорници Робин Шарма. Овој цитат можете да го препрочитате неколку пати и секогаш ќе ја согледувате неговата длабочина.  Според мене, не постои само среќно време, ниту, пак, само тажно време. Работите не се само црни, ниту само бели. Според Сведен Бринкман, професор по психологија на Универзитетот „Аалборг“:  „Одвреме-навреме животот е прекрасен, но исто така е и трагичен. Луѓето умираат во нашите животи, ги губиме, а ако ни е дозволено да имаме само позитивни мисли, тогаш оваа реалност ќе нè погоди уште посилно. Нема ништо лошо во тоа ако некој е природен оптимист или ужива во книгите за самопомош.“ Секој од нас с