Skip to main content

Студентска (не)организираност

Колку пати за време на нашето студирање сме се соочиле со професори кои што кон нас настапувале од позиција на моќ и авторитет и се однесувале недолично за функцијата што ја извршуваат и за позицијата на која се наоѓаат? Колку пати нашите права како студенти биле повредени? Колку пати сме се запрашале дали постои некој механизам за заштита на нашите права и интереси? Колку пати сме добиле таква заштита?

Овој текст го насловив студентска (не)организираност заради две причини. Првата причина е тоа што ние студентите сме апсолутно неорганизирани, но и незаинтересирани за нашата положба и улога во системот на високото образование. Воопшто не ни е важно дали постои студентска организација, дали постои заштита на студентите кога нашите права се загрозени или прекршени, дали одредено однесување на професорите ги преминува границите на односот студент – професор и како ние како студенти да се заштитиме себе си и нашите права? Втората причина, пак, е поврзана со првата, односно следствено се надоврзува на неа. Имено, што ако ние како студенти сме свесни дека односот на одредени професори не е коректен и дека нашите права се повредени, а ние и понатаму си молчиме како да сме потчинети? Дали некој студент има храброст да им каже на професорите дека ние како студенти сме запишани на факултет, односно на високообразовна институција, затоа што сме одлучиле да студираме и да се стекнеме со знаења и вештини кои утре ќе ги имплементираме во пракса во текот на нашиот работен век, а не за да бидеме потценувани и омаловажувани од страна на одредени професори? 

Дали титулата доктор на науки е оправдување на сето недолично однесување од страна на одредени универзитетски професори на било која високообразовна институција? Ако професорите си мислат дека одговорот е да, тогаш јас би сакал да им кажам дека титулата доктор на науки е нивна лична титула, која тие имале желба и можност да ја стекнат, но самата титула не го оправдува во ниту еден случај нечовечкото и недолично одесување кон ниту еден студент! Изборот во наставно - научно звање (доцент, вонреден или редовен професор), со себе ја носи и јавната и општествена одговорност на тие лица. Тоа значи дека тие, со тој избор, стануваат наставници и педагози и учествуваат во процесот на образованието. Од тој момент тие се должни да им пренесат знаење и вештини на своите студенти, а не да применуваат мерки и дејства со кои ќе им покажуваат и докажуваат на студентите дека тие се богови, а дека студентите се само покорни слушатели! 

Професорска кариера не се гради на овој начин! Професорска кариера не се гради на начин со кој ќе им се стави до знаење на студентите дека тие треба да молчат и само немо да слушаат и да се поклонуваат пред професорите, водејќи се од мотото дека наведната глава сабја не ја сече! Дел од професорите што се докажани во својата фела и научна област ќе се согласат со мене. Тоа се луѓето кои одејќи макотрпно низ трње, со својата пот, напори и желба да успеат изградиле кариера на свој, а не на туѓ грб. Затоа, се забележува, дека овие професори имаат поинаков однос кон своите студенти – спремни се да слушнат за нивните проблеми и не се обидуваат да покажат асимилаторски однос кон нив, бидејќи и самите поминале низ тие студентски перипетии. Додека, оние професори што глумат богови на факултетите го одбрале погрешниот начин да изградат (вештачки) авторитет, односно кариера и секогаш да настапуваат од позиција на сила и моќ! Тие многу брзо и многу лесно заборавиле што значи да се биде студент! 

И за сето ова се свесни најголем дел од студентите, но, се разбира, никој нема доволно храброст да го искаже своето мислење и својот став јавно, бидејќи очигледен е стравот од подоцнежно одмаздољубиво одесување на тие професори. И затоа повторно покорно се молчи! 

Потребно е професорите да разберат дека за време на образовниот циклус, тие заедно со нас студентите се единствено партнери во тој однос и дека само заеднички можеме да ја совладаме предметната материја и да се стекнеме со знаења и вештини кои ќе ни бидат корисни и применливи кога по завршувањето на нашето образование ќе заминеме од факултетските амфитеатри и предавални и ќе започнеме своја кариера. Сѐ додека се настапува од позиција на моќ и на сила образованиот систем нема да ни функционира онака како што би требало! 

И сега да се вратиме на почетокот од овој текст. Ноторен факт е дека доколку студентите се соочат со вакви или слични проблеми за време на студирањето, тие нема да побараат заштита за себе и за своите права. Ова не смее да биде и да остане така! 

Јас, пишувајќи ги своите текстови посветени на образвованието, особено на високото образование, постојано укажувам на тоа колку многу е важно студентското организирање. Во својот прв авторски текст на оваа тема ги обвинив студентите за нивниот конформизам, за нивната неиницијативност, за чекањето работите едноставно да се случат. За сите оние кои не ги читале досега моите текстови само да напоменам дека од ниту еден мој текст јас не се изземам! 

Најсоодветна заштита на студентските права и интереси може да се даде преку Студентските парламенти и Студентските правобранители. Но, проблемот со студентските парламенти (порано студентски сојузи) е што тие, во наголем дел, се партиски, политички и сервилно ориентирани кон одредени структури! Проблемот со Студентските правобранители е што тие се избираат врз основа на претходно споменатите критериуми (партиски, политички) или, пак, се назначени од редот на професорите! На овој начин, студентите буквално се оставени на цедило и се целосно обесправени! 

Студентските парламенти и Студентските правобранители мора да ги застапуваат и да ги бранат правата и интересите на сите студенти, бидејќи нив и ги претставуваат! Крајно време е да се сфати дека само доколку сме заедно ќе бидеме позаштитени и посилни! Не смееме никому да му дозволиме да си поигрува со нашите права и нашиот статус на студент! Не смееме да се збогуваме од епитетот на слободоумни личности кои се моќна и независна сила во општеството! 

Текстов ќе го завршам со една прекрасна мисла кажана од страна на Претседателот на САД, Барак Обама: „Промената нема да дојде ако чекаме некое друго лице или некое друго време. Ние сме оние што ги чекавме. Ние сме промената што ја баравме.“

Автор: Илија Јованов



Сите права се заштитени. Ниту еден дел од овој текст не смее да биде умножуван, препечатен во механичка, електронска или некоја друга форма, фотокопиран, снимен звучно или на некој друг начин, без претходно писмено одобрување од авторот.
(c) Copyright by Ilija Jovanov 
All rights reserved

Popular posts from this blog

Илија Јованов: Македонија – од заробена држава до хибриден режим

Од оаза на мирот до конфликтно подрачје Република Македонија во 1990-те години на минатиот век беше нарекувана со епитетот „оаза на мирот“, алудирајќи на фактот дека беше единствена република која отцепувањето од поранешна СФРЈ не го означи со крв на нејзина територија, туку со демократски референдум, како највисок стадиум на демократија. Во наредната деценија од осамостојувањето, на наша територија примивме повеќе од двесте илјади бегалци за време на војната на Косово, а во 2001 година се соочивме со вооружен конфликт на сопствена територија. Злосторствата сторени за време на овој конфликт политичарите решија да ги амнестираат, иако меѓународното право пропишува дека воени злосторства не застаруваат. Анализирајќи ги состојбите од историски аспект, ми се чини дека македонските граѓани никогаш не се навикнаа да живеат во состојба на мир и благосостојба, туку во состојба на незавршен мир и константни скриени закани од нови конфликти и немири. Меѓуетничките тензии внатре во Македонија, до...

Златно доба на корупцијата

Кога во 165 година на новата ера, пандемијата на чума потрајала цели 25 години, косејќи дури и по 2000 животи дневно, Марко Аврелиј бил командант на данубијанската област и во тоа својство задолжен да се справува со болеста. Тој бил еден од ретките што во тоа време водел дневник (под наслов „Разговори со самиот себе“). И тој и неговиот дневник останале запаметени во историјата делумно и заради реченицата: „Најстрашната зараза е корупцијата, полошо од која било инфекција, зашто доживотно ги загадува луѓето“. Марко Аврелиј важел за интелектуалец помеѓу римските императори, а до нашиве времиња стигнал и како една од најоспоруваните историски личности во Америка, за време на владеењето на Роналд Реган и неолиберализмот. Неговата сентенца дека „даноците се цена на цивилизацијата“ била оспорувана како да ја кажал некој од тогашните влијателни сенатори, а не државник од пред речиси две илјади години. Разумот боде очи зашто не застарува. А дека Аврелиј не претерувал се потрудил да докаже латин...

Харари: Живееме во застрашувачка ера кога цели истории и нации можат да бидат лажирани

Во својата нова книга, „21 лекции за 21 век“, најпродаваниот автор го свртува вниманието кон проблемите со кои се соочуваме денес. Овде, тој тврди дека „лажните вести“ се многу постари од Фејсбук. Деновиве постојано ни се кажува дека живееме во нова и застрашувачка ера на „пост-вистината“, и дека лагите и фикциите се насекаде околу нас. Не е тешко да се најдат примери. Така, кон крајот на февруари 2014 година, руските специјални единици кои немаат обележја на армијата ја нападнаа Украина и окупираа клучни инсталации на Крим. Руската влада и претседателот Владимир Путин лично повеќепати негираа дека станува збор за руски трупи и ги опиша како спонтани „групи за самоодбрана“ кои можеби стекнале опрема од руски изглед од локалните продавници. Бидејќи тие го искажаа ова прилично тврдоглаво тврдење, Путин и неговите помошници добро знаеја дека лажат. Руските националисти можат да ја изразат оваа лага тврдејќи дека тоа служело за поголема вистина. Русија се занимаваше со праведна војна и...