Skip to main content

Студентска еволуција

Сезар Чавес запишал: “Студентите треба да имаат иницијативи, не треба да бидат обични имитатори. Тие треба да научат да мислат и да дејствуваат за самите себе - и да бидат слободни.“


Во изминативе две години пишував за студентската неорганизираност, за незаинтересираноста за промени, за конфирмизмот којшто владее кај младите луѓе и за апатијата која стана наше секојдневие. Овие негативни особини долго беа карактеристични за македонските студенти. А сега со гордост можам да кажам дека студентите созреаја, во нивните ментални матрици еволуираше свеста за колективното и навестија дека се спремни да се борат за своите права!

Причина, се разбира, беше најавувањето на т.н. „екстерно тестирање“ (кое премина во т.н. „државен испит“). Но, според мене, причините се подлабоки и посуштински. Имено, високото образование одамна изгуби од својот квалитет. Отворањето на ефтините државни дисперзирани факултети значително го намали квалитетот на знаење што секој студент би требало да го стекне, но и отворањето на нови приватни факултети, без исполнување на минимум стандардни услови за работа и настава, исто така, придонесе образованието да се сведе на ова ниво на кое денес се наоѓа. Сето ова, пак, говори за немањето на соодветна државна политика и за неводењето сметка за високото образование во Република Македонија.

Знаете, залудно е да се говори за студенти кои се запишале на факултет со единствена цел – да се стекнат со парче хартија на кое ќе пишува „диплома“, а притоа да не се лоцираат суштинските проблеми во самиот образовен систем. А верувајте дека ги има премногу!

Сметам дека состојбата во високото образование не би се решила единствено со воведувањето на државен испит кој се планира да биде показател за знаењето кое го стекнуваат студентите во македонските високообразовни институции, затоа што, како што веќе реков, постојат посуштински прашања за кои треба да се разговара и да се увиде потребата од нивно надминување. Такви се, на пример, подобрување на условите за студирање, подобрување на студентскиот стандард, вложување во научните истражувања, вложување во наставно-научниот кадар кој работи во високообразовните институции, ревизија и подобрување на моменталните наставни програми и слично. Согласно ова, произлегува и потреба од сеопфатна систематска анализа на состојбите во образованието (во случајов конкретно во високото образование, што, пак, не значи дека и во основото и средното образование не се потребни вакви анализи), а со преземање на соодветни мерки за решавање на евидентираните проблеми и недостатоци, би се решила сегашната ситуација на долг рок. Само на овој начин би се подобрил квалитетот во образованието.

Во спротивно, со преземање на избрзани мерки и активности, без претходно истражување и анализа на моменталната состојаба, само ќе се навлекува револтот на студентите и на професорите. Односно, ќе ја имаме моменталната ситуација - колку институциите се поглуви за барањата на студентите, студентите ќе стануваат сѐ погласни и помногубројни. А историјата и животното искуство на секој од нас му помогнале да сфати дека проблемите не се решаваат со премолчување и игнорирање. Затоа, колку помалку по институциите се консултирани студентите и наставниот кадар за работите кои директно на нив се однесуваат, толку повеќе ќе расте нивниот број по улиците.

Обединувањето на студентите од повеќе градови во Република Македонија покажа дека Џон Стујарт Мил бил во право кога запишал дека: „Заедницата може да постои само врз основа на заемна согласност еднакво да се почитуваат интересите на сите луѓе. Само кога ќе се дојде до сознанието дека туѓите интереси се и наши интереси ќе се создаде чувство на единство!“. А во изминатиот период видовме дека македонските студенти знаат да изградат чувство на единство, да се солидаризираат и да се обединат без разлика на нивните политички убедувања, без разлика на нивната национална или верска припадност!
Потребно е институциите да смогнат сили, да ја тргнат својата суета и гордост на страна и да направат напори да организираат широка дискусија на оваа тема, притоа вклучувајќи ги сите засеганти страни во процесот. Само на тој начин ќе се овозможи транспарентно, непристрасно и реално согледување на состојбите и верувам дека ќе се увиде бесполезноста од воведување на ваков испит, од проста причина што тој нема да помогне за решавање на проблемите во високото образование, ниту, пак, ќе го подобри квалитетот на знаење кое студентите треба да го поседуваат.

Како студент, апелирам до политичките партии во државата да престанат да ги политизираат студентските протести и „на грбот“ на студентите да прибираат ситни политички поени! Исто така, потребно е да се престане со етикетирање на студентите кои излегуваат на протести! Сепак, правото на здружување е загарантирано право!

Сите права се заштитени. Ниту еден дел од овој текст не смее да биде умножуван, препечатен во механичка, електронска или некоја друга форма, фотокопиран, снимен звучно или на некој друг начин, без претходно писмено одобрување од авторот.
(c) Copyright by Ilija Jovanov
All rights reserved


Popular posts from this blog

СИНДРОМ „ИГНОРИРАЊЕ НА КВАЛИТЕТОТ“: КОГА ПОСЛУШНОСТА ЌЕ ГО ПРОГОНИ КВАЛИТЕТОТ НА МАРГИНИТЕ

Многу често, врвните и независни научни кадри во државата се соочуваат со затворени врати. Нивната „вина“ е едноставна: немаат партиска позадина, а нивните идеи бараат сериозна работа, а не евтин популизам. Критериумите за вработување овде одамна се мета на потсмев – деградирани од партиски влијанија и фаворизирање на кандидати со партиска книшка, наместо со реален интегритет и капацитет. Човек кој стекнал знаење со чесен труд тешко се вклопува во „пазарниот“ систем на македонското општество, каде партиската книшка тежи повеќе од секоја универзитетска диплома. Тоа што системот не го користи неговиот потенцијал е загуба за државата, а не за поединецот. Кога независните интелектуалци се трудат да го зачуваат својот образ чист, системот гради недоверба кон нив и токму затоа таквите луѓе се оставени на маргините. Кога една држава со години гради систем во кој партискиот послушник вреди повеќе од образованиот интелектуалец, таа свесно ја потпишува сопствената капитулација. Тоа што младите и...

Златно доба на корупцијата

Кога во 165 година на новата ера, пандемијата на чума потрајала цели 25 години, косејќи дури и по 2000 животи дневно, Марко Аврелиј бил командант на данубијанската област и во тоа својство задолжен да се справува со болеста. Тој бил еден од ретките што во тоа време водел дневник (под наслов „Разговори со самиот себе“). И тој и неговиот дневник останале запаметени во историјата делумно и заради реченицата: „Најстрашната зараза е корупцијата, полошо од која било инфекција, зашто доживотно ги загадува луѓето“. Марко Аврелиј важел за интелектуалец помеѓу римските императори, а до нашиве времиња стигнал и како една од најоспоруваните историски личности во Америка, за време на владеењето на Роналд Реган и неолиберализмот. Неговата сентенца дека „даноците се цена на цивилизацијата“ била оспорувана како да ја кажал некој од тогашните влијателни сенатори, а не државник од пред речиси две илјади години. Разумот боде очи зашто не застарува. А дека Аврелиј не претерувал се потрудил да докаже латин...

МЕРИТОКРАТСКА ЕРОЗИЈА

Во секое општество постои момент кога компетентноста престанува да биде предност, а незнаењето станува привилегија. Кај нас, тој момент одамна е надминат. Денес, функционално некомпетентните не се случаен пропуст, туку последица на подлабок процес: системско разградување на стручноста, каде лојалноста значи повеќе од знаењето, а просечноста има поголема шанса да биде наградена од извонредноста. Оваа појава - меритократска ерозија - не започнува драматично. Таа тивко се вгнездува во институциите преку „привремени“ решенија, импровизирани кадровски избори и нормализирање на нестручноста како „флексибилност“. Но, кога еднаш ќе се утврди, постанува правило. А кога просечноста ќе стане норма, тогаш проблем не се поединечните грешки - проблем е системот кој ги произведува. Посебно е забележлива таму каде што треба да биде најмалку видлива: во јавниот сектор и правосудството. Кога на позиции од јавен интерес се поставуваат луѓе без основни знаења, без аналитичка дисциплина, без професионални ...