Skip to main content

Владеењето на правото: политичка реторика или нужност за демократски развој?

Живееме во време во кое ниту граѓаните, ниту медиумите не посветуваат доволно внимание на вистинските проблеми и приказни. И на медиумите и на луѓето им е многу полесно да најдат и да пласираат во јавноста теми кои предизвикуваат гнев, презир и револт кај широките народни маси. Интересно е што овој гнев, презир и револт, повторно преку медиумите се пренесува и кај јавноста се создава чувство на беспомошност и страв. На овој начин, се оттргнува вниманието на граѓаните од реалните секојдневни проблеми и предизвици, а им се наметнуваат контролирани информации.

Политичките партии во најголема мера допринесуваат за создавање на клима во која ќе владее страв, апатија и чувство на лична несигурност кај широките народни маси. Наместо програми за работа и развој на општествената заедница и на државата како целина, тие како да се посветени на креирање популистички методи со помош на кои се оттргнува вниманието на народот од реалните егзистенцијални проблеми. Поради тоа, народот ја изгуби вербата во политичките партии. Од друга страна, психолошката војна која се креира наменски, резултира со поделби помеѓу граѓаните. Поради ова, воопшто не е чудно што во денешно време сме политички поделени повеќе од кога и да било порано.

Верувам дека со погоренапишаното ќе се согласат најголем дел од граѓаните, но тоа не е доволно. Потребно е да се запрашаме каде згрешивме. Без одговор на ова прашање невозможно е да се придвижиме напред кон просперитетна иднина. Само преку процес на себеиспитување, критичко анализирање, самоевалуација и планирање на идните неопходни чекори - можеме да допринесеме македонското општество да зачекори напред. Но, немојте да мислите дека ова е едноставен процес. Одредени сили, центри на моќ, поединци и групации, ќе се обидуваат од петни жили да го спречат овој процес. Но, не смееме да им го дозволиме тоа. Веќе плаќаме превисока цена со толерирањето на криминалите однесувања во оваа држава и затскривањето зад политички центри на моќ.

Што е она што ни е потребно? Верувам дека ова прашање си го поставува секој граѓанин кој рационално размислува.

Според мене тоа е владеење на правото. Владеењето на правото е најважното прашање на кое треба напорно да работиме. Меѓутоа, работата на ова прашање никогаш не престанува, таа само еволуира.

Идејата за владеењето на правото во дамнешната историја (времето на т.н. Солонови закони) подразбирала еднаквост на граѓаните пред законите (isonomia). Прочуениот филозоф Аристотел сметал дека владеењето на законите претставува нужност, бидејќи луѓето се одликуваат со страст и алчност, дури и оние кои се најдобри и најумни. Затоа во своето дело Закони, ќе запише: „Страстите ги расипуваат и најдобрите луѓе кога се на власт. Законот претставува разум, без лични барања.“

Во својата книга „Потеклото на политичкиот поредок“, политикологот Френсис Фукујама пишува дека владеењето на правото е најтешкиот столб за изградба на успешно модерно општество. Поради тоа, сметам дека политичката нестабилност, отсуството на одговорност, недовербата и на граѓаните и на компаниите во правосудниот систем, па и недоволниот развој на пазарната економија - се директен производ на отсуството на владеење на правото. Поради тоа, владеењето на правото не смее да се претвори во политичка реторика или недостижен морален идеал, туку во есенцијален елемент за демократски развој на современото општество.

Мораме да изградиме систем на одговорност, според кој државата ќе гарантира дека правните норми безусловно ќе важат за сите граѓани и дека човековите слободи и права доследно ќе се почитуваат. Било каков исклучок од ова, само ќе придонесе за поткопување на правниот систем и за довербата на граѓаните во него. Независноста на судството во целиот демократски свет е фундаментална за заштита на човековите слободи и права. Судската заштита и правото на фер судење се стипулирани обврски на секоја држава, но и должност на државата кон сите свои граѓани.

Постојано се потенцира дека Европската Унија (ЕУ) од сите земји-членки, но и од земјите аспиранти за влез во Унијата, бара владеење на правото. Во овој контекст би напоменал дека во членот 2 од Договорот за ЕУ (т.н. Договор од Лисабон) е утврдена заложбата за владеење на правото. Поради тоа, таа е директна обврска. Но, што налага оваа обврска? Во прв ред, законитост, правна сигурност, забрана за произволно владеење, поделба на власта и ефикасно и независно судство. Сите овие предуслови е неопходно да бидат исполнети за да постои владеење на правото. Дали сето ова може да го гарантира Македонија? Во словото на законот - да, но во реалниот живот? Секој граѓанин овде може да го даде својот вредносен суд.


Автор: М-р Илија Јованов


Сите права се заштитени. Ниту еден дел од овој текст не смее да биде умножуван, препечатен во механичка, електронска или некоја друга форма, фотокопиран, снимен звучно или на некој друг начин, без претходно писмено одобрување од авторот.
(c) Copyright by Ilija Jovanov
All rights reserved



Popular posts from this blog

Мојата генерација

Мојата генерација е генерацијата која се роди во годината во која се „роди“ и  самостојна, независна и суверена Република Македонија. Мојата генерација е генерацијата која детството го помина во периодот на транзицијата. Ова е генерацијата која се роди за време на воспоставувањето и градењето на еден комплетно нов систем. Ова е и генерацијата која живее во време на експанзија на информатичката технологијата. „Не седи на земја, ладно е!“. Колку и да Ви звучи смешно, ова беше опомената што нашите мајки и баби секојдневно нѝ ја кажува, додека по цел ден бевме на улица, игравме безгрижно и се дружевме меѓусебно. Денес ова остана само како добар спомен и сеќавање од нашето детство. И на човек му доаѓа да заплаче кога знае дека тие моменти нема никогаш повеќе да се повторат. Мојата генерација беше генерацијата која имаше безгрижно детство. Мојата генерација беше генерацијата која после наставата на училиште се враќаше дома а потоа продолжуваше со топка на улица. Мојата генерација б...

Илија Јованов: Македонија – од заробена држава до хибриден режим

Од оаза на мирот до конфликтно подрачје Република Македонија во 1990-те години на минатиот век беше нарекувана со епитетот „оаза на мирот“, алудирајќи на фактот дека беше единствена република која отцепувањето од поранешна СФРЈ не го означи со крв на нејзина територија, туку со демократски референдум, како највисок стадиум на демократија. Во наредната деценија од осамостојувањето, на наша територија примивме повеќе од двесте илјади бегалци за време на војната на Косово, а во 2001 година се соочивме со вооружен конфликт на сопствена територија. Злосторствата сторени за време на овој конфликт политичарите решија да ги амнестираат, иако меѓународното право пропишува дека воени злосторства не застаруваат. Анализирајќи ги состојбите од историски аспект, ми се чини дека македонските граѓани никогаш не се навикнаа да живеат во состојба на мир и благосостојба, туку во состојба на незавршен мир и константни скриени закани од нови конфликти и немири. Меѓуетничките тензии внатре во Македонија, до...

Иднината на државата е во младите луѓе!

Се наоѓаме во период на изборна еуфорија во нашата држава. Секојдневните политички пораки кои политичарите си ги упатуваат меѓусебно, но и до народот нема да најдат простор во оваа колумна. Зошто? Затоа што ние младите луѓе се споменуваме само кога е потребна бројка за да се оствари изборна победа! За проблемите со кои секојдневно се соочуваме, нема слух ниту воља за решавање! Во македонското општество постои погрешна перцепција за политиката и за политичките партии. Не постои општество во светот во кое толку многу политиката е навлезена во него, како ова нашево. На телевизија, на радио, во печатените и во електронските медиуми, насекаде околу нас и секојдневно – наголемо и нашироко се пишува и се зборува за политика. Вистински опиум за народот! Кога во општеството владее атмосфера на сеприсутност на политиката во нашите животи и во нашето (потесно или пошироко) опкружување, невозможно е да се остане без коментар за ставовите на политичарите и да не се вклучи широката н...