Skip to main content

Студентско робување

Во сите времиња и во сите земји, студентите биле сметани за слободоумни личности и важеле за една моќна и независна сила во општеството. 

Од студентите се очекувало да имаат послободни и полиберални видувања за сите процеси во државата. Јавна тајна е дека многу власти се плашеле од моќта на процесите и промените што студентите биле способни да ги истакнат и да ги донесат на јавна сцена. Токму затоа, властите се обидувале (на овој, или на оној начин) студентите и студентските движења да ги стават под своја контрола. Влевање на страв, на стравопочит, на послушност, на ред и дисциплина внатре во студентските организации и движења се само дел од работите што биле правени од страна на властите. Целта била јасна – да се натераат студентите да ја почитуваат и да ѝ служат на власта. Власта на овој начин обезбедувала „млада и свежа крв“ чија подршка ѝ била од огромна корист, но и нови гласачи за време на изборите. 

Студентите, многу пати наназад во историјата, со свои иницијативи покажаа дека се моќна сила во рамките на општеството. Сила која на различни начини, од мирни протести, па до најекстремни форми – самозапалување (сетете се на студентот Јан Палах од Чехословачка, кој на 16 јануари 1969 во Прага се самозапали), може и е моќна да донесе големи промени, па и промени на општествениот систем во целост. 

На некои од овие студентски немири, властите имаат употребено и насилни методи за да ги смират демонстрациите, односно да ги застрашат студентите да се откажат од своите иницијативи. 

Целта на многу власти била токму таа – да згаснат идеите на студентите. Но, оганот бил изгаснат (за жал, со многу жртви), ама жарот тлеел и тлеел, чекајќи „поволен ветар“ од властите кој бил упатен кон влошување на положбата на студентите или ограничување на нивните мисли и идеи. 

Каде се македоските студенти? 

Македонските студенти се наоѓаат на маргините на ова општество. Тоа е за жалење, но за жалење е и фактот дека тие (поради различни причини) стануваат сервилни кон власта (без разлика која партија е на власт). Тие сакаат (читај – се принудени) да ѝ служат на власта. Причина? Ветувањето дека ќе се вработат веднаш по диполмирањето. И ќе се вработат, се разбира оние „подобните“ (членовите на партијата која во тој момент ја има власта). Каде? Па, се разбира во државната и јавната администрација. Каде на друго место?

Овде и за ова не ги обвинувам студентите. Лесно е да управуваш со сиромашен и гладен народ, чунки „гладна кокошка просо сонува“, нели? Студентите ги обвинувам за нивниот конформизам, за нивната неиницијативност, за чекањето работите едноставно да се случат! 

Мора да дојде до здружување на студентите во студентска организација, која ќе биде непартиска, неполитичка и независна!

Проблемот со студентските сојузи на државните универзитети е тоа што тие се партиски, политички и сервилно ориентирани кон властите! Кога го имаме ова, ние не можеме да зборуваме за независни и автономни студентски сојузи. 

Со овој текст, јас јавно предлагам да дојде до формирање на студентска организација на ниво на Република, во која ќе членуваат студенти од сите државни и приватни универзитети. Да формираме ние студентите орган кој ќе биде наш глас, со кој ќе укажуваме постојано на нашите проблеми, на нашите потреби, но и преку кој ќе нудиме решенија за подобар студентски живот! Само ние студентите можеме да го направиме ова!

Уште веднаш да им разјаснам на оние што со недоверба го читаат овој текст. Ако се прашувате од каде поттик за пишувањето на овој текст, веднаш да Ви одговорам дека поттик за пишувањето на текстот добив од внатрешното незадоволство како студент за состојбите со кои секојдневно се соочуваме ние студентите. 

Дали некој студент се има изјаснето јавно за предностите и слабостите на ЕКТС? Дали неговиот глас бил слушнат? Дали некој студент јавно се изјасни за промените во Законот за високото обраование? Дали некој студент јавно проговори за автономијата на универзитетите, која е гарантирана со Уставот на Република Македонија во член 46? Каде е гласот на студентите? 

Многу е лесно да си дозволиш работите само да ти се случуваат, без око да ти трепне! Потешко е да се изјасниш јавно за нив, да ги пофалиш или да ги искритикуваш. 

Се плашам дека ако ние студентите продолжиме по ист терк, како и досега, ќе можеме слободно да се збогуваме од епитетот „слободоумни личности кои се моќна и независна сила во општеството“.

Дали ќе дозволиме ова да се случи?

Автор: Илија Јованов



Сите права се заштитени. Ниту еден дел од овој текст не смее да биде умножуван, препечатен во механичка, електронска или некоја друга форма, фотокопиран, снимен звучно или на некој друг начин, без претходно писмено одобрување од авторот. 
(c) Copyright by Ilija Jovanov
All rights Reserved

Popular posts from this blog

Илија Јованов: Македонија – од заробена држава до хибриден режим

Од оаза на мирот до конфликтно подрачје Република Македонија во 1990-те години на минатиот век беше нарекувана со епитетот „оаза на мирот“, алудирајќи на фактот дека беше единствена република која отцепувањето од поранешна СФРЈ не го означи со крв на нејзина територија, туку со демократски референдум, како највисок стадиум на демократија. Во наредната деценија од осамостојувањето, на наша територија примивме повеќе од двесте илјади бегалци за време на војната на Косово, а во 2001 година се соочивме со вооружен конфликт на сопствена територија. Злосторствата сторени за време на овој конфликт политичарите решија да ги амнестираат, иако меѓународното право пропишува дека воени злосторства не застаруваат. Анализирајќи ги состојбите од историски аспект, ми се чини дека македонските граѓани никогаш не се навикнаа да живеат во состојба на мир и благосостојба, туку во состојба на незавршен мир и константни скриени закани од нови конфликти и немири. Меѓуетничките тензии внатре во Македонија, до...

Златно доба на корупцијата

Кога во 165 година на новата ера, пандемијата на чума потрајала цели 25 години, косејќи дури и по 2000 животи дневно, Марко Аврелиј бил командант на данубијанската област и во тоа својство задолжен да се справува со болеста. Тој бил еден од ретките што во тоа време водел дневник (под наслов „Разговори со самиот себе“). И тој и неговиот дневник останале запаметени во историјата делумно и заради реченицата: „Најстрашната зараза е корупцијата, полошо од која било инфекција, зашто доживотно ги загадува луѓето“. Марко Аврелиј важел за интелектуалец помеѓу римските императори, а до нашиве времиња стигнал и како една од најоспоруваните историски личности во Америка, за време на владеењето на Роналд Реган и неолиберализмот. Неговата сентенца дека „даноците се цена на цивилизацијата“ била оспорувана како да ја кажал некој од тогашните влијателни сенатори, а не државник од пред речиси две илјади години. Разумот боде очи зашто не застарува. А дека Аврелиј не претерувал се потрудил да докаже латин...

Харари: Живееме во застрашувачка ера кога цели истории и нации можат да бидат лажирани

Во својата нова книга, „21 лекции за 21 век“, најпродаваниот автор го свртува вниманието кон проблемите со кои се соочуваме денес. Овде, тој тврди дека „лажните вести“ се многу постари од Фејсбук. Деновиве постојано ни се кажува дека живееме во нова и застрашувачка ера на „пост-вистината“, и дека лагите и фикциите се насекаде околу нас. Не е тешко да се најдат примери. Така, кон крајот на февруари 2014 година, руските специјални единици кои немаат обележја на армијата ја нападнаа Украина и окупираа клучни инсталации на Крим. Руската влада и претседателот Владимир Путин лично повеќепати негираа дека станува збор за руски трупи и ги опиша како спонтани „групи за самоодбрана“ кои можеби стекнале опрема од руски изглед од локалните продавници. Бидејќи тие го искажаа ова прилично тврдоглаво тврдење, Путин и неговите помошници добро знаеја дека лажат. Руските националисти можат да ја изразат оваа лага тврдејќи дека тоа служело за поголема вистина. Русија се занимаваше со праведна војна и...