Skip to main content

Целта на образованието

Големиот ум од античко време Аристотел има запишано дека образованието е најдобрата животна одлука. Во текот на целиот наш живот ние постојано учиме и се надоградуваме себеси. Стекнуваме како формално, така и неформално образование и вештини. Зошто го правиме сето тоа? Пред сѐ, затоа што се надеваме дека еден ден сето тоа ќе ни биде од полза.


Од најрана возраст започнуваме со буквар и полека полека навлегуваме во светот на пишаниот збор. Во оној прекрасен и чудесен свет кој почнува да нѐ обзема. Колку ќе навлеземе во тој свет зависи од самите нас. Со текот на годините коишто претстојат пред нас во образовниот циклус изучуваме најразлични предмети и добиваме многубројни информации. Најголем дел од тие информации ќе бидат заборавени веднаш после испрашувањето или полагањето на тестот. Во делот на учењето на содржини за време на основното образование, она што го карактеризира овој период е учењето „на памет“, односно учењето механички. Учениците учат за да добијат поголема оценка, а не за да добијат повеќе знаење.

Подоцна, кога учениците треба да се одлучат за тоа какво средно образование ќе изучуваат тие ја имаат можноста да се определат за повеќе понудени опции. Така, на пример, тие можат да се определат за гимназиско образование или за некоја од стручните форми на средно образование. Но, сепак најголемиот дел од основците се определуваат токму за гимназиско образование, а не за средно стручно образование. Зошто е ова така? Верувам дека постојат повеќе причини, но јас би издвоил неколку. Прво, се работи за деца кај кои сеуште не е пројавена желбата или интересот за специјализација во определена област. Второ, под влијание на своите родители тие се запишуваат во општите гимназии, со цел по завршувањето на истите да се определат за остручување во високото образование. Како трета причина би го издвоил тоа што за време на основното образование на децата не им се посветува доволно внимание и грижа за пронаоѓање на нивните поединечни интереси и таленти. Во овој дел мора особено да се внимава и внимателно да се работи со учениците. Во основните училишта потребно е и намалување на бројот на учениците по паралелки, односно редефинирање како на минимумот така и на максимумот ученици кои треба да формираат паралелка, односно клас. И како четврта, но не и последна причина, би го навел фактот дека не секое дете има желба да продолжи понатаму со своето образование. Истото секако дека е и повеќе од потребно, но неопходно е да му се помогне и во неговата определба. Морам да истакнам и дека нужно е редефинирање на условите за запишување во средните стручни училишта. Досегашната практика покажува дека најголемиот дел од одличните ученици продолжуват во општото гимназиско образование, а оние помалку солидните се запишуваат во средните стручни училишта. Но, ова мислење мора да се промени, бидејќи не секогаш тоа е така. Имаме одлични ученици кои имаат желба и интерес веднаш по завршувањето на основното образование да продолжат во соодветно стручно училиште. Но, тој број е значително мал. Сметам и дека критериумите за запишување во средните стручни училишта мораат да бидат заострани и подигнати на едно повисоко ниво.

Доаѓаме до периодот кога учениците кои завршиле средно образование се наоѓаат на крстопатот на којшто теба да се одлучат по кој пат ќе продолжат понатаму, односно во која област ќе се образуваат и специјализираат. Ова не е ни најмалку лесен чекор кој се очекува да го направат матурантите. Ним во овој период им се неопходни совети и подршка за да можат да ја донесат вистинската одлука. Кога веќе одлуката за запишување на факултет ќе биде донесена, студентите започнуваат со еден сосема поинаков период во својот живот. За голем дел од нив ова претставува едно огромно искуство, пред сѐ, затоа што најчесто заминуваат во друг град и веќе започнува и своевиден процес на осамостојување на личноста. Според мене, се работи и за најубавиот период од животот на една личност. Период на стекнување на нови знаења, познанства, пријателства, животни искуства.

За време на основното, средното и високото образование на учениците и на студентите им се полнат главите со многубројни факти и податоци, а не се поттикнуваат да размислуваат и да ги согледуваат работите од повеќе агли. Ова е најголемиот недостаток на образованието. За време на студирањето повторно следува период на механичко учење, на помнење на факти краток период пред полагањето на колоквиумите или испитите. После тоа во главите на студентите не остануваат ниту мал дел од работите што биле дел од материјата којашто се изучувала. Па се поставува прашањето – која е целта на оразованието? Според мене, образованието има за цел да поттикнува на размислување, да создава љубопитност, да нѐ натера да читаме и да истражуваме. Професорите треба да го поттикнат сето ова кај нас, а не да ни ги полнат главите само со информации и податоци. Нивната задача е многу значајна во самиот процес на нашето изградување како индивидуи. Наше е да прашуваме, да размислуваме, да откриваме, да истражуваме. Сето ова мора да се поттикне уште од најрана возраст, бидејќи тогаш ќе има и најмногу ефекти.

Авторот Гај Кавасаки, има запишано: „Продолжете да учите. Учењето е процес, не дело. Мислев дека завршив со учењето кога дипломирав. Но, тоа не беше точно. Никогаш не треба да престанете да учите. Всушност, учењето станува полесно кога ќе го напуштите формалното образование бидејќи е полесно да видите зошто е неопходно тоа да го правите. Моментално сте во средина која има структура; Ве издржуваат родителите. Но, факултетот не Ви е најважен. Може да одите на факултет и да не научите ништо. Но, може и да научите многу работи без да одите на факултет.“

И на крај, би издвоил еден цитат од неодамна починатиот Нелсон Мандела, големиот херој на африканскиот народ, но и на човештвото воопшто, кој има речено дека образованието е најмоќното оружје кое може да се искористи за да се смени светот. На подобро или на полошо, Мандела остави самите да одлучиме за тоа.



Автор: Илија Јованов


Сите права се заштитени. Ниту еден дел од овој текст не смее да биде умножуван, препечатен во механичка, електронска или некоја друга форма, фотокопиран, снимен звучно или на некој друг начин, без претходно писмено одобрување од авторот.
(c) Copyright by Ilija Jovanov
All rights reserved




Popular posts from this blog

Мојата генерација

Мојата генерација е генерацијата која се роди во годината во која се „роди“ и  самостојна, независна и суверена Република Македонија. Мојата генерација е генерацијата која детството го помина во периодот на транзицијата. Ова е генерацијата која се роди за време на воспоставувањето и градењето на еден комплетно нов систем. Ова е и генерацијата која живее во време на експанзија на информатичката технологијата. „Не седи на земја, ладно е!“. Колку и да Ви звучи смешно, ова беше опомената што нашите мајки и баби секојдневно нѝ ја кажува, додека по цел ден бевме на улица, игравме безгрижно и се дружевме меѓусебно. Денес ова остана само како добар спомен и сеќавање од нашето детство. И на човек му доаѓа да заплаче кога знае дека тие моменти нема никогаш повеќе да се повторат. Мојата генерација беше генерацијата која имаше безгрижно детство. Мојата генерација беше генерацијата која после наставата на училиште се враќаше дома а потоа продолжуваше со топка на улица. Мојата генерација беше

Како со позитивни мисли да ги зголемите шансите за среќа и напредок во животот?

„Тажните времиња н è  подобруваат и н è  водат кон доброто, додека добрите времиња ни го покажуваат изобилството од можности и ни ги нудат благодетите што треба да ги цениме. Исто така, сфатив дека ништо што е премногу добро или премногу лошо не трае долго.“ ~ Робин Шарма Овој текст го започнав со цитат од еден од денешните најпопуларни автори и мотивациони говорници Робин Шарма. Овој цитат можете да го препрочитате неколку пати и секогаш ќе ја согледувате неговата длабочина.  Според мене, не постои само среќно време, ниту, пак, само тажно време. Работите не се само црни, ниту само бели. Според Сведен Бринкман, професор по психологија на Универзитетот „Аалборг“:  „Одвреме-навреме животот е прекрасен, но исто така е и трагичен. Луѓето умираат во нашите животи, ги губиме, а ако ни е дозволено да имаме само позитивни мисли, тогаш оваа реалност ќе нè погоди уште посилно. Нема ништо лошо во тоа ако некој е природен оптимист или ужива во книгите за самопомош.“ Секој од нас с

Мирослав Крлежа: За човечката глупост

Мирослав Крлежа бил еден од највлијателните југословенски интелектуалци. Тој е хрватски писател кој со својата проникливост и интересен начин на опишување, многу лесно и интересно опишува општествени појави. Во својот есеј „За човечката глупост“ тој дава одлично и остроумно излагање на она што тој го смета за човечка глупост. На моменти длабоко и филозофски, на моменти духовито и шеговито, тој ја анализира човечката глупост која може да се појави во различни форми и текстот е толку добар, што ве уверувам дека ќе добиете чувство дека голем дел од споредбите и описите се напишани вчера. Со оглед на тоа дека се работи за подолг текст, решив да го поделам во два дела и да го објавам во период од два дена. Во продолжение уживајте во овој текст исто онолку колку што и јас уживав додека го преведував. Навечер, во интимен, полугласен разговор со самиот себеси, никако не можам всушност логички да го оправдам тоа што во последно време толку се вознемирувам заради глупостите на луѓето. Кога т