Skip to main content

Диплома или знаење?

Мнозинството од младите луѓе се запишуваат на факултет за да добијат диплома, а со цел подоцна полесно да најдат работа. Меѓутоа, запишувањето на факултет и студирањето би требало да значи дека студентот сака да стекне знаење, информации и вештини од определена област кои подоцна ќе му бидат корисни, а не само да добие парче хартија, наречено диплома!

Знаењето е поим со многу значења што зависат од контекстот, но по правило е најблиску врзано со концепти како што се информации, факти, комуникација, учење и ментален стимул. Теоретски кажано знаењето претставува свест или разбирање на одредени факти, вистини или информации добиени во форма на искуство или на учење (a posteriori), или низ процес на интроспекција (a priori). Знаењето е блиску поврзано со поседување на битни и меѓусебно поврзани детали кои сами по себе имаат помала вредност. Поинаку кажано, знаењето е збир на информации и вештини кои се стекнати со искуство и образование, а кои низ проби и евалуација допираат до вистината. Во текот на образованието, како и во текот на животот, ние добиваме милиони најразлични информации. Некои од тие информации се корисни, други не. Поентата е како да се извлече знаење од мноштвото добиени информации и како потоа да се изгради мудрост од стекнатото знаење. За таа цел потребно е најпрво да извршиме селекција на информациите, потоа истите да ги претвориме во податоци, а со тие податоци да го надоградуваме постојано нашето знаење.

Големо знаење и стручно усовршување би добиле, или барем би требало да добиеме, со запишувањето во високообразовна инстутуција. Мнозинството од младите луѓе денес се запишуваат на факултет за да добијат диплома, а со цел подоцна полесно да дојдат до работа. Меѓутоа, запишувањето на факултет и студирањето би требало да значи дека студентот сака да стекне знаење, информации и вештини од определена област кои подоцна ќе му бидат корисни, а не само да добие парче хартија, наречено диплома!

Во текот на целокупното образование потребно е да се учи и да се стекнуваат нови знаења и вештини, а постојните да се усовршуваат. Мораме постојано да учиме и да се усовршуваме. Оној кој вели дека знае сѐ, никогаш нема да научи ништо! Образованието претставува еден долготраен процес на изградување на нашата личност. Како со формалното, така и со неформалното образование (посетување на курсеви, обуки, семинари и сл.), ние ја изградуваме нашата личност како индивидуалци и како дел од колективот наречен општество. Стекнуваме знаење и вештини, изградуваме однесување и навики, а потоа (но, и притоа) применуваме сѐ што сме научиле.

Овде би го поставил прашањето дали ние студентите сме само пасивни примачи на зборови и на идеи кои произлегуваат од нашите професори и асистенти или активно ги восприемаме зборовите и идеите со тоа што размислуваме за нив и изградуваме свое мислење и свој став? Посетуваме предавања и восприемаме зборови и наметнати размислувања, читаме учебници и фаќаме забелешки, а сѐ со цел подоцна да го положиме колоквиумот или испитот, сеедно. Меѓутоа, не е доволно само да слушаме и да восприемаме цел куп на информации изнесени во форма на исказ од страна на нашите предавачи, туку потребно е она што го слушаме да го поттикне мисловниот процес кај нас и во нашите умови да се родат нови прашања и идеи за предметната тематика. Целта на предавањата и на вежбите не е студентите да ги акумулираат размислувањата и ставовите на професорите и на асистентите и тоа како акумулирано знаење да го изнесат излегувајќи од предавалните и амфитеатрите. Но, се разбира, потребно е и предавањето да понуди вистински стимул што ќе го предизвика мисловниот процес кај студентите. Професорите и асистентите имаат за задача да нѐ поттикнат и да нѐ натераат да размислуваме и да изградуваме сопствено критичко мислење кон одредени прашања. Од предавањата и од вежбите ние мораме да го развиеме и да го збогатиме нашиот мисловен процес, нашиот вокабулар, нашето критичко размислување, а со тоа и да се изградиме и дефинираме како личности.

Ако целта поради која се запишуваме на факултет е единствено добивањето на диплома, тогаш мораме да си признаеме дека воопшто не сме созреале како личности и дека не ја сфаќаме целта на студирањето, односно на образованието во поширока смисла. 


Сите права се заштитени. Ниту еден дел од овој текст не смее да биде умножуван, препечатен во механичка, електронска или некоја друга форма, фотокопиран, снимен звучно или на некој друг начин, без претходно писмено одобрување од авторот.
(c) Copyright by Ilija Jovanov
 All rights reserved



Popular posts from this blog

Мојата генерација

Мојата генерација е генерацијата која се роди во годината во која се „роди“ и  самостојна, независна и суверена Република Македонија. Мојата генерација е генерацијата која детството го помина во периодот на транзицијата. Ова е генерацијата која се роди за време на воспоставувањето и градењето на еден комплетно нов систем. Ова е и генерацијата која живее во време на експанзија на информатичката технологијата. „Не седи на земја, ладно е!“. Колку и да Ви звучи смешно, ова беше опомената што нашите мајки и баби секојдневно нѝ ја кажува, додека по цел ден бевме на улица, игравме безгрижно и се дружевме меѓусебно. Денес ова остана само како добар спомен и сеќавање од нашето детство. И на човек му доаѓа да заплаче кога знае дека тие моменти нема никогаш повеќе да се повторат. Мојата генерација беше генерацијата која имаше безгрижно детство. Мојата генерација беше генерацијата која после наставата на училиште се враќаше дома а потоа продолжуваше со топка на улица. Мојата генерација б...

Илија Јованов: Македонија – од заробена држава до хибриден режим

Од оаза на мирот до конфликтно подрачје Република Македонија во 1990-те години на минатиот век беше нарекувана со епитетот „оаза на мирот“, алудирајќи на фактот дека беше единствена република која отцепувањето од поранешна СФРЈ не го означи со крв на нејзина територија, туку со демократски референдум, како највисок стадиум на демократија. Во наредната деценија од осамостојувањето, на наша територија примивме повеќе од двесте илјади бегалци за време на војната на Косово, а во 2001 година се соочивме со вооружен конфликт на сопствена територија. Злосторствата сторени за време на овој конфликт политичарите решија да ги амнестираат, иако меѓународното право пропишува дека воени злосторства не застаруваат. Анализирајќи ги состојбите од историски аспект, ми се чини дека македонските граѓани никогаш не се навикнаа да живеат во состојба на мир и благосостојба, туку во состојба на незавршен мир и константни скриени закани од нови конфликти и немири. Меѓуетничките тензии внатре во Македонија, до...

Златно доба на корупцијата

Кога во 165 година на новата ера, пандемијата на чума потрајала цели 25 години, косејќи дури и по 2000 животи дневно, Марко Аврелиј бил командант на данубијанската област и во тоа својство задолжен да се справува со болеста. Тој бил еден од ретките што во тоа време водел дневник (под наслов „Разговори со самиот себе“). И тој и неговиот дневник останале запаметени во историјата делумно и заради реченицата: „Најстрашната зараза е корупцијата, полошо од која било инфекција, зашто доживотно ги загадува луѓето“. Марко Аврелиј важел за интелектуалец помеѓу римските императори, а до нашиве времиња стигнал и како една од најоспоруваните историски личности во Америка, за време на владеењето на Роналд Реган и неолиберализмот. Неговата сентенца дека „даноците се цена на цивилизацијата“ била оспорувана како да ја кажал некој од тогашните влијателни сенатори, а не државник од пред речиси две илјади години. Разумот боде очи зашто не застарува. А дека Аврелиј не претерувал се потрудил да докаже латин...