Skip to main content

Реалноста која (не сакаме да) ја гледаме

Првото мое прашање во оваа колумна ќе биде наменето за студентите кои студираат на приватните факултети во нашата држава. Имено, колку често Ви се има случено некој да Ве праша на кој факултет сте и откако ќе му одговорите да чуете: „Ах, ама ти на приватен факултет си“. Сте го почуствувале разочарувањето на Вашиот соговорник додека го гледате негодувањето, кое како облак се појавува на неговото лице? Сте се почувствувале ли навредено и потценето, токму заради разочарувањето на соговорникот? И смачено Ви е, зар не?

Разговорот, нормално, би продолжил во насока за тоа колку Вие што сте запишани на приватни факултети не учите, а оценките Ви паѓаат од небо. Па за тоа колку Вашите професори Ви се достапни дури и на мобилен телефон, а нивните мораат да ги чекаат пред кабинет и тоа единствено во терминот што е  определен за консултации. Потоа за тоа дека нивните книги биле поголеми од Вашите. И на крај ќе Ви речат дека Вие не мора да учите и дека секако ќе ги положите колоквиумите и испитите, бидејќи Вие нели „плаќате за диплома“. Многу пожално е кога знаете дека и Вашите соговорници аплицирале за стипендија на приватен факултет, но не успеале да ја добијат, па потоа фрлаат со дрвја и со камења по приватните факултети! Сакаат изгледа така да си ја лечат својата искомплексираност и малициозност.

Би се обиделе ли на овие сезнајковци да им објасните дека работите не се такви какви што ги замислуваат тие со своите ограничени мозочиња? Најпрво, би можеле да им кажете дека студирањето не е задолжително, па ако им е тешко можат слободно да го напуштат факултетот и да не се изложуваат себеси на толкави маки и страдања! Зошто да се измачуваат? Освен ако не се мазохисти, се разбира, па уживаат во тоа!

Професорите треба да се достапни за своите студенти, затоа што тие постојат за студентите а не обратно. Кога професорот ќе има стандардна плата која неизбежно ќе му биде исплаќана во првите денови од месецот од страна на државата, нормално е дека нема да му биде гајле за тоа колку студенти има (освен кога треба тие да му ја купат неговата книга се разбира) и дали тие се задоволни од неговите предавања (ако тој воопшто и се појавува на предавања). Ако платата на професорот му биде повисока, нормално е тој да биде позадоволен и да се внесува себеси повеќе во своите предавања (на кои ќе биде секогаш редовен). Тоа во гранките на стопанството е познато како стимулирање на работникот. Истото се врши со цел работникот да биде посреќен и позадоволен, што пак ќе придонесе и за подобрување на самиот производствен процес.

Би требало да им кажете дека не „плаќаме за диплома“, туку дека и ние плаќаме партиципација за нашето студирање. Очигледно е дека не се случило никогаш професор од државен факултет да побара пари за да напише оценка. А што би рекле за она кога се вреднува тежината на факултетот со тежината на учебниците? Ако нечиј учебник е поголем и потежок, тоа значи дека таа личност е и попаметна и поспособна? Таа споредба е доста глупава, зар не?

Ајде во продолжение да бидеме посериозни. Да ја видиме реалноста и да ги отвориме нашите очи. Кога во денешно време над деведесет проценти од средношколците се запишуваат на факултет, неретка е појавата некој што не е способен да земе диплома. Ама ајде да си признаеме дека тоа не се случува само во нашата држава. Оценувањето по принципот „кој чие дете е“ постоело, постои и за жал ќе постои и тоа не само во нашата држава, туку насекаде. Овде сме малку луѓе, па што би се рекло секој знае кој чие дете е. Оценувањето по овој принцип на „заслуга“ потребно е да се искорени, оти само така реалните квалитети ќе излезат на виделина. Во обратен случај, истите или многу тешко ќе се откријат или никогаш и нема. Да, жално и срамно е.

И на државните и на приватните факултети се запишуваат студенти кои навистина сакаат да научат и се трудат да станат некој и нешто во својот живот. Нив не ги чека фотељата на тато и канцеларијата на мама. Пред нив претстои долг и трнлив пат, пат на кој ќе остават многу траги од солзи, пот и крв. Само на тој начин, со работа и труд, ќе успеаат во животот. Но, на факултет се запишуваат и студенти на кои им е гајле и за факултетот и за професорите и за учебниците и за учењето. Баш ич уво не ги боли за ништо. Ама, благодарение на принципот „чие дете е“ и благодарение на парите и тие ќе го завршат факултетот. Е нив ги чека само земањето на дипломата и седнувањето во удобната фотеља. Потоа ќе гледаат и ќе учат од мама и од тато.

Гледајќи ги тие студенти во нашето опкружување, ние воопшто не треба да се разочаруваме. Доволно е да се присетиме на онаа старата – секоја планина со својата тежина. Иако Стендал забележал дека разликите меѓу луѓето раѓаат омраза, сепак кога ќе сфатиме дека ништо не започнува и ништо не завршува со нас, многу полесно ќе биде да продолжиме понатаму. Животот носи искушенија, а наше е да го живеме. Затоа до сите студенти, без разлика на кој факултет студираат, би упатил една порака дека квалитетот којшто го поседуваме, кога тогаш ќе излезе на виделина. Тоа ќе зависи единствено од факторот време. Знаењето е нешто што никој никогаш не може да нѝ го одземе. Потребно е постојано да го надоградуваме и да се усовршуваме. Ако сме способни и вистински се трудиме за да успееме во животот, успехот е несомнено загарантиран!


Сите права се заштитени. Ниту еден дел од овој текст не смее да биде умножуван, препечатен во механичка, електронска или некоја друга форма, фотокопиран, снимен звучно или на некој друг начин, без претходно писмено одобрување од авторот.
(c) Copyright by Ilija Jovanov
All rights reserved



Popular posts from this blog

Мојата генерација

Мојата генерација е генерацијата која се роди во годината во која се „роди“ и  самостојна, независна и суверена Република Македонија. Мојата генерација е генерацијата која детството го помина во периодот на транзицијата. Ова е генерацијата која се роди за време на воспоставувањето и градењето на еден комплетно нов систем. Ова е и генерацијата која живее во време на експанзија на информатичката технологијата. „Не седи на земја, ладно е!“. Колку и да Ви звучи смешно, ова беше опомената што нашите мајки и баби секојдневно нѝ ја кажува, додека по цел ден бевме на улица, игравме безгрижно и се дружевме меѓусебно. Денес ова остана само како добар спомен и сеќавање од нашето детство. И на човек му доаѓа да заплаче кога знае дека тие моменти нема никогаш повеќе да се повторат. Мојата генерација беше генерацијата која имаше безгрижно детство. Мојата генерација беше генерацијата која после наставата на училиште се враќаше дома а потоа продолжуваше со топка на улица. Мојата генерација беше

Како со позитивни мисли да ги зголемите шансите за среќа и напредок во животот?

„Тажните времиња н è  подобруваат и н è  водат кон доброто, додека добрите времиња ни го покажуваат изобилството од можности и ни ги нудат благодетите што треба да ги цениме. Исто така, сфатив дека ништо што е премногу добро или премногу лошо не трае долго.“ ~ Робин Шарма Овој текст го започнав со цитат од еден од денешните најпопуларни автори и мотивациони говорници Робин Шарма. Овој цитат можете да го препрочитате неколку пати и секогаш ќе ја согледувате неговата длабочина.  Според мене, не постои само среќно време, ниту, пак, само тажно време. Работите не се само црни, ниту само бели. Според Сведен Бринкман, професор по психологија на Универзитетот „Аалборг“:  „Одвреме-навреме животот е прекрасен, но исто така е и трагичен. Луѓето умираат во нашите животи, ги губиме, а ако ни е дозволено да имаме само позитивни мисли, тогаш оваа реалност ќе нè погоди уште посилно. Нема ништо лошо во тоа ако некој е природен оптимист или ужива во книгите за самопомош.“ Секој од нас с

Мирослав Крлежа: За човечката глупост

Мирослав Крлежа бил еден од највлијателните југословенски интелектуалци. Тој е хрватски писател кој со својата проникливост и интересен начин на опишување, многу лесно и интересно опишува општествени појави. Во својот есеј „За човечката глупост“ тој дава одлично и остроумно излагање на она што тој го смета за човечка глупост. На моменти длабоко и филозофски, на моменти духовито и шеговито, тој ја анализира човечката глупост која може да се појави во различни форми и текстот е толку добар, што ве уверувам дека ќе добиете чувство дека голем дел од споредбите и описите се напишани вчера. Со оглед на тоа дека се работи за подолг текст, решив да го поделам во два дела и да го објавам во период од два дена. Во продолжение уживајте во овој текст исто онолку колку што и јас уживав додека го преведував. Навечер, во интимен, полугласен разговор со самиот себеси, никако не можам всушност логички да го оправдам тоа што во последно време толку се вознемирувам заради глупостите на луѓето. Кога т