Skip to main content

Студентите – градители на општествениот систем

Во една од моите почетни колумни запишав дека студентите долго време биле сметани за слободоумни личности и важеле за една моќна и независна сила во општеството. За своевидна авангарда. Од студентите се очекувало да имаат послободни и полиберални видувања за самите процеси кои се случуваат во рамките на општеството. Од нив се очекувало да дадат идеја, да искажат мислење, да имаат свој став. Само така може да се очекува студентите да бидат идните градители на општествениот систем. А дали системот е воспоставениот општествен поредок во кој владеат правни норми како волја на владеачката класа кои сите ние како припадници на едно општество мораме да ги почитуваме, бидејќи зад нивната примена стои стравот од санкција која би ја извршила државата со својот апарат за принуда, или системот е нешто што сите ние можеме заеднички да го изградиме со своите предлози, идеи и труд? 


Системот е тој што е подложен на промени. Промените се неопходни за негово подобрување и демократизирање. А кој, ако не „ние“ ќе ги иницира и реализира потребните промени? Едно е сигурно – промените нема да се случат сами од себе. Зошто велам „ние“ да бидеме реформаторите на променитеи реализаторите на новото и подобро утре? „Сакате ли генерациски да бидете проклети, безначајни, долг на историјата?“ Овие зборови ги кажа Александар Тијаниќ, еден од најдобрите новинари на овие балкански (ако не и пошироки) простори пред студентите на Факултетот за политички науки во Белград. Ако зборовиве допираат до Вас, Вие сте тие што треба да се погрижат тие зборови да не се остварат. Не смееме да си дозволиме од авангарда, моќна и независна сила во општеството да се претвориме во безначајна буква на општествената азбука! 

Мое мислење е дека положбата на студентите значително би се подобрила доколку студентот стане активен чинител во јавниот дијалог со институциите на системот. Не смееме како студенти да бидеме потценувани и да служиме само како паричка за поткусурување или безначајна алка во ова општество. Мораме да бидеме сфатени многу посериозно за да може да бидеме рамноправна страна во тој јавен дијалог. Потребно е отворено и аргуменитрано да се разговара за состојбата во која се наоѓаат студентите, за можностите за подобрување на истата, за целите кои би сакале да се остварат, за начинот како би можело тоа да се реализира. Верувам дека ако се зборува отворено и аргументирано би можело да се дојде до заеднички предлози како да се надминат моменталните проблеми, а секако и да се изнајдат начини како во иднина би се решавале проблемите со кои се соочуваме сите ние како студенти во ова општество. 

Колку подобри поединци станеме, во толку подобро општество ќе живееме. Системот треба да се изградува за да овозможува просперитет на секоја единка во општеството, за да ѝ отвори простор за себереализирање и докажување, за да ѝ даде можност да го поодбри она постоечкото и да понуди идеи за промени. Системот што е вештачки создаден и им е наметнат на луѓето во општеството, за одреден временски период ќе се покаже како нестабилен и нефункционален. Затоа треба заеднички да се изгради подобар и пофункционален општествен систем. А како би изгледал тој? Демократски! Но, демократски во изворната форма - како „владеење на народот“, а не во денешната форма на „владеење со народот“! Нам не ни се потребни „демократски диктатури“ или „диктаторски демократии“. На демократскиот систем не му се потребни неуки, а послушни припадници. На демократскиот систем му се потребни поединци кои ќе ги засега општественото добро, човечката солидарност и взаемниот просперитет. А едно општество може да просперира само ако биде општество на поединци кои се способни и посветени на својата работа. Потребни ни се луѓе со интегритет, затоа што „без интегритет нема личност. Без личност нема граѓанска храброст и одговорност. Без граѓанска храброст и одговорност, нема демократија.“ Еве ги зборовите кои Тијаниќ ги кажа. И нека ни одѕвонуваат во нашите глави. Доколку сакаме да бидеме такви луѓе, доколку сакаме да живееме во такво општество, доколку сакаме подобро утре за сите нас. Одејќи по тој пат за да станеме такви и за да го постигнеме тоа, мораме самите да си бидеме свои најголеми критичари. 

Мораме да запаметиме и дека ние студентите ја имаме општествената улога на реформатори и иноватори, а со тоа сме носители и на одредена одговорност. Одговорност пред нас самите како личности, одговорност пред времето во кое живееме и одговорност пред утрешниот ден во кој сакаме да зачекориме гордно и со крената глава.



Сите права се заштитени. Ниту еден дел од овој текст не смее да биде умножуван, препечатен во механичка, електронска или некоја друга форма, фотокопиран, снимен звучно или на некој друг начин, без претходно писмено одобрување од авторот.
(c) Copyright by Ilija Jovanov
All rights reserved



Popular posts from this blog

СИНДРОМ „ИГНОРИРАЊЕ НА КВАЛИТЕТОТ“: КОГА ПОСЛУШНОСТА ЌЕ ГО ПРОГОНИ КВАЛИТЕТОТ НА МАРГИНИТЕ

Многу често, врвните и независни научни кадри во државата се соочуваат со затворени врати. Нивната „вина“ е едноставна: немаат партиска позадина, а нивните идеи бараат сериозна работа, а не евтин популизам. Критериумите за вработување овде одамна се мета на потсмев – деградирани од партиски влијанија и фаворизирање на кандидати со партиска книшка, наместо со реален интегритет и капацитет. Човек кој стекнал знаење со чесен труд тешко се вклопува во „пазарниот“ систем на македонското општество, каде партиската книшка тежи повеќе од секоја универзитетска диплома. Тоа што системот не го користи неговиот потенцијал е загуба за државата, а не за поединецот. Кога независните интелектуалци се трудат да го зачуваат својот образ чист, системот гради недоверба кон нив и токму затоа таквите луѓе се оставени на маргините. Кога една држава со години гради систем во кој партискиот послушник вреди повеќе од образованиот интелектуалец, таа свесно ја потпишува сопствената капитулација. Тоа што младите и...

Илија Јованов: Македонија – од заробена држава до хибриден режим

Од оаза на мирот до конфликтно подрачје Република Македонија во 1990-те години на минатиот век беше нарекувана со епитетот „оаза на мирот“, алудирајќи на фактот дека беше единствена република која отцепувањето од поранешна СФРЈ не го означи со крв на нејзина територија, туку со демократски референдум, како највисок стадиум на демократија. Во наредната деценија од осамостојувањето, на наша територија примивме повеќе од двесте илјади бегалци за време на војната на Косово, а во 2001 година се соочивме со вооружен конфликт на сопствена територија. Злосторствата сторени за време на овој конфликт политичарите решија да ги амнестираат, иако меѓународното право пропишува дека воени злосторства не застаруваат. Анализирајќи ги состојбите од историски аспект, ми се чини дека македонските граѓани никогаш не се навикнаа да живеат во состојба на мир и благосостојба, туку во состојба на незавршен мир и константни скриени закани од нови конфликти и немири. Меѓуетничките тензии внатре во Македонија, до...

Златно доба на корупцијата

Кога во 165 година на новата ера, пандемијата на чума потрајала цели 25 години, косејќи дури и по 2000 животи дневно, Марко Аврелиј бил командант на данубијанската област и во тоа својство задолжен да се справува со болеста. Тој бил еден од ретките што во тоа време водел дневник (под наслов „Разговори со самиот себе“). И тој и неговиот дневник останале запаметени во историјата делумно и заради реченицата: „Најстрашната зараза е корупцијата, полошо од која било инфекција, зашто доживотно ги загадува луѓето“. Марко Аврелиј важел за интелектуалец помеѓу римските императори, а до нашиве времиња стигнал и како една од најоспоруваните историски личности во Америка, за време на владеењето на Роналд Реган и неолиберализмот. Неговата сентенца дека „даноците се цена на цивилизацијата“ била оспорувана како да ја кажал некој од тогашните влијателни сенатори, а не државник од пред речиси две илјади години. Разумот боде очи зашто не застарува. А дека Аврелиј не претерувал се потрудил да докаже латин...