Skip to main content

Илија Јованов: Човекот, неговата слобода и природни права се највисока вредност

Човек. Човекот е највисоката општествена, па според тоа и правна вредност! Општеството го сочинуваат поединци, поврзани во заедница врз принципот на нивната слобода, заедничките потреби и интереси. Правото е човекова творба, создадена според мерата на човекот и такво какво што е – тоа е огледало на неговото битие! Секое промислување на вредностите на правото, како и на самото право, оттука, треба да тргне од природата, битието на човекот. (Камбовски, 2010, стр. 235)

Правната антропологија е посебно подрачје на правната аксиологија и има за задача да го проучи и да го објасни битието на човекот и неговата улога како детерминанта на битноста на правото со дефинирањето на „правниот човек“ како спрега меѓу личноста и правото. Зачетоците на правната антропологија се наоѓаат во превладувањето на сфаќањето за човекот како автономно и самоцелно битие, чијашто природа е склона кон животот во заедница. Филозофската антропологија, пак, го изучува човекот како посебно битие и, воедно, претставува основа на современата правна аксиологија и за учењето за правните вредности кои не може да имаат каква било друга онтолошка природа, освен онаа која извира од човечкото битие.

Антрополошкото учење за правните вредности еволуира заедно со еволуцијата на филозофската претстава за човекот и сфаќањето за природата на човекот како највисока правна вредност. Етапите во таа еволуција ги означуваат учењата на тројца големи филозофи: Хобс, Русо и Кант.

Според Хобс, човекот е социјално битие, поседува бројни доблести, но истовремено е и животно со кое управуваат и слепи, понекогаш несовладливи сили на злото и природни ниски страсти. Хобс, исто так, истакнува дека човекот е аморално, егоистичко битие, кој се раководи исклучиво од своите интереси. Човекот, вели тој, го создава правото и државата и нејзината принуда само поради страв од насилството на истите такви егоистични суштества.

Според Русо, човекот се раѓа слободен, а насекаде е во окови. Многумина се сметаат себеси за господари на другите луѓе, а сепак, тие се поголеми робови од нив. Како дошло до таа промена? Не знам, вели Русо, во своето епохално дело Општествен договор, и продолжува: Ако ги земам предвид само силата и нејзините последици, треба да кажам дека, сè додека луѓето се принудени да се потчинуваат и сè додека се потчинуваат, прават добро; но штом ќе можат да се ослободат од јаремот, и се ослободуваат, тоа е уште подобро; зашто повраќајќи си ја слободата преку истото право со кое им била одземена – тие или имаат право да ја продолжат или не постои оправданост за нивното лишување од неа. Но, општествениот поредок е свето право кое служи како темел за сите други права. Сепак, ова право не доаѓа од природата. Тоа се базира врз договори. (Русо, 2013, стр. 9)

Човекот, според овој филозоф, е разумен егоист кој се води според личните мотиви на самозаштита од различни опасности во создавањето на општествениот договор, кој е основа за државата и правото. Во споменатото дело, Русо вели: „да се пронајде форма на здружување со која може да се одбрани и да се заштити личноста или имотот на секој соучесник и низ која секој, соединет со сите, може, и покрај тоа, да си се потчинува само себеси и да остане слободен како претходно. Таков е основниот проблем чие решение го дава општествениот одговор.“ (Ibid, стр. 18) Општата народна волја, формирана врз таквиот примарен мотив, стои над законот и ја ограничува самата држава во примената на принуда. Секој од нас, истакнува Русо, ја внесува во заедницата својата личност и целата своја моќ под врховна управа на општата волја; а за возврат, секој член го сметаме за неделив дел од целината.

Според Кант, човекот е слободно, разумно и одговорно суштество, односно господар на самиот себеси, кој самостојно врши вредносно-нормативен избор на сопственото однесување и нормите што истото го регулираат.

Претставата за човекот поаѓа од неговото сфаќање не како разумен егоист, туку како морално суштество: човекот е морално одговорен за своите одлуки, зашто има слобода нив да ги формира според сопствениот избор и врз разликувањето меѓу доброто и злото, корисното и штетното! Таквата природа на човекот го легитимира правото како највисока вредност, неспоредлива со други вредности. Категоричкиот императив на слободата и моралната автономија на човекот обезбедува целосно совпаѓање меѓу сликата за човекот и правото како нејзин одраз! Во својата многустраност како битие, човекот, како морално суштество, е ориентиран и на „должносно“ однесување, кое е во согласност со неговите морални и правни должности и ги прави, објаснува и оправдува различните императивни и забранувачки правни норми. (Камбовски, 2010, стр. 236)

Човечкото суштество поседува одредени права со самиот факт што е човек. Оттука, слободите и правата извираат од самата природа на човекот, а не од волјата на државната власт. Затоа, слободите и правата се неотуѓиви и неприкосновени права, кои државната власт може само да ги штити, но не и да ги ограничува или да ги укинува по сопствена волја. (Шкариќ С. и Силјановска-Давкова Г., 2009, стр. 351)

Слобода. Слободата, како синоним за човекот, единственото битие надарено со разум и слобода за дејствување, е главниот движечки фактор на општествениот развиток со кој се шират и нејзините граници! Односот меѓу слободата на човекот и општеството и неговиот развој е однос на заемно испрепрлетување и влијание (spill-over) слободата го антиципира развојот, развојот ја шири границата на слободата која антиципира повисока фаза на развој итн. Во таа релација и взаемно испреплетување, правото се појавува истовремено како гарант за слободата, но и како нејзино ограничување! (Камбовски, 2010, стр. 236)

Според Хобс, “слободен човек е оној кој не е спречен во остварувањето на сопствената волја“. Џон Лок, пак, истакнува дека „во политичкото општество, поимот слобода го добива значењето на непопреченост од страна на било каква законодавна власт, освен од онаа на која по пат на општа согласност ќе ѝ се потчини заедницата. Луѓето се слободни од присилата на оние изрази на туѓата волја и од правните ограничувања кои не произлегуваат од самоникнатата законодавна власт во оној степен во кој таа ја ужива нивната доверба.“ (Locke, 1823, p. 76) Во истото дело, Лок наведува дека „слободата на луѓето кои што живеат под влада е ограничена само од оние правила кои ги почитуваат сите припадници на општеството, а кои ги создава законодавната власт која општеството ја воспоставува.“

Според Хегел, човекот е слободен само во општество во кое неговите односи со другите луѓе се уредени со правото врз принципот на еднаквост во правата и должностите.

Јас би се согласил и со британскиот филозоф Исаија Берлин, кој во делото „Слобода и нејзиното предавство“ истакнува дека: „слободата отсекогаш во суштина се состоела од правото да го избереш она што сакаш да го избереш бидејќи така си одлучил да избереш, неприсилен, немалтретиран, непроголтан од масивен бирократски систем; како и од правото да пружиш отпор, да бидеш непопуларен, да застанеш зад своите уверувања само затоа што се твои уверувања. Така изгледа вистинската слобода, и без неа не може да има ниту слобода од било каков вид, ниту пак илузија на слобода.“ (Berlin, 2003)

Понекогаш, вели Берлин, приврзаникот на позитивната слобода ќе направи уште еден исчекор со тоа што ќе го смести повисокото “јас” сосема надвор од поединецот и ќе стави знак еднакво помеѓу него и органската општествена целина - “племето, расата, црквата, државата, големата заедница на живите и мртвите и сè уште неродените”. Вистинските интереси на поединецот, според оваа варијанта на идејата за позитивна слобода се идентични со интересите на целината и поединците може и треба да бидат присилени да работат кон остварување на овие интереси, бидејќи ако се разумни и мудри колку своите владетели воопшто нема да пружаат отпор. „Откако ќе го усвојам овој став,“ вели Берлин, „способен сум да ги занемарам вистинските желби на поединците или на општествата, да се изживувам, да ги репресирам и измачувам во името и како продолжена рака на нивното „вистинско“ јас, совршено убеден дека која и да е вистинската цел на човековото постоење таа мора да е идентична со вака дефинираната слобода“. (Berlin, 1969, p. 132–133)

Од друга страна, негативното сфаќање на слободата најчесто го наоѓаме во либералните одбрани на уставно загарантираните слободи кои се типични за либерал-демократските општества, како слободата на движење, слободата на вероисповед и слободата на говор, како и во оние прилики кога се аргументира против патерналистички и моралистички интервенции на државата. На него се повикуваат и бранителите на правото на приватна сопственост, иако по прашањето дали правото на приватна сопственост ја зајакнува негативната слобода постојат и поинакви размислувања. (Cohen, 1991; Cohen, 1995)

Владеењето на правото се заснова врз слободата на човекот и неговото право самостојно да ги развива сопствените способности, со помош на правото и на правниот поредок. Во таков контекст, владеењето на правото се јавува како облик на слободата на човекот, а не како облик за нејзино ограничување. Следствено, правото претставува вештина на слободата, односно средство на слободата на човекот. (Siljanovska–Davkova, 2006)

Од ова гледаме дека правото како облик на слободата на човекот треба да биде надоградуван и заштитуван, а не изобличуван. Правото мора да биде почитувано и применувано од страна на сите и да важи за сите, бидејќи селективното почитување и селективната примена на правото го изобличуваат неговиот дух и идеал. А кога тоа се случува не можеме повеќе да зборуваме и да веруваме во правото, односно во правната држава, во поширока смисла на зборот.

Онтолошки, правото е израз на човековата слобода, но истовремено ја ограничува со еднаквите слободи и права на останатите, како и со должностите кон другите и општествената заедница, која е неопходен услов за човековата слобода. Тоа значи дека слободата се ограничува самата себеси, односно содржи не само можност за сопствено проширување, туку и за сопствено ограничување! Неограничена слобода не постои, освен како идеалистички стремеж на поединецот, кој би можел да се оствари во некоја „природна состојба“ надвор од општествениот и правниот поредок. (Камбовски, 2010, стр. 236)

Според академик Камбовски, позитивната дефиниција на слободата како можност да се прави сè, освен она што не е на штета на друг, или на општите интереси (neminem laedere), и поради тоа е изречно забрането со закон, ја содржи сопствената внатрешна контрадикција – можноста таа да се ограничи со правото! (Ibid, стр. 237)

Уште античките мислители (Платон, Аристотел) слободата ја сметале за највисока вредност на демократската држава. Според Аристотел, слободата е цел на демократијата, а демократското државно уредување за свој основен принцип ја има слободата. Сепак, слободата е ограничена, затоа што претераната слобода секој да работи по свое не може да го сопре злото кое постои во секој човек. (Пошироко за ова види кај Аристотел во делото „Политика“.)

Според учењето на филозофот Хегел за изедначувањето на правото со слободата, ограничување на слободата е само правото кое е спротивно на разумот и неправедно, така што израз на слободата е и принудата, па и казната, ако е правото разумно и праведно.

Развојот на правната аксиологија во XIX век е поттикнат токму со интензивната преокупираност со проблемот на човековата слобода и степенот на остварување на таа голема идеја во денешните сè пораслоени и поконфликтни општества.

Мил ја смета слободата за основен услов за општествениот напредок; таа треба да се уважува во максимална мера, така што ако сите, со исклучок на еден поединец, се со исто мислење, цел човеков род не би имал поголемо право него да го замолкне, од правото што го има таквиот поединец да го замолкне целиот човеков род!

Шопенхауер ја дефинира слободата во негативна смисла, односно според него, слободата е отсуство на пречки (материјални и други). Слободен човек, според него, е оној што има слободна волја да прави што сака, но границите на слободата на волјата се содржани во прашањето: дали човекот може да го сака тоа?

Современите сфаќања (Сорокин, Берлин, Дал, Хелд и други), покрај општиот општествен контекст на слободата, поставен врз тезата за демократијата како нужен услов на слободата, сè повеќе се насочени кон субјективниот, личниот момент на слободата како израз на начелото за автономија на поединецот, кое подразбира можност за самоопределување, слободен избор и морална одговорност за сопствените постапки. (Камбовски, 2010, стр. 237-238)

Правото, онтолошки произлезено од човековата слобода, за своја примарна функција го има гарантирањето на слободата на поединецот, на индивидуата. Притоа, правото има за цел да ја заштити слободата на поединецот како општа вредност, затоа што таа претставува природно својство на човекот. Токму заради ова, правото не може и не смее да ја ограничи слободата.

Развој на човековото општество. Развојот на човековото општество е непрекинат од кон слободата и е показ за еволуцијата на објективниот дух до степенот на свесно самоспознавање и свесно самоопределување. Заедно со таквиот развој на духот тече и развојот на правото кон истакнување на слободата и нејзината заштита како највисока вредност.

Примарното значење на човековите слободи и права значи неприкосновен карактер на овие вредности и нивниот предегзистентен карактер во однос на државната власт. Пример за тоа е англискиот систем на правото (Common Law). Примарното значење на слободите и правата Џон Стјуарт Мил ќе го апострофира во делото “За слободата“ со зборовите: „Над себе, над своето тело и над својот ум, поединецот е суверен“. (Наведено според: Шкариќ С. и Силјановска-Давкова Г. 2009, стр. 321)

Таквата тенденција на најдобар начин ја илустрираат радикалните правни реформи, од кои современата ера на развојот на идејата за слобода ја назначува француската Декларација за правата на човекот и граѓанинот која датира од 1789 година. Во оваа Декларација е дефиниран општиот поим на слободата како можност да се прави сè она што не му штети на друг; наведено е дека границите на слободата може да бидат определени само со закон, со кој може да бидат забранети само дејствија кои се штетни за општеството; во текстот е наведено дека личната слобода на поединецот е заштитена од каков било акт на обвинување, апсење или задржување на поединецот, освен во случаите и во постапка утврдени со закон; итн. Од наведеното овде можеме да заклучиме дека оваа Декларација повеќе инсистира на гаранциите, отколку на самото пропишување на слободите и правата. Тоа е сосем разбирливо и оправдано, бидејќи најважно е слободите и правата да се остваруваат во практиката, а не само да бидат инкорпорирани во уставите на државите. Ова е особено важно ако се има предвид современиот цинизам на државните власти кој се огледа во тоа што, од една страна, слободите и правата екстензивно се попишуваат во уставниот текст, а од друга страна, истите широко се кршат од страна на органите на државната власт.

Речиси на самиот почеток на втората половина на XX век, поточно во 1948 година, од страна на ООН, била донесена Универзална декларација за правата на човекот. Овој исклучително важен меѓународен документ за правата на човекот е несомнено заснован врз рационалната концепција за природното право. Во член 1 од оваа Декларација е наведено дека: „Сите човечки битија се раѓаат слободни и еднакви во достоинството и правата. Надарени се со ум и совест и треба да си приоѓаат во духот на братството.“ Токму врз оваа концепција, прокламирана со Општата декларација за правата на човекот, подоцна се надоврзуваат и цела низа на конвенции за правата на човекот.

Овде само би напоменал дека поврзаноста на слободите и правата со одговорностите и должностите на човекот и граѓанинот претставува неопходна претпоставка за постоење на демократско и одговорно општество. Секоја човекова заедница сама по себе имплицира и на постоење на определени должности на човекот, а не само на постоење на права и слободи. Поинаку кажано, луѓето во општествената заедница во која живеат и творат не можат да прават сè и сешто, туку мораат да се воздржуваат од одредени штетни или недолични постапки. Во врска со ова, Томас Пејн во своето дело “Правата на човекот“ запишал: „Тоа што е мое право како човек, тоа е исто така и право на другиот и моја должност е да го штитам тоа негово право исто како што го штитам и своето право.“ (Pejn, 1987, str. 143-144)

Ограничување на слободата. Ограничувањата на слободата имаат смисла на свесни и слободни самоограничувања, кои поаѓаат од разумното спознание за нивната нужност, наложена со потребата за признавање и почитување на слободата на другиот. Тоа е рационален пристап, изразен во правото низ основниот принцип истакнат уште во античкото право: никому да не му се наштети (neminem laedere)! На правните ограничувања на слободата им претходни, исто така, рационалниот пристап кон нивната онтолошка битност: дека тие се нужни и наложени, во прв ред, со фактот на остварување на слободата во рамките на општеството. (Камбовски, 2010, стр. 239)

Со други зборови, би можело да се каже дека не е слободен тој што бега, туку, напротив, тој што се придружува кон општеството, притоа раководејќи се од потребата за заедништво. Ова од едноставна причина што бегството од организираната форма на живеење, олицетворена во општествената заедница, не е ништо друго освен бегство во самотија и духовна изолација. Овде би дополнил дека само слободното општество, односно општеството во кое не владее страв, нееднаквост, експлоатација, дискриминација и кое на цивилизиран начин успева да ги задоволи сите човекови потреби, притоа неприкосновено почитувајќи ги неговите природни права, е услов за целосна слобода на поединецот.

Во заштитата на слободата на поединецот, правото го употребува најмоќното средство со кое располага, а тоа е државната принуда, како единствено средство за спротивставување на противправното принудно ограничување на слободата. Но, сепак, остварувањето на слободата како највисока општа и правна вредност, како и нејзината заштита, не може да се потпираат единствено врз државната принуда. Потребно е, исто така, и постоење на повисок степен на правна свест и култура. Со ова лично сметам дека заштитата на човековите слободи и права ќе се издигне на ниво на кое тие ќе претставуваат и столб и највисок цивилизациски дострел на човештвото.

Според академик Камбовски, за концептот на правна заштита на човековите слободи и права во демократската правна држава посебно значење имаат следниве основни постулати:

Прво, оригинерност: тие не се креација на самиот устав, не се откажано овластување на државата во корист на граѓаните! Во смислата во која тие не се дело на уставот, нешто што е внесено во општествената реалност однадвор, со државна волја, “дозволена и рестриктивна државна категорија“, и нивната концепција не е рефлексија на позитивистичко-нормативистичката теорија за правото како сфера на “дозволеното“. Тие се примарна и екстензивна категорија, наспроти државната власт, која е секундарна и рестриктивна категорија.

И второ, неприкосновеност: со меѓународни документи статуираните и уставно загарантираните слободи и права се неповредливи, тие не може да се менуваат или да се ограничуваат со закон или со практично дејствување на државата. (Ibid, стр. 240-241)

Тргнувајќи од сознанието дека слободата на поединецот и природните човекови права, по дефиниција се ограничени со еднаквата слобода и еднаквите права на другите луѓе, правото е тоа што ја има улогата да ја определува и фиксира мерата на еднаквост, која формално-правно се поставува како ограничување на слободата и правата. Да напоменам уште и дека таквите ограничувања може да бидат предмет исклучително на уставни или законски одредби, кои во нормална демократска и правна држава мора да имаат посебно оправдување, како и да бидат образложени од страна на самата држава како крајно рестриктивни мерки!

Автор: м-р Илија Јованов

м-р Илија Јованов

Библиографија:
Аристотел: Политика, Слово, Скопје, 2006;
Berlin, Isaiah: Freedom and its Betrayal, Princeton University Press, 2003;
Berlin Isaiah: Two Concepts of Liberty, Oxford University Press, London, 1969;
Cohen, G. A.: Capitalism, Freedom and the Proletariat, 1991;
Cohen, G. A.: Self-Ownership, Freedom and Equality, Cambridge: Cambridge University Press, 1995;
Камбовски, Владо: Филозофија на правото, МАНУ, Скопје, 2010;
Locke, John: Two Treatises of Government, London, 1823;
Pejn, Tomas, Prava čoveka, Libertas, Beograd, 1987;
Русо, Жан-Жак: Општествен договор, Ѓурѓа, Скопје, 2013;
Siljanovska–Davkova, Gordana: Democracy and Globalization – between Rule of Law and Rule of Men, Правни живот, бр. 12, том 4, 2006;
Шкариќ, Светомир и Силјановска-Давкова, Гордана: Уставно право (второ, дополнето и изменето издание), Култура, Скопје, 2009.

Comments

Popular posts from this blog

Мојата генерација

Мојата генерација е генерацијата која се роди во годината во која се „роди“ и  самостојна, независна и суверена Република Македонија. Мојата генерација е генерацијата која детството го помина во периодот на транзицијата. Ова е генерацијата која се роди за време на воспоставувањето и градењето на еден комплетно нов систем. Ова е и генерацијата која живее во време на експанзија на информатичката технологијата. „Не седи на земја, ладно е!“. Колку и да Ви звучи смешно, ова беше опомената што нашите мајки и баби секојдневно нѝ ја кажува, додека по цел ден бевме на улица, игравме безгрижно и се дружевме меѓусебно. Денес ова остана само како добар спомен и сеќавање од нашето детство. И на човек му доаѓа да заплаче кога знае дека тие моменти нема никогаш повеќе да се повторат. Мојата генерација беше генерацијата која имаше безгрижно детство. Мојата генерација беше генерацијата која после наставата на училиште се враќаше дома а потоа продолжуваше со топка на улица. Мојата генерација беше

Како со позитивни мисли да ги зголемите шансите за среќа и напредок во животот?

„Тажните времиња н è  подобруваат и н è  водат кон доброто, додека добрите времиња ни го покажуваат изобилството од можности и ни ги нудат благодетите што треба да ги цениме. Исто така, сфатив дека ништо што е премногу добро или премногу лошо не трае долго.“ ~ Робин Шарма Овој текст го започнав со цитат од еден од денешните најпопуларни автори и мотивациони говорници Робин Шарма. Овој цитат можете да го препрочитате неколку пати и секогаш ќе ја согледувате неговата длабочина.  Според мене, не постои само среќно време, ниту, пак, само тажно време. Работите не се само црни, ниту само бели. Според Сведен Бринкман, професор по психологија на Универзитетот „Аалборг“:  „Одвреме-навреме животот е прекрасен, но исто така е и трагичен. Луѓето умираат во нашите животи, ги губиме, а ако ни е дозволено да имаме само позитивни мисли, тогаш оваа реалност ќе нè погоди уште посилно. Нема ништо лошо во тоа ако некој е природен оптимист или ужива во книгите за самопомош.“ Секој од нас с

Мирослав Крлежа: За човечката глупост

Мирослав Крлежа бил еден од највлијателните југословенски интелектуалци. Тој е хрватски писател кој со својата проникливост и интересен начин на опишување, многу лесно и интересно опишува општествени појави. Во својот есеј „За човечката глупост“ тој дава одлично и остроумно излагање на она што тој го смета за човечка глупост. На моменти длабоко и филозофски, на моменти духовито и шеговито, тој ја анализира човечката глупост која може да се појави во различни форми и текстот е толку добар, што ве уверувам дека ќе добиете чувство дека голем дел од споредбите и описите се напишани вчера. Со оглед на тоа дека се работи за подолг текст, решив да го поделам во два дела и да го објавам во период од два дена. Во продолжение уживајте во овој текст исто онолку колку што и јас уживав додека го преведував. Навечер, во интимен, полугласен разговор со самиот себеси, никако не можам всушност логички да го оправдам тоа што во последно време толку се вознемирувам заради глупостите на луѓето. Кога т