Skip to main content

Која е економската иднина на државите после кризата?

Кризата што доаѓа не е од здравствена, туку од економска природа. Замавот на крилата на лилјакот, кој без сомнеж дојде на пазарот во Вухан, се прошири следејќи ги пукнатините на глобалниот либерален капитализам, кој веќе четириесет години ги шири своите „ланци со вредности“ преку ветените сламови на џиновските профити: финансиски преземања, конкуренција која е „слободна и непречена“ од трошоците на производството, принципот „во вистински момент“, ЛЕАН менаџментот, грабежот на природните ресурси, планираната застареност, намалувањето на бројот маски и кревети во болниците, мерките за штедење.

Штотуку ги видовме знаците на кризата, а економистите веќе се прашуваат: кој и како ќе го плати ова? Припадниците на ова занимање, чиј насушен леб се прави од квасец кој се крева на самото споменување на „плаќањето“ не можеа да ја пропуштат приликата за да го постават ова клучно прашање. Додуша, овој пат не можеме да им замериме за тоа. Во суштина се работи за една од главните недоумици поврзани со идејата „враќање во нормала“: што е тоа „нормала“, што е тоа „враќање“, и какви се тие „идеи“ кои подоцна не би предизвикале нови проблеми?

Во економска смисла, оваа криза впрочем не наликува на ништо што можевме да видиме во текот на историјата на капитализмот. Таа не е класична, ниту кејнзијанска; не доаѓа како последица ниту на хиперпродукција, ниту на институционални или технолошки ограничувања, ниту ограничувања кои се поврзуваат со недоволна количина средства за производство (капитал, труд и суровини). Не станува збор ниту за ненадеен пад на побарувачката, иако механизмот кој ја формира побарувачката веќе четири децении оперира со грешка. Таа се создаде како резултат на државните одлуки (и, во помала мера, заштитните мерки за поединците) кои доведоа до брутално запирање на целата производствена машинерија. Меѓународната биро на трудот (при МОТ), процени дека „1,25 милијарди работници и работнички, односно 38 проценти од светската работна сила се вработени во сектори кои наскоро ќе се соочат со значително намалување на производството и зголемен ризик од промена на структурата на работните места. Клучни меѓу нив се малопродажбата, угостителството, како и производствениот сектор1“.

Ова е можност чии исходи веќе можат да се проценат. Бројот работни часови на светско ниво според МОТ се намали за 6,7 проценти во вториот квартал од 2020 година: тоа е еднакво на загуба од 195 милиони работни места во нормални услови. Според истражувањето кое го објавија Обединетите нации2, оваа криза ќе турне 500 милиони луѓе во сиромаштија преку намалување на економските активности и губење на работните места.

Значи, дел од одговорот на прашањето „кој ќе плати?“ веќе ни е пред очи и нема да се менува во иднина: првата наплата за кризата ќе дојде во форма на моментален пад во производството на добра и услуги (корисни или бескорисни, токсични или не) кој сосема сигурно нема да биде надоместен. Овие загуби се однесуваат на категориите работници и работнички чии приходи се намалија (или станаа нестабилни) како резултат на непроизведени или непродадени добра. Тоа е клучен дел од тоа колку нѐ чини и колку ќе нѐ чини борбата против ширењето на вирусот.

Меѓутоа, прашањето за цената на кризата и кој ќе ја плати главно не се поставува од овој агол. Брзо преминувајќи од сѐ што е изгубено и уништено на напорите кои се прават или ќе се прават за да се врати сето тоа, за момент се префрламе во подножјето на планината на јавниот долг кој го натрупаа државите и системите за социјална заштита, и самите во шок, и во обид да ги ублажат штетата и страдањето што ги предизвика падот на производството. Значи, кој ќе го плати тоа?

Тоа прашање секако не е помалку интересно од првото, но, иако сѐ уште не ја добивме ни првата сметка, втората (јавниот долг) се заканува да се покаже како вистинска цена на кризата. Во суштина, државите директно го сносат трошокот само за зголемување на делот на ограничување на производството, од една страна, и распоредување на првата цена на различни категории институционални актери кои треба да ја сносат, од друга. Државата, како и компаниите и домаќинствата, суштински страда од ограничувањето на производството и го сноси својот дел од загубата, во форма на неостварени даночни приходи (корпоративен данок и данок на приход, данок на додадена вредност, данок на нафтени деривати, итн). Ширум светот на компаниите им се простуваат долговите за даноци и придонеси, им се нудат заеми или гаранции, а мерките за поддршка на домаќинствата остануваат на исто ниво или се зголемуваат преку усвојување дополнителни приходи, во форма на помош (за делумно или целосно) невработени. Во некој нареден момент, без сомнеж, простувањето долгови, рекапитализацијата и национализацијата ќе бидат нужни за да се спасат компаниите во ризик (додека производствениот апарат засекогаш, помалку или повеќе, ќе остане под контрола на пазарот), заради предвидливиот раст на нивната задолженост. Задолженоста, која уште пред кризата предизвикана од коронавирусот достигна загрижувачки нивоа, би можела да излезе од контрола и да предизвика верижен бакрот. Во далекувидната студија од октомври 2019 година, која се темели на симупација на светска рецесија во износ од 4 проценти од годишниот БДП (значи помалку од половина од онаа од финансиската криза од 2008 година), Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) пресмета дека глобалниот износ на долгот на компаниите означени како „ризични“ брутално ќе скокне за 19 000 милијарди долари (повеќе од 17 000 милијарди евра), и ќе изнесува 40 проценти од вкупниот износ на побарувањата на приватните компании во 2021 година3. Пресметката веќе е испратена на доработка, бидејќи загубите во производството во моменталната криза веќе се двапати повисоки во однос на ова катастрофално сценарио. Државите од неа ќе излезат многу позадолжени отколку пред само неколку месеци.

Пред да видиме кој ќе ја плати оваа разлика, треба да разјасниме две нешта. На прво место, цената на долгот кој ќе го преземе некоја држава не се совпаѓа со идната исплата која ќе ја примат нејзините доверители (за пет, десет или триесет години). Државната стратегија главно се заснова на „тркалање на долгот“, па доверителите ги менуваат старите хартии од вредност за нови. На тој начин тие добиваат постојано, но долгот не се отплатува. Второ, неопходно е да се отстранат грижите за расположливоста на средствата кои се нужни за да се искачиме на врвот на брегот на јавниот долг. Како што формулираше економистот Бруно Тинел, „ако мислиме дека има преголем долг, треба да бидеме кохерентни и да кажеме дека има преголемо штедење4“.

Значи, реалната цена за долгот на државата не е амортизацијата на позајмениот капитал, туку вкупната камата која таа мора да им ја плаќа на своите доверители на годишно ниво. Последично, се поставува прашањето: дали оваа цена долгорочно е одржлива за населението и, ако не, дали (и како) е можно да се ослободиме од неа?

Засега, каматата на јавниот долг на главните земји од Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) не се зголеми. Шпанија, Португалија, Грција и Италија веќе десет години успеваат да позајмуваат по номинална стапка која изнесува помеѓу 1 и 2 проценти. Кога станува збор за САД, Германија, Франција, Јапонија, Обединетото Кралство, таа е помала од 1 процент: сметајќи ја инфлацијата, сите овие држави успеваат да ја одржат реалната каматна стапка околу нулата, дури и во минус. Затоа, цената на јавниот долг може да остане издржлива - зашто никој не мора навистина да ја плати - доколку финансиските актери не испаничат во контекст на јавниот долг или доколку стравот не ги натера од државите да бараат да им ја вратат основицата (страв: главна сила на луѓето познати под името „рискофили“).

Што би се случило и што би можеле да прават државите и креаторите на монетарната политика доколку паниката ги зафати финансиските актери (пензиските фондови, осигурителните компании, заемните фондови и банките) кои управуваат со заштедите на домаќинствата и компаниите? Доколку дојде до паника таа секако ќе биде селективна и одново ќе се прошири распонот на каматните стапки за земјите од еврозоната. Југот секако ќе биде потешко погоден од северот. Во овој случај, можеме да очекуваме дека „чадорот“ кој Европската централна банка (ЕЦБ) го отвори во 2012 година - кога Марио Драги, тогашниот челник на институцијата, најави дека „ЕЦБ ќе направи сѐ што е неопходно за да се спаси еврозоната“ - ќе остане отворен, како што беше во целиот период на „квантитативните олеснувања“. Фактот што ЕЦБ тврди дека е подготвена на пазарот да ги купи сите државни обврзници изложени заради прекумерно продавање (што би вршело притисок во насока на раст на каматните стапки за долговите на тие земји), и дека тоа ветување е потврдено со реални потези, засега може да биде доволен. Меѓутоа, во моментов никој не може да каже колку ќе порасне јавниот долг, ниту после која граница (120 проценти, 150 проценти, 200 проценти од БДП?) ќе предизвика толкава недоверба што ни идејата на купувачите во краен случај нема да биде доволна за да ја отстрани. Оваа пресвртна точка може да биде мошне висока, бидејќи штедачите немаат многу привлечни алтернативи. Меѓутоа, тоа не го спречува сценариото за нов крах на обврзниците. Во тој случај, ќе мора да размислиме како да отпишеме дел од јавниот долг или да го неутрализираме неговиот товар. Накратко, да се запрашаме... „кој ќе плати?)“.

Бидејќи кризата е толку сериозна, се покажува дека ортодоксните алати не се применливи. Во статијата што ја напиша за Lez Eho5, Жан Тирол - еден од главните француски претставници на неокласичната теорија (доминантна економска струја во последните педесетина години) и добитник на Наградата на Шведската банка за економски науки во знак на сеќавање на Алфред Нобел (накратко позната како „Нобелова награда“) - во која ги наведува потенцијалните одговори на кризата, мораше да ги признае ограничувањата на сопствената доктрина и да позајми неколку идеи од другите.

Овој економист во својот текст испитува четири решенија за експлозија на јавниот долг. Првото се однесува на отпишување дел од јавниот долг - опција која Тирол ја споменува само за да може подобро да ја отфрли: тој смета дека таквата постапка е „чувствителна“ зашто долгорочно ги ја извалкала репутацијата на државите кои се одлучиле за тоа. Тие не би имале можност да земаат нови заеми во блиска иднина што би ги принудило истиот момент да го балансираат буџетот, што само би предизвикало шок на негативната побарувачка во момент во кој тоа е лошо за економијата. Значи, во очите на Тирол се работи за ќорсокак. Овој оперативен пат, кој бара придонес од побогатите класи и приходи, не беше отсекогаш толку контрапродуктивен како што се претставува. Понекогаш овозможуваше брзо закрепнување за земјите што се одлучиле за него6.

Второто решение вклучува зголемување на даноците и намалување на трошоците, за да се намали потребата за нови позајмици: „Државите им наметнуваат вонредни даноци на оние што се држат најдобро, на пример на наследството, како и средната класа, за да се задоволи големата потреба за јавни пари“, објаснува Тирол. Ова би значело извесно враќање на довчерашните мерки за штедење, но распоредени поправедно, за што авторот не кажува што впрочем мисли. Опцијата за поправедна распределба сѐ уште не е прифатена како стратегија од францускиот министер за економија и финансии Бруно Ле Мер, кој би бил задоволен од мерките за штедење „на долг рок“: „На долг рок нужно е да имаме здрави јавни финансии и да го намалиме долгот7“, без да каже кој би ја сносел тежината на таа задача.

Третото решение? Кофинансирање на дел од јавниот долг во еврозоната: „корона-обврзници“, кои северните држави ги отфрлија неколку дена откако беше објавена статијата на Тирол. Оваа идеја не би била толку лоша ако каматната стапка почнува да расте за помал број држави кои би можеле да имаат корист од повисоко ниво на доверба која би ја уживал просечниот јавен долг. Од друга страна, очигледно не би користела никому кога недовербата кон јавниот долг би станала општа.

Преостанува четвртото решение, кое го преферира Тирол: монетизација на долгот (не само државниот), односно негов откуп од страна на централните банки. Тирол подвлекува дека прашањето за отплатата веќе не би се поставувало: „Не постои формален рок за државна отплата; наводно привремениот откуп би можел де факто да стане перманентен.“ Во момент во кој го отплатува долгот на ЕЦБ, државата во суштина може повторно да се задолжи кај финансиските актери (за да ги добие неопходните пари), а тој долг ЕЦБ веднаш би го откупила на секундарниот пазар. Долгот кон ЕЦБ би станал перманентен, како кредит кој се обновува ad vitam aeternam, што би била една грижа помалку за државата. Меѓутоа, што е со отплатата на каматата? Тирол за тоа не кажува ни збор. Сепак, во тој контекст можна е неопходна иновација. Во спротивно целокупната реална тежина на јавниот долг би останала непроменета.

Секако, наједноставно би било да се отпише долгот кој го откупила централната банка: тоа би бил организиран облик на отпишување на јавниот долг. Таквото решение носи предност за избегнување на мачкањето очи на приватните актери (кои би се согласиле ЕЦБ да ги откупи нивните репо аранжмани за краткорочно задолжување под услов да ги плати) и заострување на инфлацијата, под услов парите кои им се исплатени на приватните актери за да се откупат долговите државата да не го зголеми нивното богатство ниту да создаде фиктивни приходи (да не се работи за „пари од хеликоптер“, според сликата што ја користеше Милтон Фридман за да ги опише парите кои државата му ги дава на населението со надеж дека нивното трошење ќе ја врати економијата во погон). Таквата операција на координирано отпишување на јавниот долг, на највисоко ниво, очигледно би подразбирала огромна загуба на активата на ЕЦБ, чии фондови би станале негативни, со исто таква вртоглава брзина. Можеби ќе дојде денот кога секој ќе мора да се запраша: дали тоа навистина би било проблем? Ако државите мора да ја рефинансираат ЕЦБ, очигледно се влегува во магичен круг. Меѓутоа, барем во институционална смисла, тоа не е случај. Пречката на тој пат помалку е економска, техничка или институционална, а повеќе е почитичка: ќе биде потребно сегашните лидери да се согласат со нешто за кое отсекогаш тврдеа дека е невозможно. Меѓутоа, дали не е дојдено време за раскинување со минатото?

Во секој случај, преостанува и последното решение, кое Тирол не го препознава. Тоа претпоставува создавање (или обнова) на моделот на „умерена инфлација“ на европско ниво преку усогласување заедничка политика на платите, за таа да доведе до нови активности преку зголемување на платите (номинално, односно, не сметајќи ја инфлацијата). Преку координација (влада, синдикати, ЕЦБ) барем на ниво на еврозоната, таквиот режим на инфлација која извира од платниот систем би можел да остане под контрола. Тоа би можело да биде прилика да се утврди ритамот на зголемување на номиналната вредност на надниците во секоја од државите членки (за да се урамнотежат разликите на реалната девизна стапка кои се зголемија во моментот кога престана да биде можна девалвацијата на националната валута), што би ја повратило релативната конкурентност на цените и би ги намалило последичните неизедначени трговски биланси8.

Овој режим на умерена инфлација би го олеснил товарот на долгот на сметка на најбогатите доверители. Тоа е она што го правевме на крајот од војните - не сме ли токму сега во војна? На почетокот, владите ги финансираат воените издатоци така што од доверителите бараат заеми кои ќе им ги вратат неколку години или неколку децении подоцна... во валута чија куповна моќ е опадната. Не постои страв дека на тој начин ќе бидат измамени сиромашните: тие немаат пари. Политиката на умерена инфлација врз основа на зголемување на платите, координирана и диференцирана на ниво на еврозоната, би можела да биде решение за ублажување на товарот од натрупаните долгови, префрлајќи ја сметката на доверителите, не особено агресивно, но на долг рок (со ритам од годишна ерозија на валутата во износ од 2 до 3 проценти).

Монетизацијата на дел од јавниот долг за истиот да се уништи или создавање режим на умерена инфлација врз основа на платите секако делуваат како иконокластични идеи. Меѓутоа, како што своевремено зборуваше Џон Мајнард Кејнз за својата држава, ако продолжи моменталната криза или ако таа се продлабочи, би можела да ги наведе „државниците и лидерите да ги ограничат најлошите последици од школата на мислата во која се образовани, повлекувајќи потези кои речиси не се во согласност со нивните принципи, во практиката не се ни ортодоксни, ни богохулни, на што веќе укажуваат одредени знаци9.“ Во тие знаци веќе се вбројуваат и одредени непредвидени промени на мислата, како онаа што ја имаше Ален Манк, сега заговорник на идејата за „вечниот долг“, кој државата никогаш не би го отплатила во целост10. Исто така, секако, истапот што го направи Тирол исто така бара многу, секако не експлицитно, од разни европски институции, од нивните лидери... и од „школата на мислата во која се образовани“.


Автор: Лоран Кордоние, економист и професор на Универзитетот во Лил

Извор: Le Monde diplomatique



Библиографија:

(1) „Опсерваторија на МОТ: Ковид-19 и светот на трудот, второ издание“, Меѓународна организација на трудот, Женева, 7 април 2020.

(2) Крис Хој, Едуардо Ортиз-Хуарез и Енди Самнер, „Estimates of the impact of Covid-19 on global poverty“, работен документ, Универзитет на Обединетите нации, Хелсинки, април 2020.

(3) „Global financial stability report“, Меѓународен монетарен фонд, Вашингтон, октомври 2019.

(4) Бруно Тинел, Dette publique: sortir du catastrophisme, Raisons d'agir, Париз, 2016.

(5) „Жан Тирол: quatre scenarios pour payer la facture de la crise“, Les Echos, Париз, 1 април 2020.

(6) Прочитај: Рено Ламбер, „Dette publique, un siecle de bras de fer“, Le Monde diplomatique, март 2015.

(7) „Gerald Darmanin et Bruno Le Maire: 'Le plan d'urgence revise a 100 milliards d'euros'“, Les Echos, 9 април 2020.

(8) За подобро разбирање на овие економски механизми, да се прочита објаснувањето „Competitivite-cout, taux de change reel et desequilibres commerciaux“ на нашиот вебсајт (www.monde-diplomatique.fr/61736).

(9) Џон Мајнард Кејнз, La Pauvrete dans l'abondance, Gallimard, Париз, 2002.

(10) „Alain Minc: pour ine dette publique a perpetuite!", Les Echos, 16 април 2020.

Comments

Popular posts from this blog

Мојата генерација

Мојата генерација е генерацијата која се роди во годината во која се „роди“ и  самостојна, независна и суверена Република Македонија. Мојата генерација е генерацијата која детството го помина во периодот на транзицијата. Ова е генерацијата која се роди за време на воспоставувањето и градењето на еден комплетно нов систем. Ова е и генерацијата која живее во време на експанзија на информатичката технологијата. „Не седи на земја, ладно е!“. Колку и да Ви звучи смешно, ова беше опомената што нашите мајки и баби секојдневно нѝ ја кажува, додека по цел ден бевме на улица, игравме безгрижно и се дружевме меѓусебно. Денес ова остана само како добар спомен и сеќавање од нашето детство. И на човек му доаѓа да заплаче кога знае дека тие моменти нема никогаш повеќе да се повторат. Мојата генерација беше генерацијата која имаше безгрижно детство. Мојата генерација беше генерацијата која после наставата на училиште се враќаше дома а потоа продолжуваше со топка на улица. Мојата генерација беше

Како со позитивни мисли да ги зголемите шансите за среќа и напредок во животот?

„Тажните времиња н è  подобруваат и н è  водат кон доброто, додека добрите времиња ни го покажуваат изобилството од можности и ни ги нудат благодетите што треба да ги цениме. Исто така, сфатив дека ништо што е премногу добро или премногу лошо не трае долго.“ ~ Робин Шарма Овој текст го започнав со цитат од еден од денешните најпопуларни автори и мотивациони говорници Робин Шарма. Овој цитат можете да го препрочитате неколку пати и секогаш ќе ја согледувате неговата длабочина.  Според мене, не постои само среќно време, ниту, пак, само тажно време. Работите не се само црни, ниту само бели. Според Сведен Бринкман, професор по психологија на Универзитетот „Аалборг“:  „Одвреме-навреме животот е прекрасен, но исто така е и трагичен. Луѓето умираат во нашите животи, ги губиме, а ако ни е дозволено да имаме само позитивни мисли, тогаш оваа реалност ќе нè погоди уште посилно. Нема ништо лошо во тоа ако некој е природен оптимист или ужива во книгите за самопомош.“ Секој од нас с

Мирослав Крлежа: За човечката глупост

Мирослав Крлежа бил еден од највлијателните југословенски интелектуалци. Тој е хрватски писател кој со својата проникливост и интересен начин на опишување, многу лесно и интересно опишува општествени појави. Во својот есеј „За човечката глупост“ тој дава одлично и остроумно излагање на она што тој го смета за човечка глупост. На моменти длабоко и филозофски, на моменти духовито и шеговито, тој ја анализира човечката глупост која може да се појави во различни форми и текстот е толку добар, што ве уверувам дека ќе добиете чувство дека голем дел од споредбите и описите се напишани вчера. Со оглед на тоа дека се работи за подолг текст, решив да го поделам во два дела и да го објавам во период од два дена. Во продолжение уживајте во овој текст исто онолку колку што и јас уживав додека го преведував. Навечер, во интимен, полугласен разговор со самиот себеси, никако не можам всушност логички да го оправдам тоа што во последно време толку се вознемирувам заради глупостите на луѓето. Кога т