Skip to main content

Зајакнување на врските во младинската соработка

Отворете поле за меѓусебна соработка, дајте им шанса на идеите, размислувањата и ставовите. Нека тие бидат искажани и нека си го пронајдат своето вистинско место. 
Во периодот од 24 до 26 јуни годинава, во Загреб, Република Хрватска, се одржа младинска конференција на тема: „Хрватска во ЕУ - зајакнување на врските во младинската соработка“. На конференцијата присуствуваа 220 учесници од земјите-членки на ЕУ, од Хрватска, како и од кандидатите и потенцијалните кандидати за идно членство во ЕУ. Целта на конференцијата е да се дискутира за клучите прашања за зајакнување на младинската соработка во Европа. 
Оваа конференција претставува уникатна можност за да се разгледаат и дискутираат постигнувањата и предизвиците за младинска соработка во проширена ЕУ; да се рефлектира европскиот идентитет; да се истражи како може да се изградат мостови помеѓу младите луѓе низ Европа и да се споделат искуства за време на интерактивните работилници, сесии и дискусии во групи. 
За време на оваа младинска конференција, учесниците имаат можност да се сретнат со министрите од хрватската Влада, со претставници од Европската комисија и со водечки личности од европските младински организации, како што е Европскиот Младински Форум, Европскиот Студентски Форум (AEGEE) и други организации поврзани со работењето со млади луѓе. Исто така, учесниците на конференцијата ја имаат можноста да ги презентираат клучните наводи од заклучоците на оваа младинска конференција по враќањето во своите земји. 
Јас, бев поканет на оваа конференција заедно со уште двајца учесници од Република Македонија, но од лични причини, за жал, морав во последен момент да го откажам своето учество. Сепак, ја користам приликата преку овој текст јавно да изнесам само дел од моите размислувања поврзани со оваа тема, која, се разбира, претставува поле на мој личен интерес. 
Како што напоменав и претходно, оваа младинска конференција претставува одлична шанса и можност младите луѓе од цела Европа активно да учествуваат во разменувањето на идеи за подобрување и зајакнување на младинската соработка. На оваа конференција може да се изгради солидна основа за понатамошна соработка помеѓу младите од европскиот континент. Смислата на постоењето на самата ЕУ е да ги поврзува луѓето од целиот европски континент во живеењето и работењето без граници и препреки. Задача на нас младите луѓе е правилно да ги искористиме придобивките кои ги носи ЕУ. 
За оние од Вас што читајќи го овој текст ќе се запрашаат дали се ова навистина мои размислувања, бидејќи важам за критичар на ЕУ, дозволете да Ви кажам дека јас ги критикувам оние работи што ги сметам за недостојни и некоректни (како што беа носењето на некои контадикторни политички одлуки), но онаму каде што постои вистински интерес за меѓусебна соработка и заедништво, ќе постои и моја подршка. 
Но, да се навратиме на нашата земја и на она што кај нас недостасува во овој поглед. Во Република Македонија, потребно е да се организираат трибини, конференции и јавни дебати, можеби најпрво на факултетите, а подоцна и во поголеми размери, за тоа што значи самото младинско организирање и кои можности ги имаме ние младите луѓе од мобилноста што се нуди во рамките на ЕУ. Потребна е голема соработка и мобилност помеѓу младите луѓе од цела Европа, а младинските организации се одлична можност за таа соработка да се оствари. 
Во моите колумни секогаш пишувам за нас младите луѓе, за потребата од наше меѓусебно организирање во младински организации, за потребата од младински активизам, накратко кажано – за сѐ она што ни недостасува. 
Оттука, ние (за жал) не можеме да зборуваме за соработка во европски рамки, кога немаме солидна соработка во национални рамки. Каде е проблемот? Најголемиот дел од проблемот е менталитетот. Оној нашиот – колективниот. Наместо да си го поставиме прашањето за тоа кое може да биде полето за заедничка соработка, ние најпрво се запрашуваме самите зошто воопшто да соработуваме?! Наместо кон другиот да подадеме рака за пријателство и заедништво, ние му пристапуваме со мислењето дека тој сака само да нѐ искористи и да си ги оствари своите лични цели. Не велам дека не постојат и такви ситуации, но тоа не значи дека сите ситуации би имале ист исход. Затоа ја упатувам следнава порака: отворете поле за меѓусебна соработка, дајте им шанса на идеите, размислувањата и ставовите. Нека тие бидат искажани и нека си го пронајдат своето вистинско место. 
Ако после ова се вратите на почетокот на текстот ќе сфатите дека насловот е дури и несоодветен. Несоодветен е затоа што нам ни е потребна најпрво младинска соработка, а дури потоа и зајакнување на врските во младинската соработка. Но, сепак се одлучив да остане тој наслов, од причина што, пред сѐ, го поврзав со младинската конферениција во Загреб. 
Јас апелирам за соработка во национални рамки, а потоа со заеднички сили и напори многу полесно можеме да ја оствариме соработката и во рамки на ЕУ. Таа заедничка соработка бара многу откажувања, вложување на многу напор и енергија, како и меѓусебно почитување и доверба. Ако ги има овие клучни елементи, успехот ќе биде загарантиран.

Автор: Илија Јованов



Сите права се заштитени. Ниту еден дел од овој текст не смее да биде умножуван, препечатен во механичка, електронска или некоја друга форма, фотокопиран, снимен звучно или на некој друг начин, без претходно писмено одобрување од авторот.
(c) Copyright by Ilija Jovanov
All rights reserved

Comments

Popular posts from this blog

Мојата генерација

Мојата генерација е генерацијата која се роди во годината во која се „роди“ и  самостојна, независна и суверена Република Македонија. Мојата генерација е генерацијата која детството го помина во периодот на транзицијата. Ова е генерацијата која се роди за време на воспоставувањето и градењето на еден комплетно нов систем. Ова е и генерацијата која живее во време на експанзија на информатичката технологијата. „Не седи на земја, ладно е!“. Колку и да Ви звучи смешно, ова беше опомената што нашите мајки и баби секојдневно нѝ ја кажува, додека по цел ден бевме на улица, игравме безгрижно и се дружевме меѓусебно. Денес ова остана само како добар спомен и сеќавање од нашето детство. И на човек му доаѓа да заплаче кога знае дека тие моменти нема никогаш повеќе да се повторат. Мојата генерација беше генерацијата која имаше безгрижно детство. Мојата генерација беше генерацијата која после наставата на училиште се враќаше дома а потоа продолжуваше со топка на улица. Мојата генерација б...

Илија Јованов: Македонија – од заробена држава до хибриден режим

Од оаза на мирот до конфликтно подрачје Република Македонија во 1990-те години на минатиот век беше нарекувана со епитетот „оаза на мирот“, алудирајќи на фактот дека беше единствена република која отцепувањето од поранешна СФРЈ не го означи со крв на нејзина територија, туку со демократски референдум, како највисок стадиум на демократија. Во наредната деценија од осамостојувањето, на наша територија примивме повеќе од двесте илјади бегалци за време на војната на Косово, а во 2001 година се соочивме со вооружен конфликт на сопствена територија. Злосторствата сторени за време на овој конфликт политичарите решија да ги амнестираат, иако меѓународното право пропишува дека воени злосторства не застаруваат. Анализирајќи ги состојбите од историски аспект, ми се чини дека македонските граѓани никогаш не се навикнаа да живеат во состојба на мир и благосостојба, туку во состојба на незавршен мир и константни скриени закани од нови конфликти и немири. Меѓуетничките тензии внатре во Македонија, до...

Иднината на државата е во младите луѓе!

Се наоѓаме во период на изборна еуфорија во нашата држава. Секојдневните политички пораки кои политичарите си ги упатуваат меѓусебно, но и до народот нема да најдат простор во оваа колумна. Зошто? Затоа што ние младите луѓе се споменуваме само кога е потребна бројка за да се оствари изборна победа! За проблемите со кои секојдневно се соочуваме, нема слух ниту воља за решавање! Во македонското општество постои погрешна перцепција за политиката и за политичките партии. Не постои општество во светот во кое толку многу политиката е навлезена во него, како ова нашево. На телевизија, на радио, во печатените и во електронските медиуми, насекаде околу нас и секојдневно – наголемо и нашироко се пишува и се зборува за политика. Вистински опиум за народот! Кога во општеството владее атмосфера на сеприсутност на политиката во нашите животи и во нашето (потесно или пошироко) опкружување, невозможно е да се остане без коментар за ставовите на политичарите и да не се вклучи широката н...