Skip to main content

„Учи за да не работиш“ - точно!

Форсирањето за запишување на студенти на техничките факултети, во однос на факултетите за општествени науки, не смее да се сведе само на кампања. Но, и ние кои студираме на факултетите од областа на општествените науки не смееме да бидеме потценети и маргинализирани од страна на државата и нејзините институции!

Правејќи осврт врз трендовите кои постојат последниве неколку години во високото образование во Република Македонија, евидентно е дека младите луѓе се запишуваат на факултет заради следниве причини: 

- надеж дека со диплома за завршено високо образование полесно ќе се најде работа;
- можноста во текот на студиите да се аплицира за заминување во странство и
- одложување на процесот за вработување.

Во минатото на младите луѓе им ја всадувале во глава максимата „учи за да не работиш“. Денес, за жал, оваа максима буквално си го пронашла своето место во општественото живеење. Сведоци сме за илјадници дипломирани млади луѓе кои си го бараат своето место во општеството по напуштањето на универзитетските клупи и амфитеатри. Но, состојбата не е воопшто розова. Чекајќи вработување согласно факултетската диплома тие се принудени да работат буквално било што за да егзистираат. Голем дел од нив никогаш нема да се вработат согласно своето образование и потенцијали. Во 2012 имало за 6 проценти повеќе дипломци за разлика од 2011 година. Секојдневно се среќаваме со луѓе кои ја делат оваа судбина и тоа е голем удар, барем за нас студентите. Тогаш започнуваме самите да си поставуваме илјадници прашања на кои не успеваме секогаш да пронајдеме одговор, но на крај ќе си речеме самите на себе „ајде ќе биде подобро“. И мораме да веруваме во тоа, но и да работиме напорно за да се оствари! Не смееме да се предадеме! Стапката на невработеност во Македонија во првото тримесечје од годинава се намалила и изнесува 29,9 проценти, во споредба со првиот кваратал од минатата година кога изнесувала 30,6 проценти. Светската банка во својот последен извештај наведува дека 53,5 проценти од младите на возраст од 15 до 24 години во Македонија се невработени. Тоа се околу 300.000 млади луѓе! 

Сепак, горенаведените податоци можеби и не се во целост вистинити со оглед на тоа што не е за потценување и бројот на студенти кои во текот на летниот период заминуваат на привремена работа во странство. Дел од студентите низ смеа ќе Ви кажат дека денес матурантите се запишуваат на факултет токму поради оваа можност – да се отпатува во странство. Доколку во странство успеат да пронајдат две работи, ќе можат и нешто да заработат. Во спротивно може само да се заработат пари во ист износ како оној што пред да заминат го плаќаат. Но, ќе Ви речат најважно е искуството што ќе го стекнете и можноста да прошетате.

Не е толку тежок и мачен периодот за време на студирањето, колку што знае да биде процесот на вработување. И на државата ѝ е јасно дека доколку најголем дел од младите се запишуваат на факултет и студираат, на краток (неколкугодишен) период се одложува проблемот со невработеноста. Но, потоа проблемот излегува на виделина. Во нашата земја поразителен е податокот за невработеноста кај младите луѓе. Оваа стапка на невработеност мора да се намали, затоа што младите луѓе се движечката сила на секое општество!

Форсирањето за запишување на студенти на техничките факултети, во однос на факултетите за општествени науки, не смее да се сведе само на кампања. Во голем дел, во време на криза, државата треба да ја има одговорната улога да им помогне на младите луѓе кои дипломирале на факултетите од областа на техничките науки со тоа што ќе го поттикне и подржи отворањето на фирми каде овие млади луѓе би се вработиле. Но, и ние кои студираме на факултетите од областа на општествените науки не смееме да бидеме потценети и маргинализирани од страна на државата и нејзините институции!


Автор: Илија Јованов




Сите права се заштитени. Ниту еден дел од овој текст не смее да биде умножуван, препечатен во механичка, електронска или некоја друга форма, фотокопиран, снимен звучно или на некој друг начин, без претходно писмено одобрување од авторот.
(c) Copyright by Ilija Jovanov 
All rights reserved

Popular posts from this blog

СИНДРОМ „ИГНОРИРАЊЕ НА КВАЛИТЕТОТ“: КОГА ПОСЛУШНОСТА ЌЕ ГО ПРОГОНИ КВАЛИТЕТОТ НА МАРГИНИТЕ

Многу често, врвните и независни научни кадри во државата се соочуваат со затворени врати. Нивната „вина“ е едноставна: немаат партиска позадина, а нивните идеи бараат сериозна работа, а не евтин популизам. Критериумите за вработување овде одамна се мета на потсмев – деградирани од партиски влијанија и фаворизирање на кандидати со партиска книшка, наместо со реален интегритет и капацитет. Човек кој стекнал знаење со чесен труд тешко се вклопува во „пазарниот“ систем на македонското општество, каде партиската книшка тежи повеќе од секоја универзитетска диплома. Тоа што системот не го користи неговиот потенцијал е загуба за државата, а не за поединецот. Кога независните интелектуалци се трудат да го зачуваат својот образ чист, системот гради недоверба кон нив и токму затоа таквите луѓе се оставени на маргините. Кога една држава со години гради систем во кој партискиот послушник вреди повеќе од образованиот интелектуалец, таа свесно ја потпишува сопствената капитулација. Тоа што младите и...

Илија Јованов: Македонија – од заробена држава до хибриден режим

Од оаза на мирот до конфликтно подрачје Република Македонија во 1990-те години на минатиот век беше нарекувана со епитетот „оаза на мирот“, алудирајќи на фактот дека беше единствена република која отцепувањето од поранешна СФРЈ не го означи со крв на нејзина територија, туку со демократски референдум, како највисок стадиум на демократија. Во наредната деценија од осамостојувањето, на наша територија примивме повеќе од двесте илјади бегалци за време на војната на Косово, а во 2001 година се соочивме со вооружен конфликт на сопствена територија. Злосторствата сторени за време на овој конфликт политичарите решија да ги амнестираат, иако меѓународното право пропишува дека воени злосторства не застаруваат. Анализирајќи ги состојбите од историски аспект, ми се чини дека македонските граѓани никогаш не се навикнаа да живеат во состојба на мир и благосостојба, туку во состојба на незавршен мир и константни скриени закани од нови конфликти и немири. Меѓуетничките тензии внатре во Македонија, до...

Златно доба на корупцијата

Кога во 165 година на новата ера, пандемијата на чума потрајала цели 25 години, косејќи дури и по 2000 животи дневно, Марко Аврелиј бил командант на данубијанската област и во тоа својство задолжен да се справува со болеста. Тој бил еден од ретките што во тоа време водел дневник (под наслов „Разговори со самиот себе“). И тој и неговиот дневник останале запаметени во историјата делумно и заради реченицата: „Најстрашната зараза е корупцијата, полошо од која било инфекција, зашто доживотно ги загадува луѓето“. Марко Аврелиј важел за интелектуалец помеѓу римските императори, а до нашиве времиња стигнал и како една од најоспоруваните историски личности во Америка, за време на владеењето на Роналд Реган и неолиберализмот. Неговата сентенца дека „даноците се цена на цивилизацијата“ била оспорувана како да ја кажал некој од тогашните влијателни сенатори, а не државник од пред речиси две илјади години. Разумот боде очи зашто не застарува. А дека Аврелиј не претерувал се потрудил да докаже латин...