Skip to main content

Ако постои проблем, постои и решение!

„Веќе одамна за мене не е важно кој умее да говори во ова општество, не е важно ни со какви зборови ни со каков тон; важно е тоа што знае да направи тој, како го прави тоа и како она што некогаш го направил умее да го одржува, да го усовршува и да го брани.“

Овие зборови запишани од страна на Иво Андриќ, добитник на Нобеловата награда за книжевност во 1961 година, ми паднаа во очи и не ми излегуваат од глава. Неговите зборови се покриени со превез што те тера да го тргнеш, а потоа со отворен ум да ги препрочитуваш повторно и повторно.

Дали овие зборови на големиот Андриќ може да се поврзат и со состојбата во која се наоѓаат студентите како еден дел од нашето општество? Се разбира – да! Со какви зборови и со каков тон студентите зборуваат за проблемите со кои се соочуваат за време на своите студии? Како го прават тоа и како она што некогаш го направиле умеат да го одржуваат, да го усовршуваат и да го бранат? Хмм... Ако си ги поставиме овие прашања и ако бараме одговор за нив, се плашам дека ќе дојдеме до констатација дека ние младите не умееме да говориме. Умееме да бидеме само неми послушници. Послушници на овие или на оние, за ова или за она... 

Велиме дека се соочуваме со проблеми за време на студирањето, но истите не сакаме да ги решиме. Ако сакавме, ќе изнајдевме начин да го сториме тоа. Ќе цитирам една моја професорка која во една прилика ми рече: „Ако имаш проблем, постои и решение за тој проблем. Но, ако не гледаш решение, ти немаш никаков проблем. Запомни, за секој проблем постои и решение.“ Тие нејзини зборови ми одѕвонуваа во мојата глава не само за време на нејзиното предавање, туку и ден денес. Мислам дека никогаш нема да ѝ ги заборавам нејзините зборови кои ме поттикнаа да се трудам да ги решавам, а не да ги избегнувам проблемите со кои се соочувам на било кое поле во животот. 

Со сите текстови кои сум ги напишал до сега се обидувам да дадам поттик кај останатите студенти да не се потценуваат себе си и да не потклекнуваат пред притисоците и уцените, туку да соберат храброст да го посочат проблемот и да се обидат да го решат истиот. Доколку имаме такви студенти, ќе имаме и подобар образоваен систем. Ние сме тие кои лично се соочуваме со проблемите и ги детектираме, а доколку сакаме можеме и да ги решиме и да не дозволиме и другите наши колеги да се соочуват со истите проблеми. Зошто би го строиле тоа? Затоа што „овој свет во кој живееме е создаден така што оној кој се плаши веќе е изгубен.“ Така ќе запише Андриќ. Ете затоа. За да не бидеме изгубени и како поединци и како генерации. 

Ни се случува постојано да ги фалиме условите за школување и за живеење во другите европски земји, а воопшто да не размислиме како би можеле да ги креираме тие услови и кај нас дома. Затоа велат дека лесно е да се критикува, а тешко е да се направи нешто. Од нас зависи дали ќе бидеме критичари или креатори на условите во кои што ќе живееме. 

„Незадоволни со себе и со условите во својата земја, ние често ги фалиме другите земји и народи, и создаваме од нив недостижни идеали. Притоа претеруваме, фалејќи ги повеќе одошто заслужуваат и припишувајќи им својства и обележја кои не ги поседуваат. Така што, сето она што го зборуваме не соодветствува со вистинската слика за дадената земја, ами повеќе е идеалистички приказ за нашата татковина. Приказ на татковина каква што би сакале да ја видиме.“ Ете и овој цитат од Иво Андриќ може да си го пронајде своето место во овој контекст. 

Значи, ако сакаме да ни биде подобро и да ги подобриме условите во кои што студираме и живееме, ние самите мораме да го направиме тоа! Работите нема да се променат преку ноќ, тоа добро сите го знаеме. Токму затоа треба да се потрудиме и да вложиме сили и напори за подобро утре, за подобро обрзование, за подобро општествено живеење.


Автор: Илија Јованов


Сите права се заштитени. Ниту еден дел од овој текст не смее да биде умножуван, препечатен во механичка, електронска или некоја друга форма, фотокопиран, снимен звучно или на некој друг начин, без претходно писмено одобрување од авторот.

(c) Copyright by Ilija Jovanov 
All rights reserved



Popular posts from this blog

Илија Јованов: Македонија – од заробена држава до хибриден режим

Од оаза на мирот до конфликтно подрачје Република Македонија во 1990-те години на минатиот век беше нарекувана со епитетот „оаза на мирот“, алудирајќи на фактот дека беше единствена република која отцепувањето од поранешна СФРЈ не го означи со крв на нејзина територија, туку со демократски референдум, како највисок стадиум на демократија. Во наредната деценија од осамостојувањето, на наша територија примивме повеќе од двесте илјади бегалци за време на војната на Косово, а во 2001 година се соочивме со вооружен конфликт на сопствена територија. Злосторствата сторени за време на овој конфликт политичарите решија да ги амнестираат, иако меѓународното право пропишува дека воени злосторства не застаруваат. Анализирајќи ги состојбите од историски аспект, ми се чини дека македонските граѓани никогаш не се навикнаа да живеат во состојба на мир и благосостојба, туку во состојба на незавршен мир и константни скриени закани од нови конфликти и немири. Меѓуетничките тензии внатре во Македонија, до...

Златно доба на корупцијата

Кога во 165 година на новата ера, пандемијата на чума потрајала цели 25 години, косејќи дури и по 2000 животи дневно, Марко Аврелиј бил командант на данубијанската област и во тоа својство задолжен да се справува со болеста. Тој бил еден од ретките што во тоа време водел дневник (под наслов „Разговори со самиот себе“). И тој и неговиот дневник останале запаметени во историјата делумно и заради реченицата: „Најстрашната зараза е корупцијата, полошо од која било инфекција, зашто доживотно ги загадува луѓето“. Марко Аврелиј важел за интелектуалец помеѓу римските императори, а до нашиве времиња стигнал и како една од најоспоруваните историски личности во Америка, за време на владеењето на Роналд Реган и неолиберализмот. Неговата сентенца дека „даноците се цена на цивилизацијата“ била оспорувана како да ја кажал некој од тогашните влијателни сенатори, а не државник од пред речиси две илјади години. Разумот боде очи зашто не застарува. А дека Аврелиј не претерувал се потрудил да докаже латин...

Харари: Живееме во застрашувачка ера кога цели истории и нации можат да бидат лажирани

Во својата нова книга, „21 лекции за 21 век“, најпродаваниот автор го свртува вниманието кон проблемите со кои се соочуваме денес. Овде, тој тврди дека „лажните вести“ се многу постари од Фејсбук. Деновиве постојано ни се кажува дека живееме во нова и застрашувачка ера на „пост-вистината“, и дека лагите и фикциите се насекаде околу нас. Не е тешко да се најдат примери. Така, кон крајот на февруари 2014 година, руските специјални единици кои немаат обележја на армијата ја нападнаа Украина и окупираа клучни инсталации на Крим. Руската влада и претседателот Владимир Путин лично повеќепати негираа дека станува збор за руски трупи и ги опиша како спонтани „групи за самоодбрана“ кои можеби стекнале опрема од руски изглед од локалните продавници. Бидејќи тие го искажаа ова прилично тврдоглаво тврдење, Путин и неговите помошници добро знаеја дека лажат. Руските националисти можат да ја изразат оваа лага тврдејќи дека тоа служело за поголема вистина. Русија се занимаваше со праведна војна и...