Skip to main content

Важноста на студентското организирање

Според одредени истражувања што се извршени во однос на студентското организирање во нашата држава, еклатантен е податокот дека повеќе од 80% од студентите не се членови на ниту една студентска организација. Оваа состојба мора да се промени и мора да се изнајдат начини како студентите да се вклучат во студентските организации, кои сепак (треба да) постојат за да ги штитат нашите права и интереси. За да може да се промени состојбата, мора да видиме кои се главните причини поради кои младите луѓе не се вклучуваат во овие организации. Во прв ред, јас овде би ги сместил неинформираноста за постоењето, плановите и целите на студентските организации, потоа незапознаеноста со нивните активности, како и начинот за вклучување во истите.

Сѐ додека водечки принцип во животот на младите луѓе е конформизмот, а мисла водилка е “наведната глава сабја не ја сече“ – ние нема да можеме да зборуваме за младите како за движечка сила во општеството. Неорганизираноста и апатичноста кај нашите студенти е видно забележлива. Но, со овие карактеристики кај нас младите луѓе, работите во високообразовните установи, но и во општеството во целост, нема да се променат. Нам ни е потребно сиот тој младешки ентузијазам, полетност, енергија и идеи да се насочат во правилна насока. Во насока за подобрување на условите за студирање, во насока за подобрување на студентскиот стандард, во насока на изградба на современи методи за настава и интерактивност на предавањата, во насока на организирање на практична настава и обуки, во насока за изградба на систем кој ќе овозможи платена работа за студентите во нивното слободно време. Можностите се неограничени. Сѐ зависи од нашите идеи и од нашиот труд! Треба само да се поттикне креативноста и активизмот кај младите. 

Самото членство во студентските организации им помага на студентите во развивањето на критичкото размислување за процесите кои што се случуваат во високообразовните институции, или во поширока рамка за самите општествени процеси. Во зависност од интересот, студентите кои се инволвирани во студентските организации ја имаат можноста да учествуваат во спроведувањето на активности кои ќе им помогнат да ги развијат личните способности и вештини, како и да стекнат искуство кое после завршувањето на високото образование ќе им помогне во самиот процес на вработување. Моја желба, но и планирана активност од планот и програмата за работа на Студентскиот Парламент при Првиот приватен Универзитет – ФОН – Скопје (СПФОН) е во иднина, студентите активно да учествуваат во сите општествени процеси и во донесувањето одлуки. Односно, гласот на студентите да биде слушнат во општеството, а Студентскиот парламент да биде местото од каде што ќе бидат упатени тие пораки. 

Студентскиот парламент мора секогаш да ги претставува и застапува интересите, барањата и предлозите на сите студенти од институцијата на која тие ѝ припаѓаат и тоа пред органите на факултетот, Универзитетот, другите академски институции, органите на државната власт, јавноста и јавното мислење, како и пред меѓународните организации и институции. Визијата на нашите студентските парламенти мора да биде насочена кон приклучување на македонските студенти кон европските високообразовни текови и активности. Ова подразбира ориентираност на структурата и работата на факултетите и Универзитетите кон потребите на студентот и негова лична образовна надоградба. 

Во рамките на активностите кои ќе ги остварува Студентскиот парламент, секогаш мора да се води сметка за активното учеството на студентите во креирањето на високообразовната политика, за подигнување и одржување на високо ниво на квалитетот на наставата, за подобрување на студентскиот стандард, за развивање и задоволување на културните и спортските потреби на студентите, за информираност на студентите за тековните и идните активности на самата високообразовна установа, како и за меѓусебна соработка помеѓу сите студентски парламенти. 

Да ја оставиме политиката и партиските игри настрана и сите ние да застанеме заедно за нашите права, интереси и потреби - здружени во студентските парламенти! Да ги претвориме студентските парламенти во вистински храмови на демократија, заедништво и визија за подобро општество!

Само доколку ги реализираме овие цели ќе можеме да ја промениме состојбата која што е забележителна денес. Младите луѓе треба да се вклучат во студентските организации, бидејќи само на тој начин ќе можеме да застанеме заедно за остварување на нашите права како студенти! 

Автор: Илија Јованов



Сите права се заштитени. Ниту еден дел од овој текст не смее да биде умножуван, препечатен во механичка, електронска или некоја друга форма, фотокопиран, снимен звучно или на некој друг начин, без претходно писмено одобрување од авторот.
(c) Copyright by Ilija Jovanov 
All rights reserved

Comments

Popular posts from this blog

Мојата генерација

Мојата генерација е генерацијата која се роди во годината во која се „роди“ и  самостојна, независна и суверена Република Македонија. Мојата генерација е генерацијата која детството го помина во периодот на транзицијата. Ова е генерацијата која се роди за време на воспоставувањето и градењето на еден комплетно нов систем. Ова е и генерацијата која живее во време на експанзија на информатичката технологијата. „Не седи на земја, ладно е!“. Колку и да Ви звучи смешно, ова беше опомената што нашите мајки и баби секојдневно нѝ ја кажува, додека по цел ден бевме на улица, игравме безгрижно и се дружевме меѓусебно. Денес ова остана само како добар спомен и сеќавање од нашето детство. И на човек му доаѓа да заплаче кога знае дека тие моменти нема никогаш повеќе да се повторат. Мојата генерација беше генерацијата која имаше безгрижно детство. Мојата генерација беше генерацијата која после наставата на училиште се враќаше дома а потоа продолжуваше со топка на улица. Мојата генерација б...

Илија Јованов: Македонија – од заробена држава до хибриден режим

Од оаза на мирот до конфликтно подрачје Република Македонија во 1990-те години на минатиот век беше нарекувана со епитетот „оаза на мирот“, алудирајќи на фактот дека беше единствена република која отцепувањето од поранешна СФРЈ не го означи со крв на нејзина територија, туку со демократски референдум, како највисок стадиум на демократија. Во наредната деценија од осамостојувањето, на наша територија примивме повеќе од двесте илјади бегалци за време на војната на Косово, а во 2001 година се соочивме со вооружен конфликт на сопствена територија. Злосторствата сторени за време на овој конфликт политичарите решија да ги амнестираат, иако меѓународното право пропишува дека воени злосторства не застаруваат. Анализирајќи ги состојбите од историски аспект, ми се чини дека македонските граѓани никогаш не се навикнаа да живеат во состојба на мир и благосостојба, туку во состојба на незавршен мир и константни скриени закани од нови конфликти и немири. Меѓуетничките тензии внатре во Македонија, до...

Иднината на државата е во младите луѓе!

Се наоѓаме во период на изборна еуфорија во нашата држава. Секојдневните политички пораки кои политичарите си ги упатуваат меѓусебно, но и до народот нема да најдат простор во оваа колумна. Зошто? Затоа што ние младите луѓе се споменуваме само кога е потребна бројка за да се оствари изборна победа! За проблемите со кои секојдневно се соочуваме, нема слух ниту воља за решавање! Во македонското општество постои погрешна перцепција за политиката и за политичките партии. Не постои општество во светот во кое толку многу политиката е навлезена во него, како ова нашево. На телевизија, на радио, во печатените и во електронските медиуми, насекаде околу нас и секојдневно – наголемо и нашироко се пишува и се зборува за политика. Вистински опиум за народот! Кога во општеството владее атмосфера на сеприсутност на политиката во нашите животи и во нашето (потесно или пошироко) опкружување, невозможно е да се остане без коментар за ставовите на политичарите и да не се вклучи широката н...