Skip to main content

Првиот од предизвиците на нашето време е односот меѓу националната самосвест и т.н. граѓански принцип


Господине Претседателе,
Господине Ректоре,
Госпоѓи и господа,


Ми причинува искрено задоволство да говорам во овој стар и угледен универзитет, кој со години беше средишна точка на литванското образование и духовен центар на долготрајното настојување на Вашата нација да го култивира својот идентитет и да го изрази во независна државност што служи како чувар на сите добри литвански традиции. Универзитетот во Вилнус беше традиционален посредник на сознајните врски меѓу литванската и чешката култура, зацврстувајќи ги и добрите односи меѓу нашите два народа.

Пропаста на комунизмот, падот на Железната завеса, распаѓањето на Советскиот сојуз и крајот на двополната поделба на светот, сите тие настани се од епохално значење, предизвикаа кај нашите два народа слични искуства: се соочивме со еднозначни политички задачи.

Претходните околности во нашиот дел од светот би можеле добро да се споредат со превез од густа, непробојна и тешка магла што виси над сиот наш живот. Сега станува видливо дека оние кои никогаш не го испробале тој превез малку знаат за она што било скриено во таа магла и зад неа.

Наеднаш, со неверојатна брзина, маглата за која мислевме дека е нешто крајно непроменливо – се растури. Наеднаш видовме еден прекрасно обоен пејзаж што дотогаш остануваше невиден. Наеднаш видовме множество и разнообразност на различни народи што дотогаш живееле под облакот на униформноста на црвените ѕвезди и секретаријати на комунистичката партија, наеднаш можевме да ги забележиме различностите и афинитетите меѓу нашите култури, сложеноста на нашата историја како и големината на штетата што тоталитарните режими му ја нанеле на народот што го раководеле.

Се наложи итна потреба да се изгради цел нов свет, а тоа, на некој начин се покажа потешко од старото опстојување во магла. Стана јасно дека ќе биде исклучително тешко да се најдат ефикасни лекови.

Често слушаме дека ниту Запад, ниту Исток не беа подготвени за падот на комунизмот… Наспроти дезинтеграцијата на бивша Југославија, Запад беше целосно во загуба, покажувајќи се неспособен да ги разбере дури и нејзините причини: повторно како и порано тој се најде неподготвен за она што таму доцна се случи, останувајќи за долго време само немоќен набљудувач.


Бидејќи сега сум во земја што мораше да се бори почесто од многу други за признавањето на својот национален идентитет и културна автономија, првиот од предизвиците на нашето време со кој сакам да се позанимавам овде е односот меѓу националната самосвест и т.н. граѓански принцип.

Идентитетот на човекот што денес живее во демократско општество се темели врз многу различни типови средини од кои што тој потекнува и врз многубројните врски што го поврзуваат опкружувањето. Себеси се гледаме како дел од нашето семејство, заедница или регион, од некое духовно или социјално опкружување во кое сме се родиле или избрале.

Можеме да бидеме приврзани на група луѓе, чии убедувања се слични на нашите, како што е политичката партија или црквата, имаме чувство на припадност на некоја професија или смисла на солидарност со нашите колеги на работа. Меѓу сите врски што го сочинуваат нашиот идентитет, приврзаноста на нашата нација, со сите нејзини традиции, култура и јазик на кој мисли, видливо игра улога од големо значење. Денес проблемот е да се најде нова рамнотежа меѓу сите тие врски. Ова е првиот голем предизвик поставен пред нас.

Станува јасно дека има опасности некоја од тие врски да се подигне на повисоко ниво од останатите и да се сфати како основа на сѐ друго. Кога тоа се случува, припадноста на некоја група започнува да се третира како да е поважна и од самата личност на човекот, што наводно автоматски не чини поарни од другите и што ни дава право да се определиме наспроти другите, односно да ги третираме другите како помалку вредни.

Веќе знаеме какви ужаси се случуваат кога социјалните или класни врски, а евентуално и идеолошките и политичките на тој начин ќе се постават над сето останато: резултатот беше во концептот на диктатурата на пролетаријатот и пошироко во диктатурата на партијата или поарно – на партиското водство. Подигнувањето на нечија националност над сѐ друго е исто толку опасно – токму овде ги наоѓаме почетоците на национализмот и на сите конфликти и свирепости предизвикани од неговите екстремни форми.

Постои ми се чини, само еден принцип кој може да создаде соодветни услови за урамнотежено изразување на човековиот идентитет во сите негови аспекти и димензии – граѓанскиот принцип, онаков каков што постепено се развил во демократскиот свет, насочен кон граѓанското општество.

Меѓутоа, тоа е можно само во опкружување што вклучува определен збир на универзално обврзани правила на коегзистенција, а тоа е – во правна држава, заснована врз почитување на човековите права во сета нивна разнообразност, јасно дефинирани, што се неопходни за да се спречат злоупотребите што ги газат правата на другите.

Не е доволно овој концепт да се сведе на законите. Тој мора да се потпре на заедничка волја да се почитуваат законите, волја што израснува од граѓанска култура, втемелена во универзално прифатениот морален поредок. Верувам оти појаснив дека не гледам противречност меѓу нашето припаѓање на нашата нација и нејзиниот идентитет од една страна и граѓанскиот принцип од друга.

Изградбата на автентично граѓанско општество со штотуку опишаните белези ми се чини уште потешко. Тоа е нешто токму како сопственото само-разбирање на човештвото во овој свет, што вклучува обнова на вредностите какви што се смислата за граѓанска одговорност и граѓанска гордост, почит кон другите и кон поредокот на коегзистенција.

Всушност, изградбата на граѓанското општество значи обнова по природен пат на човековата и општествена свест – процес што првиот чехословачки претседател Т.Г. Масарик, го нарече „револуција во главите и во срцата“. Да се постигне ова, секако, е многу потешко отколку, на пример, да се изведе приватизацијата.

Поради тоа, дури и пазарната економија сама не може да функционира правилно ако и недостасуваат јасни и општо почитувани правила. Нацртите на економистите и правниците, самите не се доволни да обезбедат дека усвоените правила навистина ќе се признаваат. Целото почитување на тие правила може да се негува само со долготрајно и систематско култивирање на општествената клима во која тоа успева. А, тоа пак изискува многу работа во полето на мислата…


Acceptance of honorary doctorate from Vilnius University, Vilnius, Lithuania, 10 May 1996

Извор: Димитар Мирчев, (1998). Политичките говори на современието – избор. Мисла А.Д. – Скопје.


Popular posts from this blog

Мојата генерација

Мојата генерација е генерацијата која се роди во годината во која се „роди“ и  самостојна, независна и суверена Република Македонија. Мојата генерација е генерацијата која детството го помина во периодот на транзицијата. Ова е генерацијата која се роди за време на воспоставувањето и градењето на еден комплетно нов систем. Ова е и генерацијата која живее во време на експанзија на информатичката технологијата. „Не седи на земја, ладно е!“. Колку и да Ви звучи смешно, ова беше опомената што нашите мајки и баби секојдневно нѝ ја кажува, додека по цел ден бевме на улица, игравме безгрижно и се дружевме меѓусебно. Денес ова остана само како добар спомен и сеќавање од нашето детство. И на човек му доаѓа да заплаче кога знае дека тие моменти нема никогаш повеќе да се повторат. Мојата генерација беше генерацијата која имаше безгрижно детство. Мојата генерација беше генерацијата која после наставата на училиште се враќаше дома а потоа продолжуваше со топка на улица. Мојата генерација б...

Илија Јованов: Македонија – од заробена држава до хибриден режим

Од оаза на мирот до конфликтно подрачје Република Македонија во 1990-те години на минатиот век беше нарекувана со епитетот „оаза на мирот“, алудирајќи на фактот дека беше единствена република која отцепувањето од поранешна СФРЈ не го означи со крв на нејзина територија, туку со демократски референдум, како највисок стадиум на демократија. Во наредната деценија од осамостојувањето, на наша територија примивме повеќе од двесте илјади бегалци за време на војната на Косово, а во 2001 година се соочивме со вооружен конфликт на сопствена територија. Злосторствата сторени за време на овој конфликт политичарите решија да ги амнестираат, иако меѓународното право пропишува дека воени злосторства не застаруваат. Анализирајќи ги состојбите од историски аспект, ми се чини дека македонските граѓани никогаш не се навикнаа да живеат во состојба на мир и благосостојба, туку во состојба на незавршен мир и константни скриени закани од нови конфликти и немири. Меѓуетничките тензии внатре во Македонија, до...

Иднината на државата е во младите луѓе!

Се наоѓаме во период на изборна еуфорија во нашата држава. Секојдневните политички пораки кои политичарите си ги упатуваат меѓусебно, но и до народот нема да најдат простор во оваа колумна. Зошто? Затоа што ние младите луѓе се споменуваме само кога е потребна бројка за да се оствари изборна победа! За проблемите со кои секојдневно се соочуваме, нема слух ниту воља за решавање! Во македонското општество постои погрешна перцепција за политиката и за политичките партии. Не постои општество во светот во кое толку многу политиката е навлезена во него, како ова нашево. На телевизија, на радио, во печатените и во електронските медиуми, насекаде околу нас и секојдневно – наголемо и нашироко се пишува и се зборува за политика. Вистински опиум за народот! Кога во општеството владее атмосфера на сеприсутност на политиката во нашите животи и во нашето (потесно или пошироко) опкружување, невозможно е да се остане без коментар за ставовите на политичарите и да не се вклучи широката н...