Skip to main content

Јувал Ноа Харари: Светот по коронавирусот

Човештвото сега се соочува со глобална криза. Можеби најголемата криза на нашата генерација. Одлуките што луѓето и владите ќе ги донесат во следните неколку недели веројатно ќе го обликуваат светот за годините што следат. Тие ќе ги обликуваат не само нашите здравствени системи, туку и нашата економија, политика и култура. Ние мора да дејствуваме брзо и одлучно. Исто така, треба да ги земеме предвид долгорочните последици од нашите постапки. Кога избираме помеѓу алтернативите, треба да се запрашаме себеси не само како да ја надминеме непосредната закана, туку и во каков свет ќе живееме откако ќе помине невремето. Да, бурата ќе помине, човештвото ќе преживее, повеќето од нас сè уште ќе бидат живи - но ние ќе живееме во поинаков свет.
Многу краткорочни мерки за итни случаи ќе станат темел на животот. Тоа е природата на итните случаи. Тие ги забрзуваат историските процеси. Одлуките кои во нормални времиња би можеле да земат години на размислување, се донесуваат за неколку часа. Незрелите, па дури и опасните технологии се притиснати во служба, затоа што ризиците да не се стори ништо се поголеми. Цели држави служат како заморчиња во големи социјални експерименти. Што се случува кога сите работат од дома и комуницираат само на далечина? Што се случува кога цели училишта и универзитети одат онлајн? Во нормални времиња, владите, бизнисите и образовните одбори никогаш не би се согласиле да спроведат вакви експерименти. Но, овие не се нормални времиња.
Во ова време на криза, се соочуваме со два особено важни избори. Првиот е помеѓу тоталитарен надзор и јакнење на граѓанството. Вториот е меѓу националистичката изолација и глобалната солидарност.
Со цел да се сопре епидемијата, цели популации треба да се придржуваат на одредени насоки. Има два начина да се постигне тоа. Еден метод е владата да ги следи луѓето и да ги казнува оние кои ги прекршуваат правилата. Денес, прв пат во човечката историја, технолгоијата овозможува да се следи секој, цело време. Пред педесет години, КГБ не можеше да следи 240 милиони советски граѓани, 24 часа дневно, ниту пак можеше ефикасно да ги процесира сите собрани информаци. КГБ се потпираше на човечки агенти и аналитичари, и не можеше да има толку „следачи“ за сите. Но сега владите можат да се потпрат на сензори и моќни алгоритни наместо на морничави типови од крв и месо.
Среде борбата против епидемијата неколку влади веќе имаат употребено нови средства за надзор. Најзабележителен пример е Кина. Преку детално мониторирање на телефоните на луѓето, тие искористија стотици милиони камери за препознавање на ликови, ги обврзаа да ја проверуваат својата телесна темепратура и медицинска состојба и да известуваат за неа, со што не само што можеа бргу да ги идентификуваат сомнителните носители на корона, туку и да ги следат нивните движења и да го идентификуваат секој оној кој дошол во контакт со нив. Неколку мобилни апликации ги предупредуваа граѓаните дали во нивна близина има инфицирани пациенти.
Но оваа технологија не е ограничена на источна Азија. Премиерот на Израел, Бенџамин Нетанјаху, неодамна ја авторизираше разузнавачката служба на оваа земја да употреби технологија за надзор вообичаено резервирана за борба против тероризам. Кога релевантниот парламентарен подкомитет одби да ја изгласа мерката, Нетанјаху ја протна како „итен декрет“.
Она што изгледаше како научна фантастика во врска со технологијата на надзор пред 10 години, сега е стара вест. Како мисловен експеримент, замислете хипотетична влада која бара секој граѓанин да носи биометричка алка која му ја следи телесната температура и срцевата работа 24 часа дневно. Податоците се складираат и анализираат од владини алгоритми. Алгоритмите ќе знаат дека сте болен дури и пред вие да го знате тоа, и исто така ќе знаат каде сте биле и со кого сте се сретнале. Синџирите на инфекција можат драстично да се скратат, па дури и да се сузбијат. Ваквиот систем веројатно би ја сопрел епидемијата за само неколку денови. Звучи прекрасно, нели?
Но лошата страна, секако, е дека ова би му дало легитимитет на ужасен нов систем на надзор. Ако знаете на пример дека сум кликнал на линк на Фокс њуз наместо на Си-ен-ен, тоа може да ви каже нешто за моите политички гледишта и за мојата личност. Но, ако можете да следите што ми се случува во телото (температура, крвен притисок и срцево биење) додека гледам некое видео, можете да научите што прави да се смеам, што прави да палашам, и што навистина ме прави гневен.
Суштинско е да се запамети дека лутината, радоста, досадата и љубовта се биолошки феномени, исто како и треската и кашлицата. Истата технологија која го идентификува кашлањето го идентификува смеењето. Ако корпорациите и владите почнат да ги „жнеат“ нашите биометриски податоци, тие можат да нè запознаат многу подобро отколку што се познаваме себеси, и можат не само да ги предвидат нашите чувства но истовремено да ги манипулираат и да ни продаваат сѐ што сакаат - без оглед дали е тоа производ или политичар. Во споредба со биометричкиот надзор, хакирањето на податоците на Кембриџ аналитика изгледа како нешто од камено доба. Замислете ја Северна Кореа во 2030, кога секој граѓанин мора да носи биометричка алка 24 часа дневно. Ако го слушаш говорот на Големиот лидер и алката регистрира знаци на лутина, готов си.
Секако, може да се зборува за биометрискиот надзор како за привремена мерка која се презема во вонредна состојба. Тој би престанал кога кризата ќе заврши. Но привремените мерки имаат лоша навика да траат и после вонредните ситуации, особено затоа што секогаш има некоја нова итна ситуација на хоризонтот. Мојата татковина Израел, на пример, објави вонредна состојба во текот на својата војна за независност од 1948, која оправда голем опсег привремени мерки, како цензура на медиумите и конфискација на имот, до специјални правила за правење пудинг (не се зезам). Војната за независност одамна е добиена, но Израел никогаш не прогласи крај на вонредната состојба, и не укина голем број „привремени“ мерки од 1948 (ова со пудингот за среќа беше поништено во 2011).
Дури и кога инфекциите од корона ќе бидат на нула, некои влади гладни за податоци можат да речат дека треба да ги одржуваат биометриските надзорни системи поради страв од втор бран, или затоа што има некој нов ебола вирус во централна Африка, или затоа што...сфаќате на што мислам. Изминативе години се водеше голема битка за нашата приватност. Кризата со коронавирусот би можела да биде точка на прекршување. Затоа што кога на луѓето им се дава избор помеѓу приватност и здравје, тие најчесто го бираат здравјето.
Но, токму ова е и проблемот, затоа што тоа е лажен избор. Можеме да уживаме и во приватност и во здравје. Можеме да избереме да го заштитиме нашето здравје и да ја сопреме епидемијата не преку воспоставување тоталитарни режими на надзор, туку преку тоа што ќе им дадеме моќ на граѓаните. Во претходните недели некои од најуспешните напори за сузбивање на епидемијата беа вложени од страна на Јужна Кореа, Тајван и Сингапур. Иако и тие користеа апликации за следење, многу повеќе се потпираа на екстензивното тестирање и на чесното известување, како и на доброволната соработка на добро информираната јавност.
Централизираното следење и тешките казни не се единствениот начин за луѓето да се придржуваат на правилата. Кога ним им се кажуваат научни факти, и кога луѓето им веруваат на експертите кои им ги кажуваат овие факти, граѓаните можат да донесат правилна одлука дури и без Големиот брат да им дише во врат. Самомотивираната и добро информираната популација најчесто е многу помоќна и ефикасна отколу контролираната, неинформирана популација.
Но, за да обезбедите вакво ниво на придружување до правилата и соработка, луѓето треба да имаат доверба. Да веруваат на науката, на јавните експерти, на медиумите. Изминатите неколку години неодговорни политичари намерно ја сузбиваа довербата во науката, во експертите и во медиумите. Сега истите тие неодговорни политичари можат да бидат во искушение да го фатат патот на авторитарноста, велејќи дека не може да ѝ се верува на јавноста дека ќе ја донесе правилната одлука.
Вообичаено, доверба која била нагризувана со години не може да се воспостави преку ноќ. Но ова не се нормални времиња. Во момент на криза, мислењата можат бргу да се променат. Може да имаш големи недоразбирања со семејството кои траат со години, но кога ќе се случи нешто неочекувано, одеднаш откриваш скриен резервоар на доверба и блискост, и секој се обидува да помогне. Наместо градење на режим на надзор, не е доцна повторно да се изгради довербата на луѓето во науката, експертите и медиумите. Дефинитивно треба да ги користиме и новите технологии, но тие треба да им се дадат на граѓаните. Се согласувам да ја следам мојата телесна температура и крвен притисок, но тие податоци не треба да се користат за создавање на семоќна влада. Наместо тоа, податоците треба да ми овозможат да направам подобри лични избори, и да барам одговорност од властите за нивните одлуки.
Оттаму, епидемијата на коронавирусот е голем тест на граѓанство. Во следните денови, секој до нас би требало да одбере да им верува на научните податоци и на здравствените експерти, а не на неосновани теории на заговор и на самодоволните политичари. Доколку не успееме да го направиме вистинскиот избор, можеби ќе мораме да се откажеме од своите најскапоцени слободи, сметајќи дека тоа е единствениот начин за заштита на нашето здравје.
Потребен ни е глобален план
Вториот важен избор со кој се соочуваме е меѓу националистичката изолација и глобалната солидарност. И самата епидемија и како резултат на тоа економската криза се глобални проблеми. Тие можат да бидат решени ефикасно само со глобална соработка.
Прво и најважно, за да го победиме вирусот, треба да споделуваме информации на глобално ниво. Тоа е голема предност на луѓето над вирусите. Коронавирусот во Кина и коронавирусот во САД не можат да разменуваат совети како да ги заразат луѓето. Но, Кина може да ги научи САД многу вредни лекции за коронавирусот и како да се справат со истиот. Она што италијански лекар го открива во Милано во раните утрински часови, може да спаси животи во Техеран до вечер. Кога владата на Велика Британија се двоуми меѓу неколку политики, може да добие совет од Корејците кои веќе се соочија со слична дилема пред еден месец. Но, за тоа да се случи, потребен ни е дух на глобална соработка и доверба.
Земјите треба да бидат подготвени да споделуваат информации отворено и смирено да бараат совети и треба да можат да им веруваат на податоците и на увидите кои ги добиваат. Исто така, ни треба глобален напор за производство и дистрибуција на медицинска опрема, особено комплети за тестирање и машини за дишење. Наместо секоја земја да се обиде да го стори локално и да собере каква и да е опрема што може да ја добие, координираниот глобален напор може во голема мерка да го забрза производството и да осигура дека опремата за заштита на животот се дистрибуира поправедно. Исто како што државите ги национализираат клучните индустрии за време на војната, човечката војна против коронавирусот може да бара од нас да ги „хуманизираме“ клучните производствени линии. Богата земја со неколку случаи на коронавирус треба да биде подготвена да испрати драгоцена опрема во посиромашна земја со многу случаи, верувајќи дека ако и кога последователно е потребна помош, други земји ќе помогнат.
Можеби ќе сметаме за сличен глобален напор за здружување на медицинскиот персонал. Земјите кои во моментов се помалку погодени би можеле да испратат медицински персонал во регионите со најтешко погодени во светот, како за да им помогнат во нивниот час на потреба, така и за да стекнат вредно искуство. Ако подоцна во фокусот на епидемијата се менува, помошта би можела да започне да тече во спротивна насока.
Глобалната соработка е витално потребна и на економскиот фронт. Со оглед на глобалната природа на економијата и на синџирите на снабдување, доколку секоја влада направи свои работи во целост непочитување на другите, резултатот ќе биде хаос и продлабочена криза. Ни треба глобален план за акција, и ни треба брзо.
Друг услов е постигнување глобален договор за патување. Прекинувањето на целото меѓународно патување со месеци ќе предизвика огромни тешкотии и ќе ја отежне војната против коронавирусот. Земјите треба да соработуваат со цел да овозможат барем мала група на есенцијални патници да продолжат да ги преминуваат границите: научници, доктори, новинари, политичари, бизнисмени. Ова може да се стори со постигнување на глобален договор за пред-скрининг на патниците од нивната матична земја. Ако знаете дека само патниците што биле внимателно проверувани им биле дозволен влез во авионот, вие би биле повеќе подготвени да ги прифатите во вашата земја.
За жал, во моментов земјите тешко прават нешто од овие работи. Колективната парализа ја зафати меѓународната заедница. Се чини дека нема возрасни во собата. Се очекуваше да се види веќе пред неколку недели на итен состанок на глобалните лидери за да се дојде до заеднички план за акција. Лидерите на Г7 успеаја да организираат видео конференција само оваа недела, и тоа не резултираше во некаков ваков план.
Во претходните глобални кризи - како што е финансиската криза во 2008 година и епидемијата од ебола во 2014 година, САД ја презедоа улогата на глобален лидер. Но, сегашната администрација на САД ја абдицираше работата на лидер. Јасно кажа дека се грижи за големината на Америка далеку повеќе отколку за иднината на човештвото.
Оваа администрација ги напушти дури и најблиските сојузници. Кога ги забрани сите патувања од ЕУ, не се помачи да и даде на ЕУ колку што е претходната најава - а камоли да се консултира со ЕУ за таа драстична мерка. Ја скандализираше Германија со тоа што наводно и понудила 1 милијарда американски долари на германска фармацевтска компанија да купи монополски права на новата вакцина против „Ковид-19“. Дури и ако сегашната администрација на крајот ја смени тактика и излезе со глобален план за акција, малкумина би го следеле лидерот кој никогаш не презема одговорност, кој никогаш не признава грешки и кој рутински го зема целиот кредит за себе додека ја остава целата вина на другите.
Ако празнината што ја оставаат САД не ја пополнат другите земји, не само што ќе биде многу потешко да се запре сегашната епидемија, туку нејзиното наследство ќе продолжи да ги труе меѓународните односи за наредните години. Сепак, секоја криза е исто така и можност. Мора да се надеваме дека сегашната епидемија ќе му помогне на човештвото да ја реализира акутната опасност што ја предизвикува глобалното неединство.
Човештвото треба да направи избор. Дали ќе патуваме по патот на неединство или ќе го прифатиме патот на глобалната солидарност? Ако избереме неединство, ова не само што ќе ја продолжи кризата, туку веројатно ќе резултира со уште полоши катастрофи во иднина. Ако избереме глобална солидарност, тоа ќе биде победа не само против коронавирусот, туку и против сите идни епидемии и кризи што можат да го нападнат човештвото во 21 век.

Извор: Financial Times и msn.com

Подготвил: м-р Илија Јованов



Popular posts from this blog

Мојата генерација

Мојата генерација е генерацијата која се роди во годината во која се „роди“ и  самостојна, независна и суверена Република Македонија. Мојата генерација е генерацијата која детството го помина во периодот на транзицијата. Ова е генерацијата која се роди за време на воспоставувањето и градењето на еден комплетно нов систем. Ова е и генерацијата која живее во време на експанзија на информатичката технологијата. „Не седи на земја, ладно е!“. Колку и да Ви звучи смешно, ова беше опомената што нашите мајки и баби секојдневно нѝ ја кажува, додека по цел ден бевме на улица, игравме безгрижно и се дружевме меѓусебно. Денес ова остана само како добар спомен и сеќавање од нашето детство. И на човек му доаѓа да заплаче кога знае дека тие моменти нема никогаш повеќе да се повторат. Мојата генерација беше генерацијата која имаше безгрижно детство. Мојата генерација беше генерацијата која после наставата на училиште се враќаше дома а потоа продолжуваше со топка на улица. Мојата генерација беше

Како со позитивни мисли да ги зголемите шансите за среќа и напредок во животот?

„Тажните времиња н è  подобруваат и н è  водат кон доброто, додека добрите времиња ни го покажуваат изобилството од можности и ни ги нудат благодетите што треба да ги цениме. Исто така, сфатив дека ништо што е премногу добро или премногу лошо не трае долго.“ ~ Робин Шарма Овој текст го започнав со цитат од еден од денешните најпопуларни автори и мотивациони говорници Робин Шарма. Овој цитат можете да го препрочитате неколку пати и секогаш ќе ја согледувате неговата длабочина.  Според мене, не постои само среќно време, ниту, пак, само тажно време. Работите не се само црни, ниту само бели. Според Сведен Бринкман, професор по психологија на Универзитетот „Аалборг“:  „Одвреме-навреме животот е прекрасен, но исто така е и трагичен. Луѓето умираат во нашите животи, ги губиме, а ако ни е дозволено да имаме само позитивни мисли, тогаш оваа реалност ќе нè погоди уште посилно. Нема ништо лошо во тоа ако некој е природен оптимист или ужива во книгите за самопомош.“ Секој од нас с

Мирослав Крлежа: За човечката глупост

Мирослав Крлежа бил еден од највлијателните југословенски интелектуалци. Тој е хрватски писател кој со својата проникливост и интересен начин на опишување, многу лесно и интересно опишува општествени појави. Во својот есеј „За човечката глупост“ тој дава одлично и остроумно излагање на она што тој го смета за човечка глупост. На моменти длабоко и филозофски, на моменти духовито и шеговито, тој ја анализира човечката глупост која може да се појави во различни форми и текстот е толку добар, што ве уверувам дека ќе добиете чувство дека голем дел од споредбите и описите се напишани вчера. Со оглед на тоа дека се работи за подолг текст, решив да го поделам во два дела и да го објавам во период од два дена. Во продолжение уживајте во овој текст исто онолку колку што и јас уживав додека го преведував. Навечер, во интимен, полугласен разговор со самиот себеси, никако не можам всушност логички да го оправдам тоа што во последно време толку се вознемирувам заради глупостите на луѓето. Кога т