Skip to main content

Харари: Оваа епидемија може да даде оправдание за забрзан развој на тоталитарните режими

За ситуацијата со коронавирусот Кристијана Амампур за Си-Ен-Ен разговараше со Јувал Харари, еден од најпознатите светски писатели кој се занимава со историјата на човештвото.

„Глобална епидемија како оваа не сме виделе последниве 100 години. Никој нема искуство за ова што сега го гледаме, а тоа е причината што е толку застрашувачко и вознемирувачко. Но, ако ја погледнеме пошироката историска перспектива, човештвото и порано се среќавало со такви епидемии, но сега сме во подобра ситуација да се носиме со епидемијата благодарение на модерната медицина“, вели Харари, одговарајќи на прашањето за слични епидемии во историјата на човештвото.


„Кога во 14-от век избила епидемија на црна чума се раширила од Кина до Велика Британија во рок од 10 години, предизвикувајќи смрт на четвртина до половина на популацијата на Азија и Европа. Никој не знаел што се случува, што е причина за болеста и како да се справи со неа. Сега научниците и лекарите, за само две недели, успееја не само да го идентификуваат вирусот кој е причина за оваа епидемија, туку да го откријат целиот негов геном и да направат тестови кои барем можат да ни покажат кој го има, а кој го нема. Сè уште ни треба време да го надминеме ова, но сега сме во многу подобра позиција.

Со оглед на тоа дека за само неколку месеци епидемијата на корона вирусот се прошири од Азија преку Европа до Америка, што вас како обичен граѓанин најмногу ве плаши и што најмногу посакувате да се случи за да се сопре епидемијата, праша Амампур.

„Најлошата работа е неединството во светот, недостатокот на соработка и координација меѓу државите, недостигот на доверба помеѓу државите, населението и владите. Тоа е резултат на епидемијата на лажни вести во изминатите години и влошувањето на меѓународните односи.

Ако ја споредиме оваа ситуација со финансиската криза од 2008 година, тогаш имавме одговорни возрасни луѓе во светот кои го презедоа лидерството и зад себе ги собраа другите држави, спречувајќи да се случи најлошото сценарио“, вели Харари.

„Во последните четири години видовме пораст на недоверба кон државите кои нè предводеа во 2008 и во 2014 година во текот на епидемијата на ебола, а тоа е Америка, која сега не презема каква било лидерска позиција. Од 2016 година американската администрација јасно покажа дека даде оставка од својата позиција на светски водач, дека нема пријатели во светот, туку дека има само интереси. Дури и кога би се обидела да го преземе водството, никој не би одел со водач чиешто мото е ‘Јас на прво место’.“

„Она што ме плаши е недостатокот на лидерство и соработка“, вели Харари.

„Луѓето треба да сфатат дека ширењето на епидемијата во која било земја е закана за целиот свет заради тоа што опасноста е - ако не го сопреме ширењето на време, вирусот ќе еволуира. Тоа е најголемиот проблем, брзата еволуција на вирусот. Видовме претходно, во 2014 година, епидемијата на еболата почна со една генетска мутација на еден вирус кај едно лице во западна Африка. Од ретка болест еболата стана раширена епидемија зашто една мутација ја зголеми заразноста на вирусот за четири пати. Тоа можеби се случува токму сега во Иран, Италија или на некое друго место. Каде и да се случи, тоа го загрозува целиот свет. Човештвото мора да ги збие редовите во борбата против вирусот.“

Популистите и националистите ширум светот зборуваат дека глобализацијата е лоша и дека мора да ги збиеме редовите за да не добиеме нешто од другата страна на границата, вели Амампур.

„Не можете да се борите против вирусот со изолација, туку само со информации. Ако сакате да се изолирате за да не бидете изложени на надворешна епидемија, тоа не е доволно. Ако вашата стратегија на борба против епидемијата е да се изолирате, би морале да се вратите во камено доба. Вистинската граница која треба внимателно да се заштити, не е помеѓу државите, туку помеѓу луѓето и сферата на вирусот. Вирусот го загрозува целиот човечки род, за таа граница мора да размислуваме“, предупредува Харари.

Ако вирусот кој потекнува од лилјак успее да ја премине таа граница и стигне до луѓето каде било во светот, тој се прилагодува на човечкото тело и тоа е опасност за секој во светот.

„Илузија е да се мисли дека долгорочно може да се заштитите од вирусот само со затворањето на границите на својата земја. Поефикасна политика е да се заштити границата помеѓу луѓето и вирусот. Тоа може да го направите така што ќе ги поддржите здравствените системи ширум светот и ќе разберете дека нешто што се случува во Африка, Кина или Иран, не е закана само за тие држави, туку за целиот свет.“

„Потребни ни се повеќе организации како што е Светската здравствена организација. Повеќе меѓународна солидарност, да им се помогне на државите кои се најтешко погодени од епидемијата да се носат со кризата, така што ќе им се праќа опрема и персонал и уште поважно – добри научни информации и економска поддршка.“

Ако државата во која ќе избие епидемија мисли дека е препуштена самата на себе, ќе се двоуми дали да ги преземе строгите мерки на карантин зашто ќе се плаши дека ако се затворат цели градови, економски ќе пропадне и никој нема да помогне, објаснува Харари.

„Ќе кажат ‘ајде да почекаме да видиме дали е тоа опасно’, а тогаш ќе биде доцна. Да знаеше Италија дека ако воведе карантин, ќе добие помош од другите држави, порано ќе ги преземеше овие драстични мерки и тоа би било добро за сите луѓе. Секое евро што Германија или Франција ќе ѝ го дадат на Италија како помош, ќе им заштеди стотици евра зашто нема да мора подоцна во своите градови да се борат против епидемија“, вели Харари.

„Ова е тест за Европската унија, која во изминатите години изгуби дел од поддршката. Ова е шанса за ЕУ да ја докаже својата вредност. Ова е време за другите членки на ЕУ да ѝ дадат поддршка на Италија зашто ако го направат тоа, не само што ќе ги заштитат своите граѓани, туку ќе ја покажат вредноста на системот какво што е ЕУ. Ако не го сторат тоа, вирусот ќе ја уништи Унијата, а не само поединечните човечки животи.“

На прашањето како епидемијата ќе влијае врз општеството, со оглед на тоа што луѓето мора да се самоизолираат, што не е во човечката природа, Харари одговара: „Клучно е прашањето на доверба во владите, во она што луѓето го слушаат на медиумите. За да имате ефективен карантин, мора да имате соработка од страна на населението. Тоа е проблематично заради тоа што се работи за прашање на доверба, која во последните години е прилично ослабната.“

Второто долгорочно прашање е контролата. Една опасност е со оваа епидемија да се оправдаат екстремните мерки на надзор и контрола, особено биометриското надгледување, кое ќе се оправдува со вонредната ситуација, но кое би можело да остане и подоцна кога оваа ситуација ќе помине.

„Се соочуваме со голема тема за приватноста и надзорот“, предупредува Харари.

„Ќе видиме голема битка помеѓу приватноста и здравјето. Здравјето ќе победи. Луѓето ќе останат без приватност за да се заштитат од заразата. Технологијата што ја имаме е многу ефикасна и може да се користи за да го следиме целото население и да откриеме нова болест во зачеток и тогаш да ги следиме заболените и нивните контакти. Но, овој систем може да се користи и да се следат многу други работи – што мислат и чувствуваат луѓето. Оваа епидемија може да даде оправдание за забрзан развој на тоталитарните режими.“

На луѓето не им е во природата да се изолираат, тоа предизвикува осаменост, депресија.

„Луѓето се особено подложни на епидемија, зашто сме општествени животни. Така се шират епидемиите. Вирусите често го експлоатираат она најдоброто во човечката природа против нас самите. Го користат не само тоа што сакаме да се дружиме, туку и што си помагаме меѓусебно. Кога некој е болен, особено ако е тоа пријател или член на семејството, природно е да го поддржуваме, да му даваме емотивна поддршка, да се грижиме за нив, да ги допреме, прегрнеме, и така се шири вирусот. Тој вирус, најдоброто во нас го користи против нас.“

„Постојат два начини како можеме да се бориме против вирусите со социјално дистанцирање“, вели Харари.

„Еден начин е да им даваме информации на луѓето. Ако луѓето веруваат во овие информации кои ги добиваат, можат да го променат однесувањето барем додека не помине епидемијата. Вториот е тоталитарен начин, кој денес е можно да се спроведе. Можеме да надгледуваме за да ги идентификуваме почетните сигнали на болеста, имаме технологија за да оддалеку знаеме дали е покачена телесната температура и можеме да ги дознаеме сите луѓе со кои сте биле во контакт. Можеме да следиме кој ги прекршил инструкциите на владата да не се прегрнувате, да не се бакнувате. Ако луѓето веруваат во информациите и не го прават тоа заради доверба, можат да бидат присилени, а тоа е опасна насока и се надевам дека нема да одиме по тој пат“, вели Харари.


Извор: CNN


Јувал Ноа Харари е роден во Хаифа во Израел, 1976 година. Дипломирал на Универзитетот во Оксфорд, 2002 година. Професор Харари е експерт за историјата на светот, средновековната и воената историја. Моментално ги истражува макро–историските прашања за односот помеѓу историјата и биологијата, каква е суштинската разлика меѓу Хомо сапиенс и животните, дали во историјата постои правда, дали историјата има своја насока, дали со текот на историјата, луѓето стануваат посреќни, кои и какви етички дилеми пред нас ги поставува развојот на технологијата во 21-от век.


Photo: Grupo Tellus

Popular posts from this blog

Мојата генерација

Мојата генерација е генерацијата која се роди во годината во која се „роди“ и  самостојна, независна и суверена Република Македонија. Мојата генерација е генерацијата која детството го помина во периодот на транзицијата. Ова е генерацијата која се роди за време на воспоставувањето и градењето на еден комплетно нов систем. Ова е и генерацијата која живее во време на експанзија на информатичката технологијата. „Не седи на земја, ладно е!“. Колку и да Ви звучи смешно, ова беше опомената што нашите мајки и баби секојдневно нѝ ја кажува, додека по цел ден бевме на улица, игравме безгрижно и се дружевме меѓусебно. Денес ова остана само како добар спомен и сеќавање од нашето детство. И на човек му доаѓа да заплаче кога знае дека тие моменти нема никогаш повеќе да се повторат. Мојата генерација беше генерацијата која имаше безгрижно детство. Мојата генерација беше генерацијата која после наставата на училиште се враќаше дома а потоа продолжуваше со топка на улица. Мојата генерација беше

Како со позитивни мисли да ги зголемите шансите за среќа и напредок во животот?

„Тажните времиња н è  подобруваат и н è  водат кон доброто, додека добрите времиња ни го покажуваат изобилството од можности и ни ги нудат благодетите што треба да ги цениме. Исто така, сфатив дека ништо што е премногу добро или премногу лошо не трае долго.“ ~ Робин Шарма Овој текст го започнав со цитат од еден од денешните најпопуларни автори и мотивациони говорници Робин Шарма. Овој цитат можете да го препрочитате неколку пати и секогаш ќе ја согледувате неговата длабочина.  Според мене, не постои само среќно време, ниту, пак, само тажно време. Работите не се само црни, ниту само бели. Според Сведен Бринкман, професор по психологија на Универзитетот „Аалборг“:  „Одвреме-навреме животот е прекрасен, но исто така е и трагичен. Луѓето умираат во нашите животи, ги губиме, а ако ни е дозволено да имаме само позитивни мисли, тогаш оваа реалност ќе нè погоди уште посилно. Нема ништо лошо во тоа ако некој е природен оптимист или ужива во книгите за самопомош.“ Секој од нас с

Мирослав Крлежа: За човечката глупост

Мирослав Крлежа бил еден од највлијателните југословенски интелектуалци. Тој е хрватски писател кој со својата проникливост и интересен начин на опишување, многу лесно и интересно опишува општествени појави. Во својот есеј „За човечката глупост“ тој дава одлично и остроумно излагање на она што тој го смета за човечка глупост. На моменти длабоко и филозофски, на моменти духовито и шеговито, тој ја анализира човечката глупост која може да се појави во различни форми и текстот е толку добар, што ве уверувам дека ќе добиете чувство дека голем дел од споредбите и описите се напишани вчера. Со оглед на тоа дека се работи за подолг текст, решив да го поделам во два дела и да го објавам во период од два дена. Во продолжение уживајте во овој текст исто онолку колку што и јас уживав додека го преведував. Навечер, во интимен, полугласен разговор со самиот себеси, никако не можам всушност логички да го оправдам тоа што во последно време толку се вознемирувам заради глупостите на луѓето. Кога т